• недела, 22 декември 2024

Нови 38 случаи на голема кашлица, од нив шестмина хоспитализирани

Нови 38 случаи на голема кашлица, од нив шестмина хоспитализирани

Скопје, 7 јуни 2024 (МИА) - Нови 38 случаи на пертусис, народски кажано голема кашлица, се регистрирани во државава од 31 мај до 6 јуни. Од новозаболените, хоспитализирани се шест лица. Во однос на географската дистрибуција, најголем дел од случаите се пријавени во епидемијата во Скопје - 26, а пријавени се и четири случаи од Битола, три од Тетово и по еден од Пробиштип, Прилеп, Куманово, Гевгелија и од Кавадарци, информираат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во најновиот извештај, објавен попладнево.

- Возраста на заболените се движи од еден месец до 68 години. Најголем број случаи се од возрасната група од пет до девет години. Во однос на вакциналниот статус на заболените, 28 лица се некомплетно вакцинирани, невакцинирани или имаат непознат вакцинален статус, петмина се комплетно вакцинирани, а останатите пет се вакцинирани согласно возраст, пишува во извештајот. 

Заклучно со вчерашниот ден, во нашата држава се евидентирани вкупно 699 случаи на голема кашлица, со инциденца од 38,1/100.000 жители.

- Тоа претставува неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период - од 2019 до 2023 година, кога се регистрирани вкупно 10 случаи. Дистрибуцијата на случаите по однос на место на живеење, покажува дека најголем број лица живеат во Скопје - 554 или 79,3 отсто со зафаќање на 17 општини, се појаснува во извештајот на ИЈЗ.

Од вкупниот број заболени, хоспитализирани се 100 лица, од кои 84 на возраст до четири години, покажуваат податоците на Институтот. Најголем број од случаите - 69, се хоспитализирани во Универзитетската клиника за белодробни заболувања кај деца во Козле. Од вкупниот број хоспитализирани лица, 89 се испишани. Во просек, заболените биле хоспитализирани по девет дена.

Во тек се две епидемии пријавени во ниво на територијата на Скопје и на Куманово.

Од 18 јануари до 6 јуни, дадени се вкупно 52.939 дози вакцина со компонента против голема кашлица. бд/нд/

Фото: МИА архива; Институт за јавно здравје

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан