• петок, 12 јули 2024

Министерката Јаневска во работна посета на Охрид

Министерката Јаневска во работна посета на Охрид

Охрид, 12 јули 2024 (МИА) – Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, денеска беше во работна посета на Општина Охрид, при што заедно со градоначалникот Кирил Пецаков ги посети ОУ „Свети Наум Охридски“ во село Пештани и Регионалниот центар за стручно образование и обука „Ванчо Питошевски“ во Охрид.

Таа посочи дека преку Министерството за образование и наука во училиштето во Пештани се инвестирани осум милиони денари за енергетски ефикасна фасада, како и за реконструкција на санитарните јазли, со пристап за деца со посебни потреби.

Што се однесува на средношколскиот центар „Ванчо Питошевски“, таа рече дека реконструкцијата на објектот се издолжила, но со уверување дека од 1 септември учениците ќе се вратат во клупите.

- Реконструкцијата е при крај и се надевам дека од септември ќе се почне со работа. Тука се вложени 110 милиони денари, задоволна сум од она што го гледам и се надевам дека учениците од 1 септември ќе уживаат во образованието овде. Во текот на вчерашниот ден обезбедивме јавна набавка за опрема за училиштето - шкафчиња, клупи, столчиња, табли така што ќе биде спремно за физичка настава, а не онлајн, рече министерката.

Јаневска одговараше на прашања на новинарите за актуелни теми од областа на образованието. Најави ревизија на сите универзитети, со почеток онаму каде се пријавени неправилности.

- За се што ќе има пријава ќе се постапува. Веќе имаме пријави и почнуваме да постапуваме, како за Меѓународниот универзитет во Струга, за еден друг државен и уште еден приватен универзитет, така што штом ќе бидат готови ревизиите тоа ќе биде објавено. Дефинитивно стојам зад изјавата дека она што не ги исполнува условите нема да може да работи. Какви се инвестиции правиме за да има услови за работа и да се стекнува знаење, а ќе дозволиме таму каде нема услови да се работи – тоа не, рече таа.

За ревизијата на основното образование, Јаневска посочи дека направено е одложување на имплементацијата на концепцијата за 7, 8 и 9 одделение.

- После разговори со Бирото за образование, многи средби, дојдовме до заклучок дека нема да има ефект врз образованието на децата и стопирани се тие програми. Во меѓувреме тече јавна расправа по оние програми што беа по концепцијата, за наставниците, родителите, учениците да дадат сугестии што во пракса сметаат не е добро, не функционира...Ние ќе ги прибереме сугестиите, ќе ги анализираме по што ќе ги направиме новите програми од септември, прво за 7, па за 8 и за 9 одделение. После тоа веројатно ќе се вратиме и на шесто, но прво да го средиме сето ова, истакна Јаневска.

За едносменската настава министерката рече дека со таквата практика ќе се почне секаде каде има услови за тоа, со оглед на тоа што како што рече, „бенефитот за децата е голем, утврдено е дека подолгиот престој на децата во училиштето дава подобри резултати“.

- Учениците ќе бидат една смена за тие да можат да бидат во училиште осум часа. Тоа не значи дека постојано ќе бидат осум часа над книга или ќе бидат на прадавања, туку ќе ги завршат домашните задачи, ќе учат, ќе има дополнителни наставни активности, секции, ликовно, музичко, хор, воннаставни активности, физичко, техничко, се она што модерното време го бара како образование. Тоа значи ќе бидат ангажирани и повеќе наставници, пред се со вклучување на оние кои немаат полн фонд часови, рече министерката Јаневска притоа истакнувајќи дека ќе се направи реорганизација во насока на искористување на искуствата и знаењата на наставниците за да се добијат подобри резулати кај учениците.

Министерката рече дека ќе има учебници од 1 септември, освен оа странски јазици, за што како што рече, новата Влада не е виновна.

- Многупати се паѓани се тендери, враќани се постапките од разни причини. Немаме време сега со тоа да се занимаваме. Длабоко сум убедена дека по новите наставни програми, од следната година ќе има учебници по странски јазици, рече минитерката Јаневска. аб/са/


Фото/МИА

 

Остани поврзан