• петок, 22 ноември 2024

МП: Настанатата ситуација со полагањето на квалификациониот испит е пролонгирана заради објективни причини

МП: Настанатата ситуација со полагањето на квалификациониот испит е пролонгирана заради објективни причини

Скопје, 11 јануари 2024 (МИА) - Министерството за правда никогаш не се мешало ниту пак ќе се меша во иднина во спроведување на квалификациониот испитот во Академијата за судии и јавни обвинители, туку се јавува во улога на предлагач на законот кој е во согласност со меѓународните стандарди, наведуваат во соопштение од Министерството за правда. 

Оттаму посочуваат дека настанатата ситуација со полагањето на квалификациониот испит е пролонгирана заради објективни причини, за што Министерството за правда нема никаква поврзаност со оглед на тоа што Академијата за судии и јавни обвинители е посебен, самостоен орган.

-Поради опасноста од пропаѓање на испитниот процес на целата генерација, а и големиот недостаток во државата на судии и јавни обвинители, Министерството за правда преку Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители беше информирано за потребата од иницирање на законски измени, како би продолжил испитниот процес во согласност со законот, се наведува во соопштението од Министерството за правда.

Оттаму како слично решение кое веќе се спроведува во пракса го посочуваат решението содржано во Законот за дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај („Службен весник на РСМ бр. 67/22“).

- Министерството за правда никогаш не се мешало ниту пак ќе се меша во иднина во  спроведување на испитот туку се јавува во улога на  предлагач на законот кој е во согласност со меѓународните стандарди. Ако било кој од политичките фактори во државата има предлог како да се надмине ситуацијата, ние тоа ќе го прифатиме, но да не заборавме дека веќе се спроведени три елиминаторни фази од испитот, кои се спроведоа успешно, се наведува во соопштението.

Од Министерството за правда велат дека искуствата и праксата од 17 годишното постоење на АСЈО, покажуваат дека сите досегашни испитни процеси согласно предложените измени кои биле и законско решение во претходните Закони, поминале без проблеми.

Министерството за правда вчера објави дека иницира измени на Законот за Академија за судии и јавни обвинители со цел да се надминат проблемите со полагањето на квалификацискиот тест.

-Предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за Академија за судии и јавни обвинители содржи четири члена. Со членот 1 се врши надополнување на членот 40 со два нови става со кои се овозможува надминување на непредвидениот застој во постапката за полагање на приемниот испит во Академијата поради настан кој не можел да се предвиди, велат од МП..

Оттаму појаснуваат дека во случај кога единствениот електронски систем за полагање на испитите не е во функција како резултат на настани кои неможеле да се предвидат, а поради крајна итност за спроведување на приемниот испит, се предлага можност квалификацискиот тест да се полага во хартиена форма, а резлтатите да се добијат со електронски читач, без вклученост на човечки фактор, водејки сметка за анонимноста, интегритетот на испитниот процес и различноста на тестовите.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски денеска во објава на социјалните мрежи напиша дека измените на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители кои вчера ги најави Министерството за правда, а со кои треба да се овозможи квалификацискиот тест за новите кандидати освен во електронска, да се полага и во хартиена форма, е обид на партиите на власт на Академијата да се запишат 100 кандидати блиски до нив. дма/ев/

Фото: Министерство за правда 

Остани поврзан