• сабота, 27 април 2024

Напад во Москва: Додека Русија тагува за жртвите од пукањето во концертна сала, како ќе реагира Путин?

Напад во Москва: Додека Русија тагува за жртвите од пукањето во концертна сала, како ќе реагира Путин?

25 Март 2025

Би-Би-Си

На московската авенија Нов Арбат се поставени едни од најголемите видео екрани во Русија.

Деновиве сите тие ја прикажуваат истата џиновска слика: Запалена свеќа и рускиот збор „Скорбим“ („Тагуваме“).

Русија тагува за жртвите од масакрот во Крокус Сити Хол. Нема конечна бројка на загинати. Потрагата по телата продолжува.

Низ целата земја руската тробојка е на половина копје, забавните и спортските настани се откажани, телевизиските водители се облечени во црно.

Можеби не е во центарот на Москва, но Крокус Сити Хол е едно од најистакнатите музички места во Русија.

Но, петочното крвопролевање ја претвори концертната сала во пекол. Напаѓачите убиваа не само со куршуми, туку и со оган. Ја запалија зградата и создадоа пекол. Видеото објавено од Истражниот комитет на Русија покажува дека покривот се урнал. Исто и метални греди.

Пред зградата се уште стојат полициски ленти. Од местото каде што стојам, можам да видам еден изгорен дел од забавниот комплекс. Тоа е навестување на пустошот внатре.

Луѓето стојат во редици за да положат цвеќе на импровизираното светилиште за жртвите на злосторството. Планината од предмети со кои се изразува почит станува сè поголема. Освен што оставаат рози и каранфили, посетителите тука поставуваат кукли и меки играчки на цвеќињата. Тоа е затоа што меѓу загинатите има и деца.

Луѓето исто така оставаат пораки. Една е упатен до напаѓачите:

„Вие сте ѓубриња, никогаш нема да ви простиме.

Меѓу толпата овде има мешавина од тага и гнев.

„Срцето на земјата боли“, вели Татјана, која дојде за да положи цвеќе. „Душата ми плаче. Русија плаче. Толку многу млади луѓе беа убиени. Се чувствувам како да ми загинаа моите деца“.

„Тоа беше голем шок“, вели Роман. „Живеам во близина и видов што се случи од мојот прозорец. Тоа е ужасно и голема трагедија“.

„Кој и да го извршил ова, тој не е човек. Тие се наши непријатели“, ми вели пензионер по име Евгениј. „Мислам дека треба да го откажеме мораториумот на смртната казна. Барем за терористите.

Четворица осомничени се обвинети за терористички дејствија за нивната наводна улога во пукањето, а московскиот окружен суд Басмани им одреди да останат во притвор два месеци.

Тие се идентификувани како Далерџон Баротович Мирзоев, Саидакрами Муродали Рачабализода, Шамсидин Фаридуни и Мухамедсобир Фајзов на официјалниот Телеграм канал на московскиот суд.

Мирзоев, државјанин на Таџикистан, се изјаснил за виновен по сите обвиненија.

Групата Исламска држава тврди дека стои зад масовното пукање во Крокус Сити Хол. Таа објави графички слики од напаѓачите. Американските власти рекоа дека немаат причина да се сомневаат во тоа преземање на одговорност.

Реакцијата овде беше многу поинаква.

Руските власти ја промовираат идејата дека, некако, на некој начин, Украина стои зад бруталниот напад.

Во своето телевизиско обраќање во саботата, рускиот претседател Владимир Путин изјави дека четворицата вооружени напаѓачи биле уапсени во обид да побегнат во Украина. Тој навел дека „им бил подготвен премин од украинската страна да ја преминат границата“.

Киев ги отфрли ваквите наводи. Тоа не ги спречи про-Кремљ коментаторите да ги повторуваат тврдењата за поврзаност со Украина.

Провладиниот весник Московски Комсомолец на својата веб-страница објави бесен антиукраински став. Под наслов „Украина мора да биде прогласена за терористичка држава“, написот го донесе овој заклучок: „Време е да се уништи режимот во Киев … целата таа банда мора да умре. Русија има ресурси да го направи тоа“.

Што го покренува клучното прашање. Како Кремљ ќе реагира на овој разорен напад? Дали руското раководство планира да го искористи она што се случи во Крокус Сити Хол за да ја оправда евентуалната натамошна ескалација на руската војна во Украина?

Фото: ЕПА

Остани поврзан