• четврток, 21 ноември 2024

На денешен ден

На денешен ден

21 ноември 2024 (МИА) 

 

- Светски ден на телевизијата.

 

1658.- Во Лондон е роден Хенри Персел, најзначаен англиски композитор од времето на ренесансата. Компонирал опери, химни, оди, црковна музика, сонати и друго. Негови главни дела се оперите "Дидона и Енеј", "Вилинска кралица" и "Кралот Артур". Умрел во 1695 година. 

 

1694.- Во Париз е роден Франсоа Волтер, француски писател, историчар и филозоф. Тој бил претставителен и во вистинска смисла на зборот, еден од најслободоумните луѓе на тогашна Европа, голем противник на мрачниот период на црквата и клерикализмот, иако не бил атеист. Негово најпознато дело е фолозофско-дидактичкиот роман "Кандит". Напишал и неколку епопеи, историски дела, трагедии и комедии. Умрел во Париз на 30 мај 1778 година. 

 

1783.- Французите Франсоа Пилатр де Розије и Франсоа Лоран први извеле успешен лет со балон наполнет со топол воздух, прелетувајќи над Париз осум километри за 25 минути.

 

1818.- Роден е Луис Хенри Морган, американски етнолог и социолог. Неговите студии за животот на американските Индијанци му послужиле на Енгелс како основа за книгата "Потеклото на фамилијата, приватната сопственост и државата". Умрел на 17 декември 1881 година. 

 

1844.- Умрел рускиот писател Иван Андрејевич Крилов. Покрај басни, пишувал и сатирични „писма“ и комедии. Пишувал на изворно народен јазик, а многу од неговите изреки станале народни поговорки. Значитело влијаел врз европската литература. Дела: збирки басни, комедии „Модна трговија“, „Книжевник во предсобјето“, комичната опера „Хистерично семејство“, „Кафеана“. 

 

1875.- Во селото Русиново, Беровско, е роден Никола Петров Русински, истакната личност од националната историја на македонскиот народ, социјалист и револуционер, близок соработник на Гоце Делчев, Васил Главинов и на други видни македонски револуционери. Умрел во родното село Русиново, на 14 февруари 1943 година. 

 

1877.- Томас Едисон (американски физичар и пронаоѓач) го соопштил пронаоѓањето на фонографот - претходник на грамофонот. 

 

1900.- Во Софија, во салонот „Славјанска беседа“ била одржана праизведбата на пиесата „Македонска крвава свадба“ од основположникот на македонскиот театар и драматургија, македонскиот писател Војдан Чернодрински. 

 

1916.- Умрел австрискиот цар Франц Јозеф кој владеел од 1848 до 1916 година. Со помош на Русија ја задушил револуцијата во Унгарија во 1849 година. Воспоставил централистички систем со ограничени традиционални покраински слободи. Со прогласувањето на Австро-унгарија со спогодбата во 1867 година отстапил од строгиот централизам. По Берлинскиот конгрес во 1878 година ја окупирал Босна и Херцеговина, која била анектирана во 1908 година. Го искористил атентатот врз престолонаследникот Франс Фердинанд во 1914 година во Сараево како повод да изврши напад врз Србија, што завршил со пропаст на неговата држава во 1918 година.

 

1933.- По одлуката на претседателот на САД Френклин Рузвелт да се воспостават дипломатски односи со Советскиот Сојуз,  првиот американски амбасадор во Москва  Кристијан Булит стапил на должноста.

 

1944.- Претседателството на АВНОЈ во Втората светска војна целиот имот на непријателот го прогласило за државен имот. 

 

1977.- Во југоисточна Индија циклон усмртил околу 3.000 луѓе, а огромните морски бранови - цунами уништија до темел неколку села. 

 

1986.- Во Скопје умрел Георги Божиков, истакнат македонски оперски уметник, првенец на Операта при Македонскиот народен театар. Роден бил во Петрич, во 1931 година. 

 

1992.- Во Скопје бил одржан Првиот конгрес на Лигата за демократија. 

 

1994.- Во Солунското пристаниште биле блокирани 19.500 тони американска пченка за Македонија. 

 

1995.- Во американскиот град Дејтон била парафирана спогодбата за крај на граѓанската војна во Босна и Херцеговина. 

 

1999.- Во Тетово било одржано Основачко собрание на политичката партија Единство на Ромите во Македонија. За претседател на партијата бил избран Мефаил Алити. Регистрирана била на 22 февруари 2000 година, со седиште во Скопје. 

 

2002.- Поранешните членки на Варшавскиот пакт - Бугарија, Естонија, Летонија, Литванија, Романија, Словачка, како и Словенија добиле покана за полноправно членство на Алијансата на Самитот на НАТО во Прага во првата половина на 2004 година.

 

2006.- Британија забранила рекламирање на нездравите прехранбени производи наменети за децата, со што од телевизиските програми биле отстранети рекламите на солените, пресолените и мрсните јадења. Преземените мерки се однесувле за сите програми во текот на 24 часа, како и на сите телевизиски канали. 

 

2006.- Во рудникот за јаглен Халембо, на југот од Полска, во местото Руда Шљонска, еден од најстарите рудници за јаглен во Полска, загинале 23 рудари. Експлозијата на метан се случила на нешто повеќе од илјада метри длабочина. Од 2003 година повеќе од 80 рудари загинале во рудниците во Полска.

 

2007.- Пакистанската војска ликвидирала 65 проталибански бунтовници. До суридот дошло во планинскиот регион Сват во северозападен Пакистан, со цел војската да ја поврати полициската станица која била заземена од исламски терористи. Пакистанската војска претходно спровела конструктивна операција за да ги отстрани побунетите следбеници на проталибанскиот верски водач Маулан Фазлулах. 

 

2017.- Во Лондон на 55-годишна возраст почина Дмитриј Хворостовски, прочуен руски оперски певец. На Хворостовски во 2015 година му беше откриен тумор на мозокот, по што тој објави крај на кариерата. Сепак, годинава во мај непланирано се појави во Метрополитен операта во Њујорк и отпеа арија од „Риголето", што му беше една од најсилните страни. Во 2013 година тој настапи и на отворањето на манифестацијата „Охридско лето“ во Античкиот театар. Во 2015-та беше одликуван со Орденот „Александар Невски“, а годинава го доби рускиот Орден за заслуги за татковината. 

###

Остани поврзан