Во Кавадарци работна средба на директори на библиотеки, се разговара за приоритети
- Проблеми од правен и законски карактер и простор за чување книги биле едни од најчестите проблеми со кои се соочувале библиотеките во државава, а некои библиотеки се соочувале и со мал број на читатели. Вака одговорија на прашање од МИА претставници на Библиотекарското здружение на Македонија пред денешната работна средба во Кавадарци. Во Градската библиотека Феткин беа присутни директори од јавни и национални библиотеки од повеќе градови во државата.
Кавадарци, 20 декември 2024 (МИА) – Проблеми од правен и законски карактер и простор за чување книги биле едни од најчестите проблеми со кои се соочувале библиотеките во државава, а некои библиотеки се соочувале и со мал број на читатели. Вака одговорија на прашање од МИА претставници на Библиотекарското здружение на Македонија пред денешната работна средба во Кавадарци. Во Градската библиотека Феткин беа присутни директори од јавни и национални библиотеки од повеќе градови во државата.
Јана Михајловска, претседателка на Библиотекарското здружение на Македонија, која доаѓа од Националната универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ - Скопје, што годинава одбележа 80 години јубилеј, рече дека еден од најчестите проблеми со кои се соочуваат библиотеките во државата е просторот за чување книги. Токму затоа лани Библиотекарското здружение направило проект во врска со тоа, финансиран од Министерството за култура и туризам. Некаде, библиотеки се соочувале и со мал број на читатели, зависно од градот, интересот и многу други фактори што биле во прашање. Можеби, додаде таа, со ваков проблем се соочуваат библиотеки во рамки на домови и центри за култура, тоа го покажало ланското искуство. Таму бил поистакнат тој проблем, дека читаноста е навистина мала, интересот бил многу мал.
-Размислуваме што може да се направи. Дали се тоа различни настани што ќе се организираат, па ќе привлечат публика, па младите да се привлечат. Да бидеме реални и малку од дома да се има влијание, бидејќи читањето, меѓу другото, се учи и дома, дека книгата треба да биде дел од животот. Имаме предизвици со кои се соочуваме, но на нив работиме, нагласи Михајловска.
Директорот на кавадаречката библиотека Петар Гурев истакна дека имаат повеќе проблеми со кои се соочуваат, најголем дел од нив се од правен карактер и од законски карактер.
-Законот за библиотеки има работи што не се доречени, а дел од Законот за култура што е општ, е неприменлив за библиотеките. Еден од приоритетите за наредните години, ни е корекција на законските решенија, подвлече Гурев.
Во меѓувреме, преку меѓусебна соработка, соработка со институциите, барале начини како внатрешно да ги уредат тие работи.
Гурев како член на Извршниот одбор во Здружението, како претставник на јавните библиотеки, додаде дека кавадаречката библиотека заокружува уште една успешна година.
На денешната средба во Кавадарци имаше промоција на книга, а директори на јавни и национални библиотеки се собраа за да разговараат за постигнатото и за приоритетите за наредниот период. свд/мд/
Фото: МИА