• петок, 22 ноември 2024

Мицкоски: Коалиција со ДУИ не е можна поради начинот на кој се обидуваат да ги освојат гласачите

Мицкоски: Коалиција со ДУИ не е можна поради начинот на кој се обидуваат да ги освојат гласачите

Скопје, 4 мај 2024 (МИА) – Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва изјави дека не е можна коалиција со ДУИ поради начинот на кој тие се обидуваат да ги освојат гласачите.

- Начинот на којшто тие се обидуваат да ги добијат симпатиите кај гласачите не е поради тоа што имаат политичка програма, која што ја нудат или начин којшто го артикулираат кон гласачите, туку едноставно тоа е притисок и состојба во којашто сите тие заедно артикулираат една позиција што не е во склад на демократијата, истакна Мицкоски во гостувањето во „Тема на денот“ на Сител телевизија.

Тој повтори дека во првиот круг на претседателските избори имало гласање што траело помалку од една минута, а тоа, вели, е невозможно.

- Затоа и ги повикавме институциите и меѓународните набљудувачи да излезат на терен. И ги потенциравме буквално сите оние избирачки места каде што имаме таков тип на девијантно однесување, укажа Мицкоски.

Во однос на, како што кажа, писмото што вицепремиерот за економски прашања и кандидат за пратеник од СДСМ Фатмир Битиќи го испратил до бизнисмени, рече дека Обвинителството треба да покрене истрага. 

- За жал од Обвинителството засега нема ни трага ни глас, а треба да покрене истрага. Ако не се случи тоа, тогаш се потврдува нашата теза за октроирано и партизирано обвинителство, рече Мицкоски.

Очекува нивната кандидатка за претседател Гордана Силјановска-Давкова во вториот круг од претседателските избори да освои над 500.000 гласа, а ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За твоја Македонија“ да има најмалку 55 пратеници. вг/бак/

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан