• среда, 19 март 2025
МИА Општински пул

17 март 2025 

Кочани - Тажно и непрепознатливо е Кочани еден ден по трагедијата со пожарот што го разбуди градот. Полупразни се улиците, без многу посетители во кафулињата и рестораните, го нема вообичаениот џагор во училишните дворови и во детските паркови.

Граѓаните мирно и достоинствено, во Паркот на Револуцијата палат свеќи и носат цвеќе, оддавајќи им почит на жртвите во трагедијата.

Дебар - Дебрани преку социјалните мрежи се збогуваат од нивниот Андреј од ДНК, дебранин и поранешен сограѓанин.

- И твојот Дебар тагува по тебе Андреј. Почивај во мир голем човеку, пишуваат тие. Независно од националната припадност на социјалните мрежи се простуваат со Андреј негови врсници, со кои другарувал, соседи, граѓани кои ги познавале неговите родители, и сите кои се воодушевуваа на неговите изведби.

Куманово - Ученици, средношколци, граѓани денеска на градскиот плоштад во Куманово запалија свеќи, донесоа цвеќе и напишаа пораки изразувајќи сочувство до семејствата на загинатите во трагичната несреќа во Кочани. 

Меѓу загинатите е и кумановецот Филип Стевановски, директор на Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип. Роден во Куманово, Стевановски беше уметнички директор на „Џез фестивал“, продуцент, пијанист, тромбонист и композитор, магистер по џез науки, а вработен беше како професор во Државниот музички училишен центар (ДМУЦ) „Сергеј Михајлов“-Штип. Тој настапуваше во групата „ДНК“.

Струга - Во Паркот на поезијата во Струга во организација на здружението „Аква“ денеска им беше оддадена почит на жртвите од пожарот во дискотеката во Кочани.

- Со длабока почит и солидарност, им оддадовме чест на жртвите од трагичниот пожар во Кочани. Младите и жителите на Струга, во тишина и со запалени свеќи, оддадоа почест на секој изгубен живот, споделувајќи болка и поддршка со нивните семејства, посочуваат од „Аква“.

Кавадарци - Кавадарци утре ќе им оддаде почит на загинатите во дискотеката во Кочани. Организаторите на настанот ги повикаа кавадарчани со цвеќе или свеќа да дојдат во 12 часот на градскиот плоштад. Истовремено на фејсбук страница посветена на градот Неготино се повикува на донација за ужалените семејства со починати и повредени деца.

- Секој што може да остави како донација во форма на аналгетици, мелеми за изгореници, чиста памучна постелнина, завои, течности за отоци и слично, слободно пишувајте предлози. Во последниот дуќан од пазарот што го држи Здружение „Надеж Мит“ во текот на цела недела ќе се собира донација, што потоа лично ќе биде однесена до Кочани, се вели во објавата.

Крива Паланка - Средношколците од СОУ „Ѓорче Петров“ - Крива Паланка, членови на Советот на млади и граѓани на Општина Крива Паланка денеска точно на пладне запалија свеќи и оставаа цвеќе на плоштадот пред Општината, изразувајќи сочувство до семејствата на загинатите во трагичната несреќа во Кочани. 

- Длабоко сме трогнати, погодени до дното на душата од она што се случи. Иако се уште не сакаме ниту да поверуваме дека е вистина, иако не познававме лично ниту еден од загинатите или повредените, ние сме толку погодени, како да се тоа наши најблиски другари или роднини. Верувајте, скршени сме од болка и ова е тага што ќе ја носиме низ животот како потсетување  - никогаш да не се повтори, рече Михаела Јанковска, претседател на Совет на млади - Крива Паланка.

Скопје - Водата за пиење во Скопје е безбедна, покажуваат резултатите од направените физичко-хемиски и микробиолошки испитувања од 52 мерни места во градот. 

-Секторот за санитарна контрола во периодот од 10 до 14 март 2025 година зема 208 примероци за физичко-хемиска и 208 примероци за микробиолошка анализа на вода за пиење од 52 мерни места во Градот Скопје. Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење, информираат од ЈП Водовод и канализација. 

Скопје - Започнувајќи од денеска, понеделник (17.03.2025 година), локалната самоуправа стартува со акцијата за субвенционирање за купување на нови велосипеди и електрични тротинети, наменета за жителите на општина Карпош. Во таа насока, Општината од својот буџет одвои финансиски средства во висина од 850.000 денари, а акцијата ќе трае до исцрпување на средствата функционирајќи според принципот „прв дојден, прв услужен“.

Притоа, се предвидува субвенционирање до 30% од цената на купување на нов велосипед, или во максимален паричен износ најмногу до 4.500 денари, додека пак за купување на нов електричен тротинет, Општина Карпош ќе субвенционира до 30% од цената, односно најмногу до 6.000 денари. Право на субвенционирање во оваа акција ќе има секој полнолетен жител на општина Карпош, кој ќе купи нов велосипед или електричен тротинет започнувајќи од 17.03.2025 година (понеделник).

Дебар - Врховниот поглавар на Бекташкиот ред Хаџи Деде Баба Монди, чие седиште е во Тирана, изрази длабоко сочувство до семејствата на загинатите во трагедијата во Кочани, а на повредените им посака побрзо закрепнување.

-По повод на оваа голема трагедија, во мое и во името на милиони бекташи низ целиот свет, им изразувам најдлабоко сочувство на семејствата на загинатите млади животи, а на повредените брзо закрепнување. Ги поздравуваме напорите на државните и локалните структури на државата и на сите оние кои пружиле помош, да со верба во Семоќниот Бог, чувството на хуманоста и нивната најголема пожртвуваност да ги минимизира последиците од оваа голема трагедија, стои во објавата на Фејсбук.

Битола - Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола изразува длабоко сочувство до семејствата на загинатите во пожарот во Кочани и посакува брзо закрепнување на повредените.

Во духот на солидарноста, како Универзитет што ја вреднува човечката солидарност, УКЛО ја нуди својата стручна поддршка преку своето Психолошко советувалиште за сите кои имаат потреба од помош во овие тешки моменти.

Штип - Штип тагува по петмината починати во несреќата во Кочани. На Градскиот плоштад „Слобода“ и утринава се палеа свеќи покрај сликите на починатите. Во медицинското училиште, односно Средното Општинско училиште (СОУ) „Јане Сандански“ учениците му одадоа почит на својот сокласник Филип Ивановски. Со слики во рацете и солзи во очите учениците се сообраа во училишниот двор. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Корданов изразува длабоко сочувство на семејствата на загинатите.

-Општина Штип отвора книга на жалост за починатите од несреќата во Кочани. Во 13 часот ќе биде поставена на плоштадот Слобода во Штип. Граѓаните ќе можат да остават порака за починатите кои несреќно го изгубија животот во диското во Кочани, велат во соопштението од Општина Штип.

Тетово – На плоштадот во Тетово денескa беше оддадена почит за младите луѓе од Кочани кои ги загубија животите во пожарот во дискотеката. Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами, заедно со советниците од Општина Тетово и дел од средношколците положија цвеќе и оддржа минута молк. 

-Денеска сме тука во Тетово, во мое лично име во име на моите сограѓани да ја споделиме нашата длабока болка со сите семејства на загинатите од трагедијата во Кочани. Како Тетово и тетовчани стоиме сплотени заедно со сите за полесно да ја поминеме оваа голема болка и оваа трагедија што ни се случи. Се молиме и работиме да ова биде последна трагедија што ни се случува. Нашата цел е да понатаму како институции да работиме ваквите случаи да се елиминираат и да не ни се случуваат, истакна Биљал Касами.

Куманово - Советот на општина Куманово, на денешната вонредна седница донесе одлука да одвои два милиони денари за семејствата на загинатите и на повредените лица во пожарот во Кочани.

Советниците со едноминутно молчење им одадоа почит на жртвите од трагедијата во Кочани.
Еден милион денари Куманово доделува на семејствата на загинатите и уште еден милион за семејствата на повредените.

Куманово - Денеска се одржа вонредна седница на Совет на општина Куманово со една точка на дневен ред, предлог – одлука за доделување парична помош од буџетот на општина Куманово по трагичниот настан предизвикан од пожар во дискотека во Кочани, што се случи на 16.03.2025 година.

По едноминутно молчење, во знак на почит кон настраданите во дискотека во Кочани, едногласно беше усвоена предлог-одлуката за доделување парична помош од буџетот на Општината, во износ од 2 милиони денари, од кои 1 милион денари за семејствата на загинатите и 1 милион денари за повредените во немилиот настан во Кочани.

 

Остани поврзан