• петок, 22 ноември 2024

Мултимедијален настан „Украина е...“

Мултимедијален настан  „Украина е...“

Скопје, 9 октомври 2024 (МИА) - Центарот за современи уметности – Скопје и LOGS Асоцијацијата од Романија денеска организираат мултимедијалнен настан насловен „Украина е...“  што ќе се одржи во Мобилната монтажна галерија во паркот на Франкофонијата во  Скопје.

-Целта на настанот е да ја зголеми свеста за состојбите со кои се соочува Украина заради руската агресија и на тој начин да придонесе кон ширење на вистините за случувањата во Украина, како и да ја зголеми солидарноста кон милиони украински бегалци раселени насекаде низ Европа. Настанот се состои од три елемента - изложба, музички дел и дегустација на традиционална украинска храна, наведуваат организаторите.

Изложбата „Украина е…“  претставува кураторски концепт на украинската кураторка  која моментално живее во Темишвар, (Романија) Јана Розбицкаја, кој преку серија фотографии ги претставува најважните карактеристики на современата и традиционалната украинска култура, но ги презентира и придобивките што Украина и украинската култура ги дале на целиот свет.

Музичкиот дел е планиран со настап на украинските вокални изведувачи Ана Бречко, Софија Ковалова и Лесја Баженова кои ќе интерпретираат модерна и традиционална украинска  музика.

Финално на настанот посетителите ќе имаат можност да дегустираат вкусови и ароми на традиционална слатка украинска храна, домашно приготвена со љубов од украинските бегалци кои се наоѓаат во Романија.

Првиот настан двете организации го одржаа вчера, во форма на отворен разговор на тема „Културата и културната дипломатија во времиња на војни – Искуства и предизвици“. Идејата на отворениот разговор посветен на културната дипломатија беше да се дискутира како уметноста и културата можат да се  вклучат и да се користат како средство за иницирање соработка и меѓусебно разбирање помеѓу државите и нациите, вклучувајќи размена на идеи, уметнички дела и продукција, со цел подобро меѓусебно разбирање и доверба во времиња на војни и конфликти. вг/

Фото: Принтскрин

Остани поврзан