• недела, 22 декември 2024

Промоција на книгата „Анимистичките концепти во сказните“ од Розе Нешковска Славковска

Промоција на книгата „Анимистичките концепти во сказните“ од Розе Нешковска Славковска

Скопје, 7 ноември 2024 (МИА) - Во Едукативниот и културен центар „Лабораториум“ во Скопје денеска ќе биде промовирана книгата „Анимистичките концепти во сказните“ од Розе Нешковска Славковска, која неодамна ја публикуваше „Македоника литера“.

Книгата ќе ја промовира проф. д-р Трајче Стамески, кој е и автор на поговорот во книгата. Во книгата е објавен предговор од проф. д-р Нина Анастасова Шкрињариќ.

Предмет на истражување во овој труд е анимистичкиот концепт за надворешната душа и неговото присуство во македонскиот сказничен фолклор. Анимистичките претстави во сказните се толкуваат од аспект на примитивните анимистички концепти кои се универзални во сказните на сите народи во светот.

Книгата содржи интерпретации на фолклорните мотиви со митолошко-ритуалистичката експликација на врвните митолози, антрополози и фолклористи во светот, а резултатите се применети во повеќе научни дисциплини: фолклористика, антропологија, компаративна митологија и историја на религиите.

-Прикажувајќи ги анимистичките концепти во македонскиот сказничен фоклор, оваа книга ги продолжува и ги надградува постојните истражувања на овој феномен во македонската фолклористичка наука. Новитетите и знаењата кои ги нуди се особено значајни во делот на интерпретацијата на македонските волшебни приказни (сказни) од повеќе тематски аспекти на анимизмот и сите негови значенски модификации. Особено значајни за македонската фолклористичка наука е анализата на аспектите на метаморфозата на надворешната душа во сказните запишани од Кузман Шапкарев и Марко Цепенков. Во овој дел од книгата, Нешковска Славковска нуди релевантна типологија на метаморфозите на душата во материјален или нематеријален објект, како и комбиниран тип на преобразби со солидна научна интерпретација врз апликативен материјал од повеќе репрезентативни македонски волшебни приказни: „Бабината мома Злата Позлатена“, Силјан Штркот“, „Дуња Ѓузели и царскиот син“, „Четириесетте царски синои и чети-риесетте снаи, големата змија, Ламјата, Арапо, Царо и Дервишот“, соопштија од „Македоника литера“.

Розе Нешковска Славковска дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици, а магистрирала во 2016 година на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Оваа книга е ревидирана верзија на магистерскиот труд подготвен под менторство на проф. д-р Нина Анастасова Шкрињариќ.бт/са/

Фото: „Македоника литера“.

Остани поврзан