• сабота, 21 декември 2024

Кушовски за МИА: Недостигаат 40 автобуси за пополнување на летниот возен ред (видео)

Кушовски за МИА: Недостигаат 40 автобуси за пополнување на летниот возен ред (видео)

Скопје, 17 август 2024 (МИА) - Директорот на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Драги Кушовски во интервју за МИА потврди дека во моментов сообраќаат недоволен број на автобуси за пополнување на возниот ред и ги повика институциите да излезат во пресрет за обнова на возниот парк на ЈСП.

Возниот ред се менува во зависност од тоа со колку автобуси располага ЈСП на дневна основа, вели Кушовски, посочувајќи дека претпријатието се соочува со недостиг од 40 автобуси за пополнување на летниот возен ред. Во моментов, вели, ЈСП располага со околу 190 автобуси, а за да биде пополнет летниот возен ред потребни се 235 автобуси.

– Се надевам дека институциите ќе најдат сили да му помогнат на ЈСП, бидејќи со овој возен парк со кој што располагаме не можеме да го покриеме постоечкиот зимски возен ред. Ние не сме ни од далеку близу да го покриеме тој зимски возен ред. Правиме некои оптимизации во рамките на претпријатието, не знам дали ќе имаме доволно време да се почне со оптимизации на возни редови и не знам дали ќе имаме доволно време да ги направиме до 1 септември, бидејќи секоја оптимизација на возен ред мора да помине преку Советот на Град Скопје, рече Кушовски. 

Прашан зошто дисплеите на автобуските постојки не го покажуваат точниот возен ред, Кушовски вели согласно интерните акти, ЈСП не може да направи промена на возниот ред.

– Не можеме, согласно интерните акти, бидејќи возниот ред се утврдува преку Совет на Град Скопје и ЈСП не може сам да направи промена на возниот ред. Може да даде предлог до секторот сообраќај до Град Скопје и после до Советот за тој возен ред се прифати. Ние тоа го правиме во моментов, јас сум само еден месец тука, но сакам тоа квалитетно да биде направено, да не биде само направено дека нешто сме сработиле за да може да го дадеме предлогот понатаму, рече Кушовски.

Директорот тврди дека сите автобуси кои сообраќаат се технички исправни, поминуваат технички преглед на шест месеци и редовно се проверуваат во базите на ЈСП, но како што рече, возниот парк е стар повеќе од 13 години и тековно може да се случи каков било дефект. 

– Сите автобуси поминуваат технички преглед на шест месеци и редовно се проверуваат основните работи во нашите бази. Но сите ние сме учесници во сообраќајот и знаеме дека со возен парк стар 13 години и повеќе, тековно може да ни се случи каков било дефект, на кои секојдневно се менуваат и возачи и сообраќаат по многу километри на дневна основа и затоа кажувам автобуси кои што во моментот имаат круцијални дефекти, како што се кочници, според моите информации кои што ги добивам од службите не се пуштаат во сообраќај. За светло или некоја гребнатинка која што настанала во текот на возењето може да се случат такви работи, рече Кушовски.

За изјавите на вработените возачи во ЈСП, дека во сообраќај се пуштаат автобуси со дефект и покрај тоа што го пријавуваат дефектот, Кушовски порача да не се даваат паушални изјави кои што се непотврдени и ги повика сите вработени кои што имаат проблем да се обратат кај него, бидејќи, како што рече, создавање на таква слика во јавноста никому не оди во прилог. 

Во врска со настанот кај ТЦ „Мавровка“, кога автобус на ЈСП удри во жардињера, за што возачот тврдеше дека несреќата се случила поради дефект на кој било посочувано подолго време, Кушовски нагласи дека тоа треба да се остави на истрагата, во која се вклучени, како што посочи и Обвинителство и Министерството за внатрешни работи и со која треба да се утврди кои се причините кои што довеле до таа несреќа.

– Одговорно тврдам дека не е точно дека возилото од сообраќајката кај Мавровка недела дена претходно возело на линија Водно, тоа има возено на Водно два пати оваа година, и тоа, за периодот по Новата година кога е малку поголема фреквенцијата како помошно возило и на 2 мај. Значи дека недела дена претходно тоа возило возело на Водно не е точно. Да оставиме на истрагата, таму е вклучено и Обвинителство и Министерството за внатрешни работи и да видиме кои се причините кои што довеле до таа несреќа. Дали се тие кои што се изнесени во јавноста или можеби ќе излезат други причини, вели Кушовски.

Поголемиот дел од автобусите, директорот тврди дека имаат клима. Вели се работи за незначителен број автобуси за кои се чека поправка на климите и тие, додава, сообраќаат во раните утрински часови.

– Во поголемиот дел, над 90 отсто од автобусите имаат клима. Имаме неколку автобуси за кои што чекаме климите да се поправат, но тоа е незначителен број и тие обично ги пуштаме во раните утрински часови да сообраќаат, додека температурите уште не се високи, за да можеме да испочитуваме барем дел од возниот ред, рече директорот.

Во врска со најавите од страна на премиерот Христијан Мицкоски, дека ќе ги разгледа можностите за одземање на ингеренциите на јавните претпријатија кои што се под надлежност на Град Скопје и решавање на проблемите за јавниот градски превоз, Кушовски рече дека се работи за наследени проблеми и дека „мора да се тргне од некоја точка“. 

– Проблемите не потекнуваат од сега, тие се наследени проблеми и не се наследени од пред година, две, ниту три години, туку од многу поодамна. Не се вршела навремена обнова на возниот парк на самото претпријатие, се работело како што се работело и гледаме тоа каде довело. Наша цел е тие работи барем да ги стопираме и да не тонат надолу, туку да почнеме малку по малку да се движиме во нагорна линија, вели Кушовски.

Прашан како ЈСП да стигне до самоодржливост, директорот посочи дека мора институциите да излезат во пресрет за обнова на возниот парк, притоа со домаќинско и одговорно работење, ЈСП тековно да може да ги сервисира обврските.

Претпријатието има свои обврски, додаде, но и свои барања од институции и приватни компании кои треба да се плаќаат редовно за да може да претпријатието да функционира.

– ЈСП има обврски, но има и побарувања и од институции и од приватни компании, тука треба нашите побарувања да бидат наплатени, да почнат да се плаќаат редовно за да можеме ние самите да функционираме. Голем дел во сервисирањето на нашите обврски имаат приходите од самото претпријатие, кои што мора да ги зголемиме и работиме на тоа да бидат истите зголемени, подвлече Кушовски.

Упати апел до граѓаните да плаќаат билет при употреба на јавниот превоз, додека оние кои веќе имаат да ги валидираат своите билети.

– Апелирам до граѓаните за нивната свесност дека мора да ги плаќаат своите билети во автобусите при возењето и да ги валидираат оние кои што имаат билети, дали се бесплатни или платени да прават валидации, а оние кои што немаат да си купуваат билет, порача Кушовски.

Андреја Ристески

Фото: Дарко Попов

Видео: Аслан Вишко 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан