• петок, 22 ноември 2024
МИА Флеш

18 јануари 2024 

-Почнува реализацијата на четирите нови системи за наводнување, Страиште, Лисиче, Конско и Пепелиште, со кои ќе бидат опфатени 13 000 хектари земјоделско земјиште. Инвестицијата вредна над 100 милиони евра, ќе се реализира преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Седумдесет отсто од средствата се поддршка од германската КФВ банка, 80 милиони евра заем и 2,8 милиони евра грант за поддршка на земјоделците и земјоделските задруги во областите опфатени со хидросистемите, додека останатите 30 проценти се од државниот буџет. Како што истакнаа премиерот Димитар Ковачевски и министерот за земјоделство Љупчо Николовски пред денешното потпишување на Договорот со меѓународната консултантска компанија „Consulting engineers Salzgitter“ (ЦЕС), четирите нови системи се дел од Програмата за наводнување на Северна Македонија и се протегаат по сливот на реката Вардар. Хидросистемот Лисиче ги опфаќа земјоделците од Велес и Чашка и обезбедува наводнување за 3 650 хекатри, системот Пепелиште опфаќа 3 000 хектари во Неготино и Демир Капија, Страиште  1 500 хекатри во Валандово и најголемиот, Конско, опфаќа 5 500 хектари на подрачјето на општините Гевгелија, Богданци и Дојран.

-Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска на состанок со градоначалниците го најави повикот за аплицирање за грант за креирање дополнителни места во предучилишните установи преку адаптации на постојни објекти, кој ќе биде отворен до 1 април годинава. Јавниот повик го имплементира Министерството за труд и социјална политика преку Проектот за подобрување на социјалните услуги и финансиската поддршка од Меѓународната банка за обнова и развој. Повикот е во рамки на компонента 2 од проектот - “Проширување на пристапот и подобрување на квалитетот на предучилишните услуги” каде се финансираат проекти за креирање на дополнителни капацитети во предучилишните установи преку адаптации на постојни објекти.     

-Во декември 2023 година вкупните кредити бележат месечен раст од 1,3 проценти, како резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, со поголем придонес на корпоративниот. Годишниот раст на вкупните кредити, пак, изнесува 5,1 процент и исто така произлегува од зголеменото кредитирање на двата сектора, поизразено кај секторот „домаќинства“, објави денеска Народната банка. Вкупните депозити, пак, во декември лани, оствариле месечно и годишно зголемување од 4 проценти и 8,7 проценти соодветно, коешто се должи на придонесот на депозитите на двата сектора, со поизразен придонес на секторот „домаќинства“. Во декември, кредитите на домаќинствата оствариле мал раст од 0,5 проценти на месечно ниво и во целост е одраз на зголеменото кредитирање во странска валута. Годишниот раст на овие кредити изнесувал 6,7 проценти и во поголем дел се должи на зголеменото кредитирање во странска валута, при раст и на кредитите во денари. 

-Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, изјави дека очекува одговорност од Советот на Град Скопје, во врска со најавата за прекин на работа на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) Скопје, поради неисплатената декемвриска плата. На прашање на МИА на денешната прес-конференција Арсовска рече дека сите одлуки кои што се однесувале на редовното функционирање, поврзани со буџетот на Град Скопје, биле доставени до Советот. - Оние одлуки што беа за редовното функционирање поврзани со буџетот на Град Скопје, уредно ги доставив до Советот и претседателот, дури свикав и една итна седница, која што тој одлучи со своето дискреционо право, точките кои беа најважни за претпријатијата на Град Скопје, да ги отстрани од дневниот ред. Како што можете да видите побаравме нова вонредна седница, истата сѐ уште не е свикана до овој ден. Јас се надевам дека прво одговорност ќе имаат со функцијата што ја имаат, доколку сакаат свесно да ги уништат претпријатијата, одговорноста е нивна, ние од наша страна се што сме можеле сме направиле, рече Арсовска.

-Инспекторите за животна средина на Град Скопје по неколкудневно следење завчера, во соработка со полиција од ПС Ѓорче Петров, спречиле екоцид на парцела во општина Ѓорче Петров, откривајќи приватна дива депонија во која се оставал опасен отпад. Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска на прес-конференција рече дека сторителите пред 20 сведоци биле затекнати во извршување на кривичното дело на локацијата на која дневно од 50 до 100 камиони истурале токсичен отпад и праша дали најголем клиент била Општината Ѓорче Петров. -Се работи за еколошка катастрофа од прв степен која во Општина Ѓорче Петров се случувала на парцела од 4000 квадратни метри приватен имот и околу 5000 метри квадратни имот на Република Македонија, во непосредна близина на реката Лепенец, на локација оддалечена од само 100-ина метри од новата пречистителна станица која ја гради Општина Ѓорче Петров, а е финансирана од Европската Унија... Завчера, на 16 јануари, во тек на вршење на екоцидот  ги фативме на лице место. Спречени се во вршење на нелегалните активности, извршен е увид на парцелата, прибрани се докази за сторениот екоцид, фотографирана е состојбата. Случајот е пријавен во Министерството за внатрешни работи, а на самото место беа излезени и полициски службеници, изјави Арсовска.

-На Меѓународен аеродром во Скопје вчера при извршена пасошка контрола на Г.Р.Х.А.(52) од Холандија, било констатирано дека во оперативната евиденција за него има барање од Интерпол. Исто така постоело сомнение дека холандската патна исправа, која ја дал на увид, била фалсификувана. Како што соопшти МВР, со него бил извршен службен разговор во кој изјавил дека холандската патна исправа ја купил во Република Турција, а неговата иранска патна исправа ја дал во замена за холандската.

-Комората на трговски друштва за геодетски работи  од денеска се приклучи на Стопанската комора на Северна Макеоднија. Соработката како што информира претседателот на Геодетската комора Никола Рибаровски е во насока на обезбедување поддршка во заложбите за креирање на деловен амбиент на геодетските компании преку кој ќе се истакне важноста на конструктивниот јавно-приватен дијалог. На денешната прес-конференција Рибароски посочи дека ваквата соработка ќе придонесе кон полесно справување со моменталните предизвици на геодетските компании. -Геодетската комора поради оние јавни овластувања кои ги има според законот, а со кои незаконски во моментов и се одземени ќе продолжи да дејствува независно, но од денеска под чадорот на Стопанската комора. Соработката со Стопанска комора која денеска ја официјализиравме ќе биде во насока на поддршка на нашите заложби да обезбедиме на компаниите кои се дел од оваа геодетска комора соодветен деловен амбиент преку кој ќе се обидеме да ја истакнеме важноста на конструктивниот јавно-приватен дијалог, појасни Рибароски.

-Група млади од Лежа, на чија територија е планирана изградба прифатни центри за имигранти, денеска протестираат пред Уставниот суд во Тирана, кој расправа за уставноста на договорот со Италија за имигрантите. - Против сме формирање на прифатни центри во нашата околија, што е предвидено во договорот меѓу премиерот Еди Рама и неговата колешка Џорџа Мелони. Бараме поништување на договорот, бидејќи тој е неуставен и опасен преседан, порачаа тие. Уставниот суд денеска го разгледува барањето на 30 пратеници од опозицијата, од групата на Сали Бериша и Газменд Барди, кои бараат поништување на договорот, кои сметаат дека се прекршени сите закони и оти претставува опасност по националната безбедност.

-Стотици летови на аеродромот во Франкфурт во Германија се откажани денеска, еден ден откако поради зимска бура накратко беа прекинати полетувањата и слетувањата. Повеќе од 300 од околу 1.000 планирани летови за денеска на аеродромот во Франкфурт се откажани, изјави портпаролката на аеродромскиот оператор Фрапорт. Авиони полетуваат и слетуваат на аеродромот, но воздушниот сообраќај сè уште се опоравува по невремето што донесе мраз, замрзнат дожд и снег во поголемиот дел од западна и јужна Германија. Не е јасно дали дополнителни летови може да бидат откажани денеска. Портпаролката на аеродромот ги повика патниците да го проверат статусот на нивните летови на интернет пред да отпатуваат на аеродромот. Аеродромот во Франкфурт е најголемиот и најважен авијациски центар во Германија и е меѓу најпрометните аеродроми во Европа.

-Израелскиот претседател Исак Херцог изјави денеска дека жителите на Газа се вкоренети во мрежата на теророт и додаде дека постои „царство на злото“ кое потекнува од Техеран и со кое треба да се соочи силна коалиција. Херцог на состанокот во Давос рече и дека милијарди долари се трошат за дестабилизација на светот и дека Иран ги финансира своите сојузници во целиот регион, за да го поткопа секој мировен процес. Тој рече дека израелското општество било потресено од нападите на Хамас на 7 октомври и дека се извршени злосторства против Израелците, вклучувајќи силувања, обезглавувања и палење на цели семејства.Херцог го спомна момчето Кфир Бибас, кое денеска полни една година во заробеништво на Хамас, откако тој, неговиот четиригодишен брат и родителите беа киднапирани и одведени како заложници во Газа.

-Иран и Пакистан не сакаат понатамошна ескалација на тензиите во регионот, изјави денеска турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан по разговорите со шефовите на дипломатиите на двете земји. Според Фидан, Турција им препорачала на Иран и Пакистан да не ги зголемуваат тензиите дополнително и посочи дека мирот во регионот треба да се воспостави што е можно поскоро.Турското Министерство за надворешни работи ги повика Иран, Ирак и Пакистан да покажат воздржаност и здрав разум по ескалацијата на тензиите во регионот. 

-Кинеското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека Кина и Филипините се договориле да ги намалат тензиите по една година несогласувања околу Јужното Кинеско Море, кои ја зголемија загриженоста за можно избивање вооружениот конфликт во регионот. Во соопштението на Министерството се вели дека двете страни се договориле да продолжат да ја подобруваат комуникацијата и да ги користат преговорите за решавање на сите спорови околу морето. „Двете страни имаа искрени и продуктивни разговори за деескалација на ситуацијата во Јужното Кинеско Море и двете страни се согласија на мирно решавање на инцидентите, доколку ги има, преку дипломатски канали“, се вели во соопштението на филипинското Министерство за надворешни работи. Во ноември, официјална Манила ја обвини кинеската крајбрежна стража дека заедно со придружните бродови во спорните води извршила опасни маневри и со водени топови нападнала филипински брод за снабдување.

Остани поврзан