• среда, 15 мај 2024

Обраќање на претседателот на Собранието на РСМ Јован Митрески на 62. Состанок на комитетот за социјална и хуманитарна политика

Обраќање на претседателот на Собранието на РСМ Јован Митрески на 62. Состанок на комитетот за социјална и хуманитарна политика

Скопје, 5 март 2024 

Обраќање на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија

г-дин Јован МИТРЕСКИ

Почитуван генерален секретар на ПАБСЕК г-дин Ашав Хаџиев,

Почитуван претседавач г-дин Муса Гулијев,

Почитувани членови на Комитетот за социјална и хуманитарна политика на PABSEC,

Почитувани пратеници,

Дами и господа,

Пред сѐ дозволете ми да Ви посакам добредојде и да Ви изразам благодарност што денеска сте тука во македонското Собрание, каде ќе се одржи 62иот состанок на Комисијата за социјална и хуманитарна политика на Парламентарното Собрание на Организацијата за Црноморска економската соработка (ПАБСЕК).

Овој состанок има посебно значење за македонското Собрание поради тоа што за прв пат ние сме домаќини на состанок од ваков формат, по зачленувањето на нашето Собрание во Парламентарното Собрание на Организацијата за Црноморска економска соработка во 2022 година.

Соработката што ја овозможува оваа организација е од исклучително значење за Северна Македонија, но верувам и за секоја земја членка на ПАБСЕК, бидејќи меѓусебната соработка, размената на искуствата, размената на предизвиците со кои секоја земја поединечно се соочува се суштински во креирањето на долгорочни и одржливи политики.

Несомнено, тоа е и важен фактор за јакнење на кохезијата и соработката меѓу земјите во регионот, бидејќи и самите сме свесни дека со глобализацијата, нема веќе локални проблеми, па дури и се помалку има регионални проблеми. Се повеќе, како држави, во зависност од демократскиот и од економскиот развој, се соочуваме со горе долу исти проблеми.

Оттука силно сме упатени на меѓусебна соработка и на заеднички пристап во надминувањето на предизвиците со кои се соочува секоја земја поединечно.

Морам да истакнам дека, темите што ги обработува оваа Комисија – културата образованието и социјалните прашања се теми кои се од клучно значење за секое општество и затоа е многу значајно

што денеска како парламентарни претставници сте заедно тука и што ќе разговарате за најзначајните процеси на овие полиња.

Од овој форум, посветен на анализа, како и креирање на политики во областите на културата, образованието и социјалните прашања, верувам дека ќе произлезат конкретни патокази за надминување на заедничките предизвици, но и ќе упатат на натамошно продлабочување на меѓусебната соработка.

Затоа што историски е докажано дека заедно сме посилни, попродуктивни и поефикасни.

Го охрабрувам секој од вас слободно да ги сподели своите перспективи, согледувања и искуства, поврзани со агендата. Заедно, можеме да истражуваме иновативни решенија, да идентификуваме акциски стратегии и да ги поставиме темелите за попросперитетна и инклузивна иднина.

Ви посакувам успешен и продуктивен состанок.

Прес-служба на собранието на РСМ 

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

фото МИА архива

 

 

Остани поврзан