
9 април 2025
Скопје - Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица, осомничени за примање поткуп за болничко згрижување на лице. Првоосомничениот, како службено лице – директор на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина во Скопје, преку второосомничениот, негов човек од доверба, побара награда од 100 илјади за згрижување на лице во болницата. На 8 април годинава, второосомничениот е фатен како во име на директорот директно примил износ од 20.000 евра.
Првоосомничениот, како директор на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина во Скопје, во периодот од 19.03.2025 до 08.04.2025 година, во неколку прилики директно побарал значителна имотна корист за себе за да изврши службено дејствие што би морал да го изврши. Тој, како што информираат од Обвинителство, е осомничен за кривично дело – Примање поткуп од член 357 став 5 во врска со став 2 од Кривичниот законик.
Скопје - Во Македонија има само два водостопански инспектора, новиот закон за води се уште не е донесен, а актуелната правна рамка не ги содржи клучните елементи од Рамковната директива на ЕУ која е водечки документ за заштитата на реките во европските земји, беше речено пред почетокот на денешната трета меѓународна конференција за заштита на реките на Југоисточна Европа.
Според „Еко-Свест“, неопходна е силна инспекциска контрола во работењето на сите чинители за заштита на реките. Државава треба да работи на промена на политиките, на засилување на инспекцискиот надзор и на воведување на европските начини на управување со реките и речните ресурси.
Скопје - Дизел горивата и бензинот ЕУРОСУПЕР БС – 95 од ноќеска на полноќ поевтинуваат за два денари по литар, а цената на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 се намалува за 2,5 денари за литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,85 отсто во споредба со претходната пресметка.
Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС – 95 е 74 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС – 98 ќе се продава за 76, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) за 66,5, а Екстра лесно масло за горење (ЕЛ-1) за 66,5 денари за литар.
Скопје - Претставници на синдикатите денеска се на состанок во Владата, но засега нема детали за што точно ќе се разговара. Од Сојузот на синдикати на Македонија, пред почетокот на состанокот, изјавија дека се повикани во Владата, но дека немаат информација за што ќе се разговара.
- Сакаме да им кажеме на владините функционери дека едногласно донесовме одлука на јавната сендица на највисоките тела на ССМ дека доколку не ги зголемат минималната плата и сите останати плати и доколку 12,6 проценти не се зголемат платите во јавниот сектор, ќе треба да живеат на минималец, изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Скопје - Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Куманово поднесе кривична пријава против едно физичко лице во својство на управител и одговорно лице во правно лице и против две службени лица поради основи на сомнение дека ги сториле кривичните дела „Злоупотреба на службена положба и овластување“, „Проневера во службата“ и „Несовесно работење во службата“.
Со овие дејствија, пријавените предизвикале штета на Буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта во вкупен износ од 22.294.343,00 денари.
Скопје - Полицијата вчера во рамки на сообраќајните контроли на подрачјата на осумте сектори за внатрешни работи издала вкупно 895 платни налози, по преземени мерки по основа на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (ЗБСП) и Законот за возила (ЗВ).
Како што соопшти МВР, по однос на изречените прекршочни санкции и натаму најголемиот број изречени прекршоци против возачи се однесуваат на непрописно паркирање 299, а 273 се однесуваат на непочитување на брзината на движење. Прекршоци по основ на непоседување на возачка дозвола се 67, прекршоците за некористење на сигурносен појас 54, за користење на мобилен телефон при возење 21, како и 11 прекшоци што ги сториле пешаци.
Брисел - Турција бележи континуирано влошување на демократските стандарди, за што показател е и политички мотивираното отстранување на истанбулскиот градоначалник Екрем Имамоглу од функцијата, поради што процесот на пристапување на земјата во Европската Унија мора да остане замрзнат, се наведува во Извештајот на Европскиот парламент за Турција.
Во документот усвоен денеска од страна на Комитетот за надворешни работи на ЕП (АФЕТ) со 48 гласа „за“, 3 „против“ и 23 „воздржани“, европратениците оценуваат дека и покрај геополитичките и стратешките императиви на процесот на пристапување, не може да се занемари непочитувањето на демократските принципи, па затоа во сегашните околности и покрај демократските и проевропските аспирации на голем дел од турското општество, процесот на пристапување на Турција во ЕУ не може да продолжи.
Брисел - Европската унија креативно ќе одговори на царините воведени од американскиот претседател Доналд Трамп – насочени кон производството во „црвените“ сојузни држави, каде што се неговите најголеми поддржувачи, пишува денеска Политико.
Минатата среда Трамп најави воведување царини за речиси целиот свет, а за ЕУ одреди процент од 20 отсто.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, тогаш рече дека алијансата е „подготвена да постигне добар договор“ со САД и предложи „нула царини за индустриските производи“, но за републиканецот опседнат со трговскиот дефицит што САД го имаат со земјите во светот, тоа „не е доволно“.
Москва - Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изрази загриженост дека Западот секогаш бара излез од економската криза преку агресија и војни.
Захарова изјави дека Западот секогаш бара излез од економската криза преку војни и уништување и дека е загрижена што аналитичарите предвидуваат дека економската ситуација нема да се подобри до 2030 година, туку дури и да се влоши.
Берлин – Екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) денеска за првпат се најде на прво место во истражување на јавното мислење во Германија, неколку часа пред да се договори следната владина коалиција во Берлин.
Анкета на Ипсос покажа дека АфД има 25 отсто, пред конзервативниот блок – составен од Христијанските демократи (ЦДУ) на Фридрих Мерц и Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) од Баварија – со 24 отсто поддршка.
Пекинг - Кина ги отфрли тврдењата на Киев дека „многу“ кинески државјани служат во руските воени единици, откако двајца Кинези беа заробени на бојното поле во источна Украина.
Нема основа за ова тврдење, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи Лин Џијан на брифинг со новинари денеска во Пекинг.
Ходеида - Најмалку осум лица загинаа, а 16 се ранети во американските воздушни напади во реонот на пристанишниот град Ходеида во Јемен во вторникот вечерта, соопштија јеменските бунтовници Хути.
Според Хутите, во американските напади врз Јемен досега загинале најмалку 81 лице. Во областа што синоча беше гаѓана се наоѓа градски аеродром кој претходно бунтовниците го користеа за мета на бродови во Црвеното Море.
Брисел - Вештачката интелигенција е од суштинска важност во напорите за изградба на поконкурентна, безбедна и технолошки суверена на Европа, па од тие парични Европската комисија денеска усвои Акциски план за континент на вештачката интелигенција, соопшти извршната потпретседателка на ЕК за технички суверенитет, безбедност и демократија, Хена Виркунен.
- Глобалната трка за вештачката интелигенција е далеку од завршена. Сега е време да се дејствува. Овој Акциски план ги истакнува клучните области каде што треба да се интензивираат напорите за да се направи Европа водечки континент за вештачката интелигенција, нагласи Виркунен на прес-конференција на која го промовираше усвоениот Акциски план.
Бејрут - Либанската милитантна група Хезболах е подготвена да разговара за своето разоружување со либанскиот претседател Џозеф Аун доколку Израел се повлече од јужен Либан и ги запре нападите, изјави за Ројтерс неименуван висок функционер на Хезболах.
Официјалниот претставник изјави дека Хезболах е подготвен да преговара за неговото разоружување, но дека пред тоа Израел мора да се повлече од пет точки во јужен Либан.