• петок, 26 април 2024

Млади професионалци за животна средина на сесија за размена на искуства на ОН

Млади професионалци за животна средина на сесија за размена на искуства на ОН

Скопје, 31 мај 2023 (МИА) – Климатските промени, загубите во биодиверзитетот, загрозените видови, озонската обвивка, загадувањето и други еколошки предизвици се теми на кои попладнево дискутираат младински професионалци за животна средина на сесија за размена на искуства од Обединетите нации. 

На младите, кои се дел од регионалната младинска соработка, им се обратија Ингер Андерсен и Карлос Бараган, претставници на Програмата на Обединетите нации за животна средина (УНЕП), која развива решенија за климатски промени, управување со екосистемите, ја промовира науката за животна средина и им помага на националните влади во постигнување на еколошките цели. 

Младите ги поздрави и министерката за животна средина Каја Шукова, која порача дека како што загадувањето не познава граници, и животната средина не препознава политика, и ги повика тие со својот ентузијазам да бидат партнери во процесот за заштитата на животната средина.  

-Да направиме синергија помеѓу знаењето, ресурсите и акциите, рече Шукова. 

Покрај Министерството за животна средина и просторно планирање, организирањето на сесијата е поддржано и од Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO), локална подружница Северна Македонија.

Претставникот  Владимир Ѓорѓијевски рече дека над 90 отсто од проектите на младите што се поддржани од  RYCO се фокусирани токму на областа  животната средина која е, рече, клучна и за младите и за општеството. хс/ цр

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан