• недела, 19 мај 2024

Панел-дискусија за подобрување на квалитетот на македонското образование

Панел-дискусија за подобрување на квалитетот на македонското образование

Скопје, 17 јануари 2024 (МИА) - Во рамки на кампањата на Владата „Европска иднина, поблиску од кога било“, Министерството за образование и наука и Националната агенција за европски образовни програми и мобилност вечер организираат панел-дискусија посветена на образованието и младите. Темата е „Младински перспективи: Подобрување на квалитетот на македонското образование преку интеграцијата во ЕУ“. 

Воведно обраќање ќе има министерот за образование и наука Јетон Шаќири. На панел-дискусијата ќе учествуваат директорот на Националната агенцијата за европски образовни програми и мобилност Марко Ѓоргиевски, Ѓорги Тасев, советник за млади на претседателот на Владата, Давид Дамјаноски, претседател на Комисијата за надворешна соработка при Универзитетското студентско собрание на УКИМ и Благица Ефтимова, проектна менаџерка и координаторка во ЦЕТ Платформа.

На панел-дискусијата ќе бидат презентирани можностите и перспективите за младите достапни преку програмите на Европската Унија за размена и соработка со европските образовни институции.

Присутните ќе имаат можност да добијат повеќе информации и за потенцијалните придобивки што членството во ЕУ ќе ги донесе во насока на подобрување на квалитетот на македонското образование, зголемување на вработливоста на младите, зајакнување на дијалогот на најразлични теми и помош за издигнување на младинскиот активизам.

Кампањата на Владата „Европска иднина, поблиску од кога било“ има за цел да истакне придобивки од евроинтеграцискиот процес и членството во ЕУ за граѓаните на Северна Македонија. Кампањата ќе овозможи и подобро разбирање на реформите врзани со евроинтеграциите и приближување на европските вредности.

Панел-дискусијата ќе се пренесува и во живо на каналот на Владата на YouТube. мд/лв/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан