• понеделник, 20 мај 2024

Мјанмар ослободи 600 приведени демонстранти

Мјанмар ослободи 600 приведени демонстранти
Најпјидо, 24 март 2021 (МИА) - Мјанмар ослободи од затвор повеќе од 600 лица, приведени на протестите организирани поради преземањето на власта од страна на армијата. Демонстрантите бараа ослободување на лидерката Аунг Сан Су Чи и другите уапсени и враќање на демократијата во земјата. „Денеска ослободивме 360 мажи и 268 жени од затворот Исеин“, изјави висок претставник на затворот. Во 10 часот по локално време 16 автобуси го напуштија затворот. Локалните медиуми јавија дека во текот на ноќта во Мандалај настана хаос со палење на барикади, апсења, инвазија на домови од страна на безбедносните сили, тепање и пукање. Три лица беа убиени во вторникот, вклучувајќи и седумгодишно девојче кое беше застрелано во нејзиниот дом во Мандалај, според Здружението за помош на политички затвореници (ААПП). Групата за помош „Спасете ги децата“ и ААПП соопштија дека најмалку 20 лица на возраст под 18 години биле убиени во оваа акција. „Згрозени сме што децата продолжуваат да бидат меѓу целите на овие фатални напади против мирните демонстранти. Безбедноста на децата мора да биде заштитена под сите околности и го повторуваме нашиот повик до безбедносните сили веднаш да стават крај на овие смртоносни напади врз демонстрантите“, се вели во соопштението на „Спасете ги децата“. Организација соопшти дека е крајно загрижена за притворањето „стотици млади луѓе“. Хунтата на Мјанмар во вторникот ја бранеше седумнеделната акција, нагласувајќи дека нема да толерира „анархија“. Таа потврди дека има 275 смртни случаи од пучот и повеќе од 2.800 приведени. Војската на Мјанмар на 1 февруари воведе вонредна состојба, ја презеде власта во државата и потврди дека уапсила високи владини функционери под обвинување за измама на минатогодишните избори, меѓу кои и Аунг. Власта ја презеде командантот на вооружените сили генерал Мин Аунг Хлаинг, кој смени 24 министри и заменици. паг/

 

Остани поврзан