• недела, 22 декември 2024

Лидерот на Хамас во Појасот Газа бара промени во предложениот договор за прекин на огнот

Лидерот на Хамас во Појасот Газа бара промени во предложениот договор за прекин на огнот

Газа, 3 мај 2024 (МИА) - Лидерот на радикалното палестинско движење „Хамас“ во Појасот Газа, Јахја Синвар, бара промени во предложениот договор за прекин на огнот, за кој сега се водат преговори, јави ДПА.

Синвар продолжува да инсистира на гарантиран крај на војната, па дури и сака писмена обврска за „безусловно прекинување на борбите“, изјави извор близок до Синвар за израелскиот Канал 12. Израел засега го отфрла ова барање.

Тој, исто така, сака Израел да не го спречува враќањето на палестинските затвореници на Западниот брег, кои ќе бидат ослободени во замена за ослободените и држени во заложништво израелски граѓани. Според најновата верзија на договорот за кој се преговара, Израел сака Палестинците ослободени од израелските затвори и осудени на доживотен затвор да бидат испратени во Појасот Газа или во странство.

Лидерот на Хамас во Појасот Газа освен тоа бара и детали за материјалите кои Израел нема да дозволи да бидат доставени до енклавата за нејзина реконструкција.

Египетските посредници со поддршка од САД се обидуваат да постигнат договор за прекин на огнот. Се разговара за 40-дневно примирје и размена на заложници и затвореници. рп/

Фото: ЕПА

Остани поврзан