МИА Општински пул
- МИА Општински пул

18 март 2025
Струга - Дваесет и осумгодишна жена од Струга физички била нападната од сопругот и свекорот, по пријава во полиција лицата биле лишени од слобода.
СВР Охрид денеска соопшти дека на 17 овој месец во 13 часот и 40 минути, полициски службеници од ОВР Струга ги лишиле од слобода Р.Ш.(35) и Б.Ш.(55), двајцата од Струга.
- Полицијата постапувала по претходна пријава дека во семејниот дом во Струга физички нападнале 28 - годишна жена, член на семејството, изјави портпаролот Стефан Димоски.
По целосно документирање на случајот, против лицата ќе биде поднесена соодветна пријава.
Куманово - Во стабилна состојба е пациентот донесен од пожарот од Кочани кој е лекува во кумановската болница, информираа денеска надлежните.
- Пациентот има полесни опекотини на лицето и рацете, набиеници на десното рамо. Стабилен е контактибилен и прима соодветна терапија, изјави директорот на кумановската болница, д-р Стефан Трајановски.
Кумановската болница веднаш ги удвои службите на неколку клучни одделенија, хирургија, анестезија, трансфузиологија и аптека,за евентуален прием на пациенти од трагедијата во Кочани. Сепак, надлежните додаваат дека болницата нема технички услови за интензивна нега.
- Постојано бевме во приправност меѓутоа сакам да знае кумановската јавност дека нашата болница, за жал, нема систем за континуиран дотур на кислород, така што не сме во состојба технички организираме продолжено одржување на живот на пациенти со животозагрозувачка состојба, рече Трајановски.
Штип/Скопје – Имаме доволно крв за сите крвни групи за потребите на сите болници и клиники во земјава, вели во изјава за МИА директорот на Центарот за Трансфузиона медицина, Амир Елези.
Прашан дека на социјалните мрежи се споделува за потреба на дарување на крв за пациенти кои се сместени на Клиниките во Скопје, Елези е дециден во одговорот дека крв има од сите крвни групи.
-Се што се споделува е само некоја пропаганда, што не знаеме каква е позадината, а и не знам зошто се шири таква паника, затоа што имаме доволни количини, а плус тие кои што се тешко болни се лечат надвор од државата, вели Елези.
Посочува дека во моментов нема потреба да се оди групно да се дарува крв, бидејќи застарува и треба да се фрли.
Прилеп - Под парола „Бараме одговори и одговорност“, напладне пред параклисот „Свети Никола“ во центарот на Прилеп се одржа мирен собир. Граѓани, средношколци, студенти со тага и молкум палеа свеќи пред параклисот во спомен на загинатите во огромната трагедија во Кочани. Беше отворена и книга на жалост.
Меѓу младите се појавија и транспаренти со кои ги изразуваа неспокојот, тагата и болката, меѓу кои: „Години на молк секогаш водат до една минута молк“.
Мирниот собир е најавено да се одржува секојдневно напладне.
Кавадарци - Кавадарци денеска оддава почит на загинатите во дискотеката во Кочани. Организаторите на настанот ги повикаа кавадарчани, со цвеќе или свеќа, да дојдат на градскиот плоштад.
Истовремено, на Фејсбук страница посветена на градот Неготино, се повикува на донација за ужалените семејства со починати и повредени деца.
- Секој што може да остави како донација во форма на аналгетици, мелеми за изгореници, чиста памучна постелнина, завои, течности за отоци и слично, слободно пишувајте предлози. Во последниот дуќан од пазарот што го држи Здружение ,,Надеж Мит" во текот на цела недела ќе се собира донација, што потоа лично ќе биде однесена до Кочани, се вели во објавата.
Бројни настани што беа закажани во Кавадарци за оваа седмица, се откажани поради трагедијата во Кочани.
Делчево - Македонци кои студираат во Бугарија, но и голем број граѓани од пограничниот регион, од утрово се во Софија, каде се одзваа на апелот на болницата Пирогов за дарување крв за повредените од несреќата во Кочани.
Најмногу потреба, како што информира за МИА д-р Даниел Кировски од оваа болница, има од крвната група АБ+ и затоа приоритет им се давало на донатори со таа крвна група.
-Околу 50 луѓе од Македонија заедно со други Македонци и Бугари од овде се одзваа на апелот на болницата при што веќе крв даруваа над 200 крводарители. Само во „Пирогов“ има околу 200, а отприлика уште толку во Националниот центарот за транфузиологија и хематологија. На фотографиите се гледа дека интересот да се помогне е голем и поради тоа дел се препратени во Центарот за трансфузиологија, за да се забрза работата. Предност имаат дарителите од Македонија кои дојдоа од Црвениот крст, информриа д-р Кировски.
Охрид – Ученици од четирите охридски средношколски центри, заедно со нивните професори, денеска се собраа на марш и собир на кој им одадоа почит на загинатите во големата несреќа во Кочани.
Како што и беше најавено, тие се собраа во дворовите на училиштата, од каде се упатија кон Градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“, каде палеа свеќи, положува цвеќе пред параклисот и со молчење изразија сочувство до семејствата на настраданите во кочанската трагедија.
Самиот марш и собир е иницијатива на Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија, што беше прифатена од сите средношколски установи од Охрид и мина според најавеното, без какви било пораки и официјални изјави.
Инаку, младите од Охрид пред новинарите што го следеа настанот говореа дека после несреќата во дискотеката во Кочани поинаку гледаат на потенцијалните опасности при такви помасовни собири, како што се забавите во преполните дискотеки и ноќни клубови.
Битола - Градоначалникот на Битола Тони Коњановски, ректорот на УКЛО-Битола Игор Неделковски, претседателот на Универзитетското студентско собрание Димитар Атанасовски, студенти и професори одржаа комеморација и се потпишаа во Книга на жалост отворена во Ректоратот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“.
Учесниците на комеморативниот собир изразија длабоко сочувство за трагично загинатите во Кочани, ја истакнаа важноста на солидарноста во тешки времиња и трагични прилики и потсетија на една од Светиклиментовите поуки, во духот на неговото наследство која гласи - Како што Св. Климент ја носел светлината на разумот, така и ние да го носиме светлото на солидарноста!.
Студентите, со длабока почит, во отворената Книга на жалост, запишаа свои лични пораки, молитви и мисли, а се приклучија и средношколци од гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Битола.
Ректорската управа на УКЛО активно се вклучи во помагање на студентите и понуди активности што ќе им помогнат на младите луѓе да се справат со тагата и емоционалната вознемиреност.
Скопје - Град Скопје додели шест милиони денари за семејствата на настраданите во пожарот во Кочани во кој загинаа 59 лица, а над 150 се повредени. Ова е првична помош што Град Скопје ја доделува, а во најскоро време ќе биде доделена дополнителна помош.
Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески рече дека средствата ќе бидат префрлени на наменската сметка за донации на Црвениот крст.
- Ова е првична помош за семејствата на настраданите во рамки на можностите на Буџетот на Градот. Во најскоро време сме подготвени за дополнителна помош за семејствата на настраданите, рече Славески.
Советот на Град Скопје ја почна денешната вонредна седница со оддавање почит на загинатите во трагичниот пожар во Кочани.
Скопје - Советот на Општина Гази Баба на денешната итна седница донесе одлука за доделување на 1.000.000 денари на сметката на солидарниот фонд на Црвениот крст на Македонија за помош и поддршка на семејствата на настраданите во несреќата во Кочани.
На седницата, како што соопшти Општина Гази Баба, се обратил градоначалникот Бобан Стефковски кој уште еднаш изразил сочувство до семејствата на загинатите.
- Нема зборови кои можат да покријат болката кои сите ние ја чувствуваме. Она што можеме во овие тажни мигови за Македонија да го направиме е достоинствено да тагуваме, да бидеме солидарни и да се молиме. Ова е трагедија каква Македонија досега не памети. Нема граѓанин кој не чувствува болка и не бара одговорност. И јас, како градоначалник, човек, родител чувствувам болка, тага, но силно од мене произлегува и барањето за одговорност со точно име и презиме, истакнал градоначалникот Стефковски.
Тој потсетил дека не е далеку 2016 година кога токму општина Гази Баба се соочила со несреќа во која 22 граѓани ги загубиле животите, а била нанесена и голема материјална штета.
Седницата на Советот започна со едноминутно молчење во знак на почит кон жртвите во трагичната несреќа.
Скопје - Во координација со советниците, в.д. градоначалникот на Општина Аеродром Дејан Митески денеска поднесе барање за одржување вонредна седница на Советот на Општина Аеродром на која ќе има само една точка - доделување 1.000.000 денари финансиска помош на семејствата на настраданите во стравичната несреќа во Кочани.
- Силниот оган ја зави Македонија во црно и секој од нас чувствува длабока тага и болка за трагично згаснатите 59 млади животи. Сите се молиме за семејствата на починатите, а во срцата носиме верба и надеж дека повредените херојски ќе се изборат и ќе заздрават што е можно побрзо. Не постојат зборови со кои може да се даде утеха, но преку солидарност и хуманост можеме да подадеме рака на оние на кои најмногу им треба помош. Општина Аеродром паричните средства ќе ги уплати во Фондот на солидарноста на Црвениот крст на Република Македонија. Кочани 16.03.2025 – Никогаш и никаде да не се повтори!, стои во објавата на Општина Аеродром на Фејсбук.
Тетово - Почна глава расправа на повторното судење за модуларната болница во Тетово кој досега четири пати беше одложуван. Тогашните директори Флорин Бесими и Артан Етеми кои се обвинети за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, се изјаснија дека не се чувствуваат како виновни. Исто така и застапник на правно лице ЈЗУ Клиничка болница за делото „предизвикување општа опасност“ истакна дека не чувствуваат одговорност. По изјаснувањето новиот водечки судија Реџеп Муса одреди пауза од половина час.
Апелацискиот суд во Гостивар во април 2024 година донесе решение повторно да има судење за двајцата поранешни директори и Клиничка болница како правен субјект. Процесот требаше да почне на 26 јуни 2024 година, но се одложуваше за 25 септември 2024, потоа за 5 ноември 2024 година и за 15 јануари 2025 година.
На 5 јуни 2023 година Основен суд Тетово одреди условна осуда за обвинетите директори Флорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека правното лице ЈЗУ Клиничка болница беше прогласено за виновно за делото „предизвикување општа опасност“ во судскиот процес по пожарот во модуларната болница во Тетово во 2021 година кога животите ги загубија 14 луѓе. Судот тогаш одлучи да има ослободителна пресуда за докторот Бобан Вучевски и Клиничка болница за делото „непостапување по здравствени прописи“.
Според пресудата, на обвинетите Флорин Бесими и Артан Етеми им беше утврдена казна затвор од по една година и шест месеци, условна осуда и утврдената казна затвор нема да се изврши доколку обвинетите секој за себе во време од по три години не сторат ново кривично дело. Правно лице требаше да плати парична казна во висина од еден милион денари, 30 дена по правосилност на пресудата.
И прво судење почна на 7 декември 2022 година, откако до тогаш имаше четири одложувања.
За пожарот во тетовската модуларна болница што се случи на 8 септември 2021 година во која 14 луѓе ги загубија животите, на 27 јули 2022 Обвинителството поднесе обвинителен предмет до Основен суд Тетово, откако десет месеци се вршеше истражна постапка.