
18 март 2025
Скопје - Судија на претходна постапка им одреди „краткотраен притвор“ од 48 часа на поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, на поранешниот директор на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски и на уште 12 лица осомничени за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
- Судот во Кочани го прифати барањето на обвинителството по предлогот за определување мерка краткотраен притвор за сите 14 осомничени лица. Изречена е мерката краткотраен притвор во траење од 48 часа, информираа утрово за МИА од Основниот суд Кочани.
Како што дополнуваат, Судот постапува по предлозите на Обвинителството, во врска со пожарот во „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 59 лица, а 155 се повредени.
Скопје - Во Собранието на Република Северна Македонија од денеска е отворена Книга на жалост за загинатите во несреќата во Кочани.
Во Книгата на жалост прв се потпиша претседателот на Собранието Африм Гаши.
Скопје - Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска ќе ги посети повредените од трагичниот пожар во Општина Кочани во ГОБ „8 Септември“ Скопје.
Во оваа болница се лекуваат дел од повредените од пожарот во дискотека во Кочани во кој загинаа 59 лица, а над 150 се повредени.
Атина – Повредените во пожарот во Кочани, кои се хоспитализирани во две солунски болници, утрово ќе ги посети министерот за здравство Арбен Таравари, а ќе го придружуваат заменик-министерот за внатрешни работи на Грција Костас Јулекас надлежен за областите Македонија и Тракија и заменик-шефот на грчката дипломатија Тасос Хаѕивасилиу, јави дописничката на МИА од Атина.
Министерот Јулекас говорејќи утрово за грчката телевизија „Опен“ рече дека заедно со Таравари ќе ги посетат повредените со изгореници кои се лекуваат во болницата Папаниколау и во воената болница 424 во Солун и „заедно со министерот за здравство ќе биде и заменик министерот за надворешни работи на Хаѕивасилиу“.
Скопје – Вкупно 72 пациенти од пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани се лекуваат надвор од државата, откако во текот на вчерашниот ден беа испратени уште 21 пациент. Во Скопје на лекување остануваат 98 пациенти.
Во текот на вчерашниот ден, според информациите од Министерство за здравство пациентите се распределени по здравствените установи низ земјата, и тоа на Клиничкиот центар во Скопје – 52 пациенти, во ГОБ „8 Септември“ – 17 пациенти, Универзитетска клиника „Св. Наум Охридски“ – 12 пациенти, Клиника за токсикологија – 10 пациенти, Аџибадем Систина – 7 пациенти.
Надвор од државата во текот на вчерашниот ден на лекување биле упатени 21 пациент и тоа во Литванија – 4 пациенти, Австрија – 2 пациенти, Словенија – 2 пациенти, Република Србија – 12 пациенти и Република Бугарија – 1 пациент.
Министерот за здравство Арбен Таравари вчера информираше дека пациентите генерално се во стабилна состојба, освен 20 пациенти, за кои рече дека се во критична состојба, притоа, нагласи дека сите пациенти кои биле во Кочани и Штип, се сместени во Скопје за третман на ниво на терцијарно здравство.
Скопје - Владата ќе обезбеди превоз и сместување за семејствата на повредените од пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани, кои во моментов се хоспитализирани во други земји. За ова ќе биде донесена одлука на денешната владина седница.
Повеќе информации за превозот и сместувањето членовите на семејствата на повредените може да добијат на телефонот 070 270 370. Вчера портпаролката на Владата Марија Митева ги повика сите семејства да ја користат оваа линија за да може ефикасно да се организира поддршката што им е потребна.
Скопје – Започнува теренска контрола на сите субјекти регистрирани како кабаре, дискотеки или ноќни клубови по што властите ќе излезат со детални информации.
Почнувањето на контролите вчера го најави премиерот Христијан Мицкоски по координативниот состанок со директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски и министерот за економија и труд Бесар Дурмиши на кој се разговарало за досегашните постапки кои се преземани од надлежните институции и опсежната анализа за сите субјекти регистрирани како кабаре или дискотеки, ноќни клубови.
Скопје - Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози во западните и југозападните делови од државата, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот. Во останатите делови од државата коловозите се претежно суви, информира АМСМ.
Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат на Попова Шапка, во Маврово, Крушево, на планинските превои Стража, Буково, Ѓавато и Пресека. Забраните за сообраќај за тешки товарни возила на патните правци Гостивар – Кичево преку планинскиот превој Стража и крак Маврово - Дебар се укинати изутрина во 05:30 часот.
Атина – Сместување за роднините на повредените лица од трагедијата во Кочани, кои се хоспитализирани во Солун, но и транспорт од сместувањето до болниците обезбедува Здружението на бизнис жени од Грција кои веќе имаат на располагање околу 20 соби и кревети.
Претседателката на Здружението Апостолина Цалтабаси во разговор со дописничката на МИА од Атина посочува дека ова е чин на човечност, хуманост, љубов и пријателство, но и најмалку што можеле да направат.
Белград – Во Србија денеска е Ден на жалост поради трагедијата во Кочани , јави дописникот на МИА од Белград. Одлуката ја донесе српската Влада во неделата.
Во големиот пожар во дискотека во Кочани загинаа најмалку 59 лица, а 155 се повредени.
Знамињата во Србија се на половина копје на државните институции и установи. Медиумите и културните установи се обврзани да ја прилагодат својата програма за Денот на жалоста.
Софија - Министерскиот совет на Бугарија го прогласи 18 март за Ден на национална жалост во спомен на жртвите кои загинаа во трагични околности во градот Кочани, Република Северна Македонија, соопшти владината прес-служба. Бугарската Влада изрази сочувство до семејствата на загинатите.
Во нивен спомен денеска на половина копје ќе бидат спуштени националните знамиња на државните институции, јави БТА.
Букурешт - Романскиот патријарх Даниел упати порака со сочувство по трагедијата што се случи во неделата во Кочани. Во пораката упатена до поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, патријархот Даниел се моли за упокојување на починатите, за исцелување на повредените и за утеха на ужалените семејства.
Скопје - Најниска температура утрово е измерена на Попова Шапка, а најтопло e во Гевгелија. Според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи, -8 степени Целзиусови се измерени на Попова Шапка, -4 во Крушево, Маврови Анови, -1 во Берово, 0 во Крива Паланка, Прилеп, Охрид, Битола, Тетово, Куманово, Претор, 1 во Скопје-Зајчев Рид, 2 во Штип, Виница, Велес, Струмица, 3 во Скопје-Петровец, 4 во Кавадарци, 5 во Демир Капија, а 6 во Гевгелија.
Белград - Припадници на српската полиција се групираат од утрово пред и во Градското собрание на Нови Сад откако студенти од Нови Сад во текот на ноќта се обидоа да ги блокираа сите влезови.
Претпладнево е закажана седница на одборниците во Градското собрание на која треба да гласаат за буџетот, за деловната програма на сите јавни претпријатија и за 60 други точки од дневниот ред. Седницата беше закажана вчера.
Брисел – Донаторите на годишната конференцијата предводена од Европска Унија синоќа ветија 5,8 милијарди евра помош за новите сириски власти, кои се соочуваат со хуманитарни и безбедносни предизвици по соборувањето на Башар ал Асад.
Помошта е помала од лани, кога на Сирија и беа доделени 7,5 милијарди евра грантови и заеми, а претставниците на ЕУ како главен фактор го наведоа намалувањето на американската помош.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека неговата администрација денеска ќе објави околу 80.000 страници класифицирани документи поврзани со убиството на претседателот Џон Ф. Кенеди во 1963 година.
- Луѓето чекаат на ова со децении. Ќе биде многу интересно, изјави Трамп при посетата на Центарот „Кенеди“ во Вашингтон.
На новинарско прашање дали видел што има во документите, Трамп рече дека само слушнал, но и дека луѓето треба сами да си направат резиме по објавените документи.
Вашингтон - Харвард објави бесплатна школарина за студентите чии семејства заработуваат под 200.000 долари годишно, и е еден од неколкуте елитни универзитети во САД што ја прошири паричната помош за студентите, по одлуката на Врховниот суд да забрани расна позитивна дискриминација при упис на факултет.
Новата програма го зголемува лимит на приходи и ќе стапи во сила оваа есен, јавија синоќа дел од американските медиуми. Претходно на Харвард бесплатно можеа да студираат само семејства со приходи под 85.000 долари годишно. Просечниот приход по домаќинство во САД изнесува околу 80.000 долари.
Брисел - Северна Македонија продолжува да демонстрира посветеност на интеграцијата во ЕУ и усогласувањето со нејзините политики, па Европскиот парламент повикува на брз напредок во пристапните преговори, но истовремено ја истакнува и важноста од усвојување на договорените уставни амандмани, се наведува во Нацрт-извештајот на известувачот на Комитетот на надворешни работи на ЕП (АФЕТ) за земјава, Томас Вајц, во кој увид имаше МИА.
Вашингтон – Многу од елементите на конечниот договор за Украина се договорени, но останува и многу работа, изјави синоќа американскиот претседател Доналд Трамп пред разговорот со рускиот колега Владимир Путин.
Трамп на платформата „Трут соушл“ (Truth social) објави дека „со големо нетрпение го очекува разговорот со претседателот Путин“.
Брисел - Подготовка на мартовскиот Европски совет, односите ЕУ-Велика Британија и приоритетите на блокот за 2025 година, ќе бидат главни теми на денешното заседание на Советот за општи работи на Унијата (ГАК) во Брисел.
Состанокот на министрите и државните секретар на земјите членки на Унијата одговорни за европски прашања ќе започне со расправа за нацрт-заклучоците за Самитот на ЕУ закажан за 20-21 март 2025 година.
Отава – Премиерот на Канада, Марк Карни, на неговото прво патување во странство, вчера ги посети Лондон и Париз, изјави дека е важно да се зајакнат врските со „доверливите сојузници“ во Европа.
Одлуката на Карни да ги посети Париз и Лондон наместо Вашингтон, како што е вообичаено за канадските лидери, уследи откако американскиот претседател Доналд Трамп ги ескалира трговските тензии и со Канада и со Европа и се заканува со анексија на Канада.
Мексико Сити - Мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум изјави дека нејзиниот стар мобилен телефон и електронска пошта биле хакирани.
На прес-конференција, Шејнбаум рече дека веднаш ги предупредила надлежните институции. Таа истакна дека нападнатата адреса е одамна нефункционална, а телефонот го користела само за комуникација со поддржувачите.
Газа - Според Цивилната заштита во Газа, најмалку 220 лица загинале во израелските воздушни напади во текот на ноќта.
Меѓу загинатите се жени, деца и повозрасни лица, изјави портпаролот на организацијата Махмуд Басал. Во болниците во Кан Јунис биле донесени 103 тела, во градот Газа 70, а останатите жртви биле регистрирани низ различни области во палестинската енклава.
Вашингтон – Претседателот на САД, Доналд Трамп го укина правото на заштита од Тајната служба за децата на поранешниот претседател Џо Бајден – Хантер и Ешли.
- Хантер Бајден подолг период имаше заштита од Тајната служба, а сето тоа го плаќаше американскиот даночен обврзник. „Ве известувам дека, веднаш штом стапи во сила, Хантер Бајден повеќе нема да има заштита од Тајната служба. Исто така, Ешли Бајден, која има тим од 13 агенти, ќе биде отстранета од списокот, објави Трамп на платформата „Трут соушл“ (Truth social).
Хјустон - Астронаутите на НАСА, Буч Вилмор и Сани Вилијамс рано утринава ја напуштија Меѓународната вселенска станица (МВС) во капсулата „Кру драгон“ (Crew Dragon) на „Спејс-Икс“ (SpaceX), почнувајќи го своето враќање на Земјата, по непланираниот деветмесечен престој на Станицата.
Лима - Владата на Перу ќе воведе вонредна состојба во главниот град Лима и соседниот град Калјао, објави премиерот Густаво Адриансен. Одлуката е донесена поради растот на криминалот, а војската ќе биде ангажирана за поддршка на Националната полиција, јавува државната телевизија ТВ Перу.
Вонредната состојба ќе биде официјално воведена во текот на денот, а владата веќе го промени датумот за состанокот на Националниот совет за безбедност – наместо на 28 март, седницата ќе се одржи денеска.