• недела, 24 ноември 2024

Мнозинството граѓани на Крива Паланка искажале доверба во локалната власт и ги поддржуваат локалните политики 

Мнозинството граѓани на Крива Паланка искажале доверба во локалната власт и ги поддржуваат локалните политики 

Крива Паланка, 1 ноември 2024 (МИА) - Најновата теренска анкета на "Рејтинг" спроведена во периодот од 26 до 28 септември годинава покажала дека мнозинството граѓани на Крива Паланка, 69.7 отсто се изјасниле дека имаат доверба во локалната власт. Истовремено, високи 68,7 отсто од граѓаните сметаат дека работите во Крива Паланка се одвиваат во правилна насока.

-Општина Крива Паланка ќе остане посветена на зголемување на квалитетот на животот и градење на подобра заедница за сите граѓани. Општината работи на подобрување на условите за живот и одговорно се залага за исполнување на очекувањата на граѓаните. На мое големо задоволство, последното истражување на јавното мислење покажа дека нашите сограѓани ги препознаваат позитивните чекори што континуирано ги превземаме, а истовремено, преку анкетата граѓаните непосредно добија можност да ги истакнат и своите приоритети за идниот развој на општината. Клучни наоди од истражувањето се високата доверба во нашето управување со општината, како и поддршката на спроведување на работите. Ова високо ниво на одобрување и поддршка од граѓаните претставува значаен мотив за општината да ги заврши најавените проекти. Остануваме силно посветени на обезбедување подобри услови за живот за сите жители и ќе продолжиме да вложуваме во капитални проекти кои одговараат на потребите и приоритетите на заедницата.Оваа поддршка ни е поттик да продолжиме да работиме со посветеност и одговорност, рече градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, кој денес бележи три години од преземање на функцијата.

Анкетата покажала дека 75 отсто од испитаниците се задоволни и од работата на градоначалникот, од целокупното работење на општината и напорите кои ги вложува самата локална самоуправа за обезбедување квалитетни и ефективни услуги за сите граѓани. Граѓаните истакнале неколку клучни приоритети, кои ќе бидат основа за идно работење на општината, а најголем дел од испитаниците сметаат дека најважно е да се развие локалната инфраструктура, да се продолжи со грижа за повозрасните граѓани и да се поттикне економскиот развој преку нови работни места, особено за младите.

-Овие области ќе останат фокус во нашите идни активности и инвестиции, насочени кон просперитет на сите жители на Крива Паланка, додаде Митовски.

Досегашната реализација на проекти, како изградба и реконструкција на патишта, одржување на хигиената во градот како и организацијата на културни настани во општината се издвоени како најпозитивни проекти од досегашното работење и овие резултати потврдуваат дека вложувањето во инфраструктурата е важно за градот.

Што се однесува за планираните проекти, најголем дел од анкетираните ја поддржуваат изградбата на дом за стари лица, а значителна поддршка добиле и проектите за водоснабдување и изградба на нови јавни простори и паркови, како: адреналински парк на Калин Камен и новиот зелен парк во населбата Единство. 

Транспарентноста и отворената комуникација се темел на работењето на Општина Крива Паланка, а според истражувањето, 72,8 отсто од жителите кои оствариле комуникација или имале контакт со општината се задоволни од услугите или комуникацијата со општинската администрација.

Од Општина Крива Паланка посочуваат дека ќе продолжи редовното објавување информации за проектите и активностите преку официјалните комуникациски канали, како и  вклучувањето на граѓаните во важните процеси за донесување на одлуки на локално ниво. ад/сст/

 

 

Фото Општина Крива Паланка 

Остани поврзан