ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје: Подигнати 22 194 кубни метри отпад од диви депонии во 2024 година
- ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје информира дека од јануари до декември 2024 година отстраниле вкупно 22 194 кубни метри отпад од голем број диви депонии лоцирани во сите скопски општини.

Скопје, 15 јануари 2025 (МИА) - ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје информира дека од јануари до декември 2024 година отстраниле вкупно 22 194 кубни метри отпад од голем број диви депонии лоцирани во сите скопски општини.
- Дивите депонии се создаваат како резултат на несовесното и непрописно одлагање отпад на јавни или сообраќајни површини со што директно се загадува животната околина и се загрозува јавното здравје. Најмногу диви депонии во текот на 2024 година се расчистени во општините
Чаир, Ѓорче Петров и Аеродром, каде е констатирана и најчеста појава на таканаречени „црни точки“ – локации каде во рамки на подолг временски период е забележано континуирано непрописно одлагање отпад, се вели во соопштението.
ЈП „Комунална хигиена“- Скопје потсетува дека продолжува на граѓаните да им ја нуди можноста својот стар мебел и неупотребливите електронски и електрични уреди да ги одложат без плаќање надомест во Центарот за селекција на отпадот во Карпош, секој ден во неделата, од 9 до 19 часот.
На бесплатниот телефонски број 0800 222 33, жителите на Град Скопје може да ја нарачаат и услугата за преземање и транспорт на кабастиот отпад директно од нивните домови со специјалните возила на ова јавно претпријатие, што се наплаќа согласно однапред утврден Ценовник, објавен на веб-страницата на претпријатието. мд/аа/
Фото: ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје