• недела, 22 декември 2024

Од понеделник редуциран автобуски превоз во Скопје

Од понеделник редуциран автобуски превоз во Скопје

Скопје, 31 август 2024 (МИА) - Од понеделник автобускиот градски превоз во Скопје ќе биде редуциран. Дел од приватните превозници најавуваат дека ќе возат само една линија наутро. На Јавното сообраќајно претпријатие, пак, му недостигаат автобуси за да може да го покрие зимскиот возен ред којшто почнува од понеделник. 

Од приватните превозници појаснуваат дека ќе биде пуштен само по еден автобус на една линија. Бараат да им биде исплатен долгот и да се зголеми цената која, како што посочуваат, е од пред осум години, поточно од 2017 година. 

Од друга страна, на Јавното сообраќајно претпријатие му недостигаат автобуси за да го покрие зимскиот возен ред.

Директорот на Јавното сообраќајно претпријатие  Драги Кушовски во интервју за МИА дадено во август изјави дека немаат доволен број на автобуси за да го пополнат летниот возен ред, а камоли зимскиот, и ги повика институциите да излезат во пресрет за обнова на возниот парк на ЈСП. 

Со цел да се надминат проблемите,  на 22 август беше одржана средба на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и претставници на советничките групи во Советот на Град Скопје по што беше договорено советниците да поддржат пренамена на средства за репарирање на 30 автобуси на ЈСП. 

На 29 август, на седницата на Советот на Град Скопје не добија поддршка проектите за набавка на нови автобуси и Брз автобуски превоз по што градоначалничката на Град Скопје испрати отворено писмо до Владата во кое ја повика Владата да ја спроведе набавката на новите авотбуси, а доколку немаат средства за таа намена, со одлука на Советот на Град Скопје, ќе ги префрлат потребните средства за набавката. бак/мд/

Фото: МИА архива

 

 

 

 

Остани поврзан