• петок, 03 мај 2024

Моди-Мицотакис: Можности за поблиска и подлабока соработка меѓу Индија и Грција

Моди-Мицотакис: Можности за поблиска и подлабока соработка меѓу Индија и Грција

Атина, 21 февруари 2024 (МИА) – За можностите за продлабочување на билатералната соработка разговарале премиерите на Индија и Грција Кирјакос Мицотакис и Нарендра Моди за време на нивната средба во Њу Делхи, истакнувајќи дека овие можности се, пред сè во областа на мобилноста и миграцијата, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис е во официјалната посета на Индија, за која истакна дека е прва на грчки премиер по 16 години и објасни дека по потпишаните меморандуми лани во земјоделството и одбраната сега разгледуваат важни договори за миграцијата и мобилноста, кои дополнително ќе ја зајакнат соработката.

Порача дека со коридорот Индија-Блискиот Исток-Европа, односно т.н. „IMEC project“ што го започна Индија за време на нејзиното претседавање со Г20, односите меѓу двете земји се уште подобри.

-Грција, доволно е да ја погледнете мапата за да сфатите, е портата на Индија кон Европа и преку IMEC го гледаме нашето учество како многу важен аспект на ова стратешко партнерство, рече грчкиот премиер.

Премиерот на Индија истакна дека „постојат можности за поблиска соработка и двете земји ги преземаат неопходните чекори за тоа“, посочувајќи дека новите можности се во областа на одбраната, мобилноста и миграцијата.

Двајцата премиери разговарале за зајакнување и надградба на односите на сите нивоа, како што е опишано во Заедничката декларација за стратешко партнерство потпишана од двајцата лидери за време на официјалната посета на Моди на Атина во август минатата година, но и за целта за двојно зголемување на билатералната трговија до 2030 година и за посистематски контакт и меѓусебно поврзување меѓу грчките и индиските бизниси.

Како што информираа од кабинетот на Мицотакис, посебно било истакнато зајакнувањето на соработката во областа на високата технологија, дигитализацијата, старт-ап компаниите како и инфраструктурните и логистичките центри, а биле разменети мислења и за соработката во одбраната, образованието и културата и особено за заштитата на спомениците на културата.ср/сд/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан