• сабота, 22 јуни 2024

Министерот Буши се сретна со делегација на МВР на Косово

Министерот Буши се сретна со делегација на МВР на Косово

Скопје, 14 јуни 2024 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Назим Буши денеса имаше работна средба со делегација од Министерството за внатрешни работи на Косово, предводена од полковник Ракип Буњаку, еден од претседателите на Заедничкиот експертски комитет на Косово и Северна Македонија.

Како што информира МВР, Буши пред започнување на официјалниот прв состанок на Заедничкиот експертски комитет на Република Северна Македонија и Република Косово уште еднаш ја потврди важноста на потпишаниот Договор за соработка помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Република Косово за заеднички гранични премини „Блаце – Елез Хан“ и „Јажинце – Глобочица“, кој кон крајот на 2020 година беше инициран од косовска страна, а прифатен за понатамошно разгледување од македонска страна.

- По заеднички консултации, преговори и заклучоци од двете Влади, на 18 септември 2023 година, Договорот беше потпишан од страна на двајцата министри за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Република Косово, а по ратификувањето, на 8 февруари 2024 година, согласно член 7 точка 2 од Договорот, беше формиран Заеднички експертски комитет, се вели во соопштението.

Министерот Буши, како што се наведува, се осврна на целта на предметниот договор, односно воспоставувањето на заеднички гранични премини „Јажинце-Глобочица“ за поедноставување и олеснување на движењето на лица, возила и влез и излез на празни товарни  моторни возила и „Блаце – Елез Хан“ за поедноставување и олеснување на движењето на лица, возила и стоки.

Тој потенцира дека интерес на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија е унапредување и продлабочување на билатералната и оперативна меѓународна соработка со Министерството за внатрешни работи на Република Косово, изразена, меѓу другото преку заложбите за подобрување и развивање на регионалната соработка, подобрувањето на меѓународните билатерални односи и продлабочување на прекуграничната соработка.

- И секако, со стапувањето на сила на овој Договор и неговото спроведување, значително ќе се обезбеди поуспешно спроведување во зацврстувањето на соработката во областа на граничната контрола и безбедност, и непречено движење на граѓаните од двете земји. Сето тоа, со цел продолжување на соработката на двете држави. На денешниот прв состанок на претставниците на Заедничкиот експертски комитет на двете страни, се очекува финализирање на техничкиот дел и реализирање на одредбите од Договорот, стои во соопштението од МВР. мд/нд/

Фото: МВР 

Остани поврзан