Мирно заврши антивладиниот протест во Љубљана
- Мирно и без инциденти заврши синоќешниот протест против Владата на Јанез Јанша, јави дописникот на МИА од Љубљана.
Љубљана, 2 мај 2020 (МИА) - Мирно и без инциденти заврши синоќешниот протест против Владата на Јанез Јанша, јави дописникот на МИА од Љубљана.
Според полицијата, на протестот учествувале речиси 4.000 граѓани, кои на велосипеди и во колона го изразија незадоволството од работата на Владата, пред се поради корупциските скандали и ограничувањето на движењето поради епидемијата на коронавирусот.
Дел од луѓето кои протестираат сметаа дека Словенија под водство на Јанша се повеќе наликува на Унгарија и дека ситуацијата со коронавирусот се користи за намалување на човековите прави и слободи.
- Словенија станува тоталитарна држава, на пат е да имаме „Орбанова ситуација”, ги крадат јавните пари, изјави за државната телевизија еден од учесниците на протестот.
Инаку, поради тоа што во земјата се забранети собири на јавни места, граѓаните со велосипеди возеа во центарот на главниот град, а на крај дојдоа и пред Собранието каде го изразија своето незадоволство од работата на Владата.
Сите носеа заштитни маски и се почитуваше растојание од еден и пол метар меѓу граѓаните.
Вакви протести синоќа, освен во Љубљана, се одржаа и во Марибор и Нова Горица. ав/гт/