• вторник, 14 мај 2024

Нова програма за обука за кондиторство, пекарство и слаткарство отвора Прогресив Академијата од Виница

Нова програма за обука за кондиторство, пекарство и слаткарство отвора Прогресив Академијата од Виница

Виница, 26 март 2024 (МИА) – Тимот на компанијата „Макпрогрес“ од Виница заедно со Прогресив Академија и Prime Point Partners ja претстави првата сертифицирана Винчини Академија во чии рамки се отвора нова програма за кондиторство, пекарство и слаткарство.

На презентацијата пред претставниците од сродни компании, од средните технички училишта и од други организации, беше нагласено дека Развојниот центар Винчини успешно го проширува својот делогруг на работа за што програмата за производители на кондиторски и пекарски производи официјално доби национална сертификација.

-Во соработка со Prime Point Partners успешно развивме материјали за обука и наставен план за серифицираната програма, што воедно е и прва програма во Македонија од ваков профил. Оваа програма им овозможува на учесниците на обуката да учат од реномирани инструктори и да се вклучат во практична работа во најсовремениот центар за истражување и развој на Винчини, истакна Александра Кирилова, директорка на Прогресив Академија.

Извршниот директор на компанијата „Макпрогрес“, Глигор Цветанов оцени дека со имплементација на оваа програма ќе се даде позитивен одговор на потребите на компаниите од прехранбениот сектор, но и на општеството во целина.

-Ние целиме да создадеме пат за подобро општество, каде квалификуваната работна сила е достапна и каде компаниите во прехранбениот сектор можат да го најдат неопходниот талент за своите потреби, истакна Цветанов.

На претставување на новата програма, присутните се запознаа со модулите и наставниот план со кој се очекува да се надмине недостигот од стручен и обучен кадар што сè повеќе е присутен на пазарот на трудот.

Компанијата „Макпрогрес“ и фондацијата Прогресив Академија од Виница потпишаа меморандум за соработка со словенечкиот Биотехнички образовен центар од Љубљана, а во рамки на новата програма истакнати професори од Словенија ќе имаат улога на предавачи во самите модули. та/мч/

фото: МИА

Остани поврзан