• сабота, 13 јули 2024

Министерот Љутков најави реконструкција на локалитетот „Залив на коските“ на Охридското Езеро

Министерот Љутков најави реконструкција на локалитетот „Залив на коските“ на Охридското Езеро

Охрид, 13 јули 2024 (МИА) – Реконструкција и модернизација на системот за наводнување на комплексот „Залив на коските“ кај Градиште, повторно ставање во употреба на терасата на објектот за пријатен престој на посетителите, а од следната година и интензивни зафати за санација на платформата на наколната населба „Миќов град“ и кровните конструкции на колибите. Тоа денеска од Охрид го најави министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој беше во посета на локалитетот.

Љутков по обиколката на комплексот заедно со директорот на Музејот и со стручните лица од Заводот за заштита на спомениците и музеј - Охрид посочи дека целиот комплекс е оставен на забот на времето без какви било интервенции за негово одржување, уште помалку некакви вложувања во него.

Бидејќи станува збор за исклучително важен локалитет во Охрид и еден од најпосетените места за туристите што остварува и економски бенефит, Љутков најави дека веднаш ќе се отпочнат поголем број проектни активности во насока на доекипирање и подобрување на условите за работа во комплексот, со цел натамошно нормално функционирање на комплексот.

Вршителот на должноста директор на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид, Горан Патчев, од своја страна посочи дека понекогаш не се во прашање само средствата, туку и лошото менаџирање во управувањето со објектите што масовно се посетени од туристите и слабата поддршка од повисоките инстанци.

- Комплекот се одржува тековно, но може да се санира само онолку колку што се парите. Инаку „Заливот на коските“ на национално ниво е на второто место според приходите, и согласно тоа треба да се инвестира. Ние имаме изработено физибилити студија, така што треба да ги послушаме само добрите предлози и да одиме напред со добри практики, рече Патчев. 

Инаку, Љутков уште ја искористи можноста да истакне дека во програмата на работата на Министерството за култура и туризам е предвидено културата да стане профитабилна дејност. 

- Затоа и го споивме туризмот заедно со културата, бидејќи сметаме дека со развој и културниот туризам, културата може да стане значајна стопанска гранка, рече тој. аб/нд/

Фото: МИА

Остани поврзан