• петок, 26 јули 2024

Мицкоски: Успешно консолидиравме 61 пратеник

Мицкоски: Успешно консолидиравме 61 пратеник

Скопје, 16 мај 2024 (МИА) - Покрај 58 пратеници на коалицијата, имаме консолидирано точно 61 пратеник, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден мандатар, Христијан Мицкоски. 

Одговарајќи на новинарски прашања пред затворењето на Самитот Македонија 2025, Мицкоски информира дека разговорите со „Вреди“ се водат во вистинска насока. 

Тој е убеден дека многу брзо ќе биде објавен составот на новата влада и на коалицијата која ќе биде, како што рече, поддржана со повеќе од две третини од пратениците во Собранието.

-Продолжуваат разговорите со потенцијалните идни коалициски партнери како што е коалицијата „Вреди“. Успешно консолидиравме 61 пратеник, но не можам да кажам детали. Па да, можам да кажам дека како ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ ги завршуваме разговорите со неколку од пратениците кои што не се дел од коалицијата „Твоја Македонија“ и можам да кажам дека во моментот успешно консолидиравме 61 пратеник. Не можам да зборувам во однос на деталите, но многу скоро од денеска ќе ги дознаете деталите, имајќи предвид дека состојбата е чувствителна. Можам да кажам дека како „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ во Парламентот покрај 58 пратеници кои ги има автентично, очекуваме одлука на Управниот суд да видиме што ќе се случува со изборната единица 5 и 6, можам со задоволство да кажам дека имаме консолидирано точно 61 пратеник, но тоа нема да не повлече од разговорите со идните потенцијални коалициски партнери како што е коалицијата „Вреди“, изјави Мицкоски.

Според него, асиметрични договори не се добри.

-Очекуваме договорите да бидат на задоволство на двете страни кои преговараат и ценам дека во тој дух досега се одвиваат разговорите. Убеден сум дека многу брзо од денеска ќе можеме да објавиме состав на идниот кабинет на новата влада и коалиција која ќе биде поддржана со повеќе од две третини од пратениците во Собранието кои ни се потребни зашто имаме сериозна намера да направиме реструктуирање и реекипирање на владиниот кабинет, подвлече Мицкосски. мч/аа/


 
Фото: МИА
 

Остани поврзан