НУБ „Свети Климент Охридски“ одбележува 80-годишен јубилеј
- Старословенски ракописи, музичките партитури, ретките карти и книги, сега се на сигурно, во дигитална форма, непокорно пркосејќи му на заборавот и на времето. Македонската култура, овековечена во овие дигитални артефакти, денес е достапна насекаде, носејќи ја нашата историја, музика и мисла ширум светот. Тука, во овие ѕидови исполнети со вековна мудрост, приказните на нашите предци се пренесуваат од генерација на генерација, а делата на нашите современици ја осветлуваат патеката кон иднината, истакна Сиљановска - Давкова.
Скопје, 23 ноември 2024 (МИА) - Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ во Скопје попладнево свечено го одбележа јубилејот - 80 години од именувањето на првиот директор и започнувањето со работа на библиотеката во слободна Македонија со заповед на Поверенството за народна просвета на Президиумот на АСНОМ на 23 ноември 1944 година.
Претседателката на државава Гордана Сиљановска - Давкова пред присутните рече дека НУБ „Свети Климент Охридски“ е океан на духовна храна, непресушен вруток на знаење, космос на идеи, вулкан на нови сознанија. Таа, додаде, е светилник на умот и срце на мудроста.
- Осум децении од првите чекори на оваа институција, насловена како Народна библиотека, со првичен фонд од 150.000 книги, 50 читатателски места и 12 вработени - вљубеници во книгата, се осум децении на учење, борба, непокорност и истрајност во мисијата - чувар на македонскиот идентитет, култура и колективна меморија. Од 1944 година, кога се круниса ослободувањето на таковината, па до денешната дигитална ера, библиотеката континуирано ги надминува границите на просторот и времето, посочи претседателката.
Во историските мигови на раѓање на македонската државност, додаде таа, среде пепелта на војната, асномските визионери го положија темелот на народна библиотека - храм на словото и речта, симбол македонската ренесанса.
- Во скромен, но, свет простор, таа не собра само книги, туку и идеали, визии и надеж. Стана сонце на македонскиот дух, мост меѓу минатото и сегашноста, симфонија на мислите, буквите, речениците, сликите и мечтите. Чекорењето на оваа легендарна институција беше тежок, трнлив, полн со премрежја и предизвици. Катастрофалниот земјотрес не го разурна само убавиот град, туку и најголемиот дом на книгите-библиотеката, но, не и духот на библиотеката и библиотекарите. Над половина милион книги го изгубија животот. Со истрајност и несебична пожртвуваност, библофилите се бореа за секој ракопис, секоја книга, секој збор - свесни дека го спасуваат, не само културното наследство, туку и душата на еден народ, подвлече Сиљановска-Давкова.
Сиљановска - Давкова додаде дека во годините потоа, по привремениот престој во „Даут пашин амам“ и монтажниот објект, библиотеката, во 1971, се вселува во својот нов дом.
- Растеше, се развиваше и иновираше. Создаваше непроценливи збирки: збирка со старословенски ракописи, ориенталните ракописи, ретки книги и периодика: кредибилни историски сведоци. Секој дел од библиотеката е зрак од нашето културно сонце, причина за гордост и инспирација. Замислете си град со три милиони жители - библиотечни единици, сведоци и чувари на минатото, творци на нови вредности. Потсетете се на првите луѓе на библиотеката, меѓу кои и врвни писатели, интелектуалци, ерудити, заколнати пријатели на книгите, нагласи Сиљановска - Давкова.
Со дигитализацијата на своите богатства, како што посочи, оваа институција зачекори кон нова епоха.
- Старословенски ракописи, музичките партитури, ретките карти и книги, сега се на сигурно, во дигитална форма, непокорно пркосејќи му на заборавот и на времето. Македонската култура, овековечена во овие дигитални артефакти, денес е достапна насекаде, носејќи ја нашата историја, музика и мисла ширум светот. Тука, во овие ѕидови исполнети со вековна мудрост, приказните на нашите предци се пренесуваат од генерација на генерација, а делата на нашите современици ја осветлуваат патеката кон иднината, истакна Сиљановска - Давкова.
Како што рече таа, НУБ „Свети Климент Охридски“ е, не само духовна ризница, туку и амбасадор на македонската културна историја, чувар на македонскиот идентитет и симбол на вечноста.
- Дозволете ми, да им изразам најдлабока благодарност на сите, кои со својата пожртвуваност, љубов и визија, го градеа и се вградија во ова културно светилиште во изминатите осум децении. Нивното наследство е наш завет - да ја чуваме и славиме мудроста на словото. Не случајно и не попусто, НУБ „ Свети Климент Охридски“ е лауреат на: орденот „Заслуги за народ“, наградата „ 11 Октомври“, Повелбата на културата „Климент Охридски“. Не случајно и не попусто, во овој дом се вдомиле и „Британскиот совет“, „Гетеовиот институт“, Кинескиот културен центар „Конфуциј“. Не случајно и јас сум домувала овде, работејќи на магистерскиот труд и докторатот, уживајќи во светот на книгите. Можеби затоа, проблемите со што се соочуваше оваа уникатна институција, ги доживував како свои, солидаризирирајќи се со книгите и нивните верни пријатели, сподели претседателката.
Пред присутните се обратија и в.д. директорот Јовица Никчевски и државниот секретар во Министерството за култура и туризам, Марија Ѓоргова. бд/бак/
Фото: МИА