• вторник, 18 март 2025
МИА Флеш

18 март 2025 

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговорајќи на новинарско прашање дали градоначалникот на Кочани ќе сноси одредена одговорност во врска со пожарот во дискотеката, најави дека истражните органи во текот на денот ќе ги проверат сите документи во Општината. Тој е на ставот дека никој нема да се заштитува и секој кој има каква било вина во врска со настанот, ќе одговара.

Скопје - И вчера и денеска посетив пациенти повредени во пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани и ги запазив сите протоколи кои ми беа побарани од страна на медицинскиот персонал и докторите. Не го правам тоа заради П.Р., туку за да излезам пред медиумите и да зборувам отворено за се она со што се соочуваме во овие моменти, порача премиерот Христијан Мицкоски.

-И во текот на вчерашниот и во текот на денешниот ден нема никогаш да видите лице, ниту, пак, да слушнете и прочитате име на пациент кој сум го посетил. Има и такви кои влегуваа со камери и слично, но јас ни вечера ни денеска никаде не влегов со камера, ниту имам намера да правам П.Р. од сето ова. Има само фотографии во тил и никаде нема лице на ниту еден пациент. Мојата цел при овие посети е за да излезам пред вас, да не се кријам и да зборувам отворено за се она со кое се соочуваме и сето она кое го постапуваме, рече Мицкоски во одговор на прашање по денешната посета на повредените во ГОБ „8 Септември“ во Скопје.

Скопје - Претседателот на Република Туркије, Реџеп Тајип Ердоган упатил писма со сочувство за загинатите во трагедијата што се случи во Кочани до претседателката Гордана Сиљановска Давкова и до претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски.

Од Амбасадата на Турција во РСМ соопштија дека писмо со сочувство испратил и министерот за надворешни работи на Република Турција, Хакан Фидан упатено до министерот за надворешни работи надворешна трговија на Република Северна Македонија Тимчо Муцунски.

Скопје - Клиника „Жан Митрев“ денеска соопшти дека дава целосна поддршка и максимална посветеност за повредените од трагичниот настан во Кочани. Досега вкупно девет пациенти беа згрижени во Клиниката, од кои тројца пациенти кои беа во животна опасност и беа итно интубирани, се пренесени на лекување во соседните земји. Останатите шест пациенти добија соодветен третман, при што тројца од нив веќе се во стабилна состојба и ќе бидат пуштени на домашно лекување, додека другите тројца пациенти остануваат на дополнителна опсервација.

Од Клиниката „Жан Митрев“ наведуваат дека од првиот момент ги отвориле вратите за сите повредени во трагичниот настан во Кочани и со целосна поддршка и максимална посветеност ги ставаат на располагање сите свои ресурси, целиот медицински персонал, болничките капацитети и амбулантните возила.

Скопје - Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска се потпиша во книгата на жалост, отворена во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, по повод трагичниот настан во Кочани.

Тој изразил длабоко сочувство до семејствата на загинатите, истакнувајќи ја важноста на солидарноста и заедништвото во овие тешки моменти.

Скопје - Советот на Општина Гази Баба на денешната итна седница донесе одлука за доделување на 1.000.000 денари на сметката на солидарниот фонд на Црвениот крст на Македонија за помош и поддршка на семејствата на настраданите во несреќата во Кочани.

На седницата, како што соопшти Општина Гази Баба, се обратил градоначалникот Бобан Стефковски кој уште еднаш изразил сочувство до семејствата на загинатите.

Луксембург - Луксембург спроведе медицински евакуации по пожарот во ноќен клуб во Северна Македонија, јави РТЛ.

Луксембург ја поддржа меѓународната медицинска евакуација на жртвите од пожарот во ноќен клуб во Северна Македонија, координирајќи летови до Унгарија и Хрватска преку својот систем за итна помош.

Скопје - Народната банка денеска информира дека се одложува 54. сесија на Клубот на истражувачите што требаше да се одржи на 27 март.

За дополнителни информации и за новиот термин на одржувањето на сесијата на Клубот, јавноста ќе биде дополнително известена, информираа од Народна банка.

Тетово - Почна глава расправа на повторното судење за модуларната болница во Тетово кој досега четири пати беше одложуван. Тогашните директори Флорин Бесими и Артан Етеми кои се обвинети за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, се изјаснија дека не се чувствуваат како виновни.  Исто така и застапник на правно лице ЈЗУ Клиничка болница за делото „предизвикување општа опасност“ истакна дека не чувствуваат одговорност. По изјаснувањето новиот водечки судија Реџеп Муса одреди пауза од половина час.

Апелацискиот суд во Гостивар во април 2024 година донесе решение повторно да има судење за двајцата поранешни директори и Клиничка болница како правен субјект. Процесот требаше да почне на 26 јуни 2024 година, но се одложуваше за 25 септември 2024, потоа за 5 ноември 2024 година и за 15 јануари 2025 година.

Скопје - За час и половина Владата ќе одржи седница на која ќе биде потврдена Одлуката за покривање на трошоците на двајца членови од семејствата на пациентите кои ќе бидат згрижени во болници надвор од државава, информира денеска премиерот Христијан Мицкоски по посетата на ГОБ „8 Септември“.

Како што рече Мицкоски, според Одлуката, предвидено е да бидат покриени трошоците за превоз и сместување.

Скопје - Во храмовите на Македонската православна црква - ОА утре и во петок по литургијата на претходно осветени дарови, ќе биде отслужен парастос за жртвите во трагедијата во Кочани, а потоа и молитва за исцеление на повредените.

- Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан повелува  утре, среда, 19.3.2025 и в петок, 21.3.2025 г. по Претходноосветената Литургија да се отслужи Парастос за невино настраданите во трагедијата во Кочани. Веднаш по Парастосот, пак, да се принесен Молитва за исцеление на повредените, се вели во известувањето до верниците.

Атина - Двете девојки и момчето на возраст од 19, 25 и 26 години, кои од неделата се хоспитализирани во болницата Папаниколау во Солун се во критична состојба и сè уште не може да се каже дека се вон животна опасност, според директорката на Одделот за изгореници на солунската болница Софија Пападопулу, јави дописничката на МИА од Атина. 

По посетата на министрите Муцунски и Таравари на болницата, доктор Пападопулу во изјави за грчките медиуми објасни дека тројцата пациенти имаат од 15 до 25 отсто изгореници на телото за што двајца од пациентите денеска по втор пат ќе бидат оперирани, а во следните денови и третото поведено лице, но истакна дека она што е посериозно е тоа што вдишале чад.

Брисел – Имаме можност конечно да го „отклучиме“ процесот за вистински почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ, порача денеска известувачот на Комитетот на надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) за земјава, Томас Вајц презентирајќи го Нацрт-извештајот на ЕП за земјава. 

- Извештајот е фокусиран на потребите активности и одлуки што треба да ги донесат Владата и Парламентот на Северна Македонија поврзани со уставните измени кои се на маса. Уставните измени значат вклучување на неколку малцинства во Уставот на Северна Македонија, и само сакам да разјаснам едно, ова е барање што Северна Македонија треба да го исполни во согласност со барањата и стандардите поврзани со пристапувањето во ЕУ. Станува збор за уставни измени поврзани со законодавството на ЕУ, изјави Вајц, додавајќи дека мора да биде јасно оти на европскиот пат на земјата ова нема да бидат последните уставни измени што ќе треба да се направат.

Сараево - Во Босна и Херцеговина денеска е Ден на жалост поради трагедијата во Кочани, Северна Македонија, поради што знамињата на зградата на Претседателството на БиХ и други институции ќе бидат спуштени на половина копје.

Владата на Федерација БиХ на вчерашната итна седница го прогласи 18 март за Ден на жалост. Ден на жалост прогласи и Република Српска и властите во дистриктот Брчко.

Букурешт - Преживеани од пожарот во ноќниот клуб „Колектив“ во Букурешт во 2015 година понудија помош и поддршка на повредените и нивните блиски по смртоносниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, Северна Македонија, што се случи викендов, пренесува романската редакција на Радио Слободна Европа.

Михај Греча, еден од преживеаните од пожарот во „Колектив“, објави на Фејсбук " target="_blank" rel="noopener">отворено писмо до повредените и нивните блиски, во кое дава совети и нагласува дека е подготвен да помогне. „Прозорецот“ за безбеден транспорт на лицата со изгореници е 48 до 72 часа. Тие мора да бидат прегледани од специјалисти, бидејќи од тоа зависи нивниот живот, истакна Греча.

Потенца - Земјотрес со јачина од 4,2 степени го погоди денеска јужниот италијански регион Базиликата, јави италијанската новинска агенција АНСА.

Земјотресот се случил на шест километри од градот Валио во провинцијата Потенца, на длабочина од 14,3 километри. Тoj бил почувствуван и во провинцијата Матера.

Њујорк - Високиот комесар на Обединетите нации за човекови права, Волкер Турк изјави дека е згрозен од обновеното израелско гранатирање на Појасот Газа, во кое загинаа неколку стотици луѓе, и повика „овој кошмар веднаш да престане“.

„Единствениот пат е политичко решение (на конфликтот) во согласност со меѓународното право. Прибегнувањето на Израел кон уште поголема воена сила само ќе предизвика дополнително страдање на палестинското население, кое веќе е во катастрофална ситуација“, нагласи Турк.

Анкара - Турција денеска ги осуди најновите израелски напади врз Газа, наведувајќи дека масовното убивање Палестинци претставува нова фаза во тоа, што го опиша како „политика на геноцид“ на Владата на Нетанјаху.

„Израел му пркоси на човештвото со кршење на меѓународното право и универзалните вредности на најсериозен начин“, се вели во соопштението на турското Министерство за надворешни работи.

Остани поврзан