• четврток, 26 март 2026
МИА Општински пул

6 мај 2025 

Скопје - Со света литургија во црквата „Св. Ѓорѓија“ во населбата Кисела Вода, на која присуствуваше градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, денес започна одбележувањето на патрониот празник на Општина Кисела Вода. Голем број граѓани, верници се собраа во храмот посветен на заштитникот на општината, заеднички, со молитва да го започнат празничниот ден.

Одбележувањето на денешниот Ѓурѓовден, продолжува во паркот „Македонија“, каде што дечињата од градинките „Весели цветови“ и „8 Март“ учествуваат во креативна цветна работилница. Веднаш потоа, најмладите ќе уживаат во бесплатната театарска претстава „Плашливиот лав“, во изведба на театарот „Отпишани.

Скопје - Градоначалникот Горан Герасимовски информира дека во тек е јавниот повик за доделување субвенции во висина од 10 илјади денари за полагање возачки испит на сите млади лица кои годинава ќе наполнат 18 години. Тој потенцира дека полагањето возачки испит е задолжително за сите оние кои сакаат да управуваат со моторно возило, а Општина Центар им помага на младите да се стекнат со теоретски и практички знаења за безбедно возење и едукација за сообраќајните правила од искусни инструктори.

„Безбедноста во сообраќајот почнува од знаењето и свесноста на секој поединец. Полагањето возачки испит не е само формалност – тоа е обука која ги учи младите како да донесуваат правилни одлуки во движење, да ги почитуваат другите учесници и да реагираат смирено во секоја ситуација. Со оваа субвенција не само што ја олеснуваме финансиската бариера, туку и вложуваме во совесни и едукативно подготвени возачи. Одговорното возење спасува животи, и затоа секој млад човек кој сака да управува со возило треба да започне со квалитетна обука. Само така ќе создадеме побезбедни улици и подобра сообраќајна култура за сите. Ги повикувам сите млади лица кои оваа година ќе наполнат 18 години, а живеат на територијата на Центар најмалку една година да аплицираат за субвенција“, вели Герасимовски. 

Охрид - Нивото на водата во Охридското Езеро според денешните мерења спроведени од Управата за хидрометеоролошки работи се наоѓа на котата 693,39 метри надморска височина. Водостојот денеска е 26 сантиметри под просекот за мај или 29 сантиметри над дозволениот минумум.

Регионот деновиве е под влијание на влажна воздушна маса проследено со повремени интензивни врнежи од дожд, што придонесува за подобрување на водостојот во езерото.

Битола - Општина Битола и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ (УКЛО) преку Центарот за кариера, Алумни и Доживотно учење, трета година по ред ќе реализираат универзитетска летна пракса.

Програмата ќе се изведува во одделенијата на Општина Битола и во битолските јавни претпријатија, а цел на активноста е збогатување на практичните вештини на студентите и стекнување искуство во реалниот сектор.

Кавадарци - Денеска се навршуваат триесет и четири години од загинувањето на Сашко Гешовски, прва жртва при распадот на Југославијa, како припадник на ЈНА, потсетуваат утринава од Музеј галеријата во Кавадарци. Гешовски загина на шести мај 1991 година.  

Гешовски беше роден  во Кавадарци на 31 октомври 1971 година, основно и средно училиште завршил во родниот град. 

- По завршување на средното образование заминал на отслужување на воениот рок во ЈНА во Сплит – Р. Хрватска. На 6 мај 1991 година во него пукал маскиран припадник на МУП на Република Хрватска и смртно го погодил со 4 куршуми. Гешовски во критичниот момент бил на задача пред зградата на Воено поморската област во Сплит. Тој беше првата жртва во конфликтот што предизвика распад на Југославија во 1991 година. На 7 мај во Кавадарци се одржа протестен митинг,  учествуваше речиси целото население од градот и околината, за да го искажат својот револт за смртта на својот сограѓанин. Палеа свеќи на градскиот плоштад во чест на Гешовски. Неговото тело со воен хеликоптер беше пренесено во родниот град. На погребот присуствуваа повеќе од 20.000 граѓани, дојдени од сите краишта на поранешна Југославија. Во Кавадарци беше прогласена тридневна жалост, споделуваат од Музејот. 

Потсетуваат дека во воениот конфликт во 1991 година, покрај Гешовски, од Кавадарци загина и Петре Тодоровски, роден во 1971 година. Тодоровски загина како припадник на ЈНА на 26 јули 1991 година во касарната Љубљана – Поље, Р. Словенија. Својот млад живот го загуби како војник, додека бил на стража. Во овој конфликт загина и Мишко Митрев, роден во 1954 година во Ваташа. Митрев загина како подофицер во ЈНА во септември 1991 година, при одбрана на касарната во Ѓаково.

Струга - Струшката полиција поднесе кривична пријава против четири лица, државјани на Германија, Сенегал, Турција и Македонија за спречување и напад на полициски службеници при вршење службени дејствија, соопшти денеска СВР Охрид.

Кривичните дела ги сториле на 19 април годинава на фудбалски натпревар во Струга при што, со влечење, оттурнување и со физички напад, ги спречувале полициските службеници да преземаат службени дејствија по нарушен јавен ред и мир со тепачка.

- ОВР Струга поднесе кривична пријава против А.А.(31), од Република Германија, А.Д.(25) од Сенегал, Ш.Т.(25) од Турција и македонскиот државјанин Е.Д.(28) од Гостивар, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „спречување на службено лице во вршење на службено дејствие“ и „напад на службено лице при вршење работи на безбедноста“, изјави портпаролот Стефан Димоски.

Лицата, тројца фудбалери од фудбалскиот клуб Гостивар и едно лице од стручниот штаб на клубот беа приведени од струшката полиција поради напад на полициски службеници по завршувањето на натпреварот со Струга.

Охрид – Нуркачкиот центар „Амфора“ од Охрид викендов ќе ја реализира еколошката акција „Охрид ЕКО 2025“ за чистење на дното на Охридското Езеро од цврст отпад.

Десетици нуркачи од земјата и регионот в сабота на повеќе локации кај Градското пристаниште, кај Љубаништа, Заливот на коските, автокампот „Градиште“ и кај Калишта ќе го чистат езерското дно, од пластика, метал и секаков вид цврст отпад депониран во езерото.

Целта на акцијата што се организира четврта година по ред пред главнта туриситчка сезона е заштита на биодиверзитетот, подигнување на свеста кај населението и зачувување на природната убавина на eзерото, велат од Нуркачкиот центар „Амфора“. 

Ресен - Овоштарите од Преспа до Општина Ресен поднесоа 2.355 барања за обесштетување на оштетените насади со јаболка.

Од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството (АПРЗ) за МИА потврдија дека евидентирањето на барањата  за обесштетување е завршено, а наскоро ќе се формираат комисии за процена на реалната штета.

-По невремето и студениот бран што точно пред еден месец ја зафати Преспа, сега следува т.н. преоден период до стабилизација на климата за да се воочи како јаболковите насади ќе реагираат. Комисиите за проценка на реална штета на терен наскоро ќе бидат формирани и кон средината на идниот месец секој барател на обесштетување лично ќе биде посетен со цел да се изврши увид на штета врз овоштарник. Станува збор за стандардна процедура која се реализира на различни локации во Преспа бидејќи штетата врз јаболката не е секаде иста, изјави за МИА Горан Стефановски, раководител на работна единица при АПРЗ во Ресен.

Во Преспа и годинава најзастапена сорта на јаболка е ајдарет со 60 отсто од вкупните површини, а потоа следат и сортите муцо, златен делишес, црвен делишес, фуџи, чадел и други кои според агро-експертите некаде се целосно оштетени, но некаде јаболковите насади ќе се „изборат“ за нов јаболков род. 

Куманово - Заврши санацијата на подлогата во Соколанскиот парк во Куманово, информираше денеска градоначалникот на општината Максим Димитриевски.

Паркот беше затворен за јавноста додека траеше санацијата на подлогата поставена пред неколку години. Од секторот за комунални дејности информираа дека санацијата ја спроведува фирмата изведувач која ја прифатила рекламацијата од Општина Куманово. 

Соколанскиот парк, еден од неколкуте зелени површини во изминатиот период претрпе значителна реконструкција во повеќе фази. Во 2023 година Општина Куманово одвои околу 15 милиони денари за уредување на просторот, која вклучи замена на подлогата, поставување на нова урбана опрема, фонтани, детски катчиња, реквизити за рекреација и паркинг простор. Во близина на паркот е и спортскиот објект Соколана, кој етапно се реконструира.

Соколански парк зафаќа површина од околу 7. 000 метри квадратни. 

Скопје - Општина Гази Баба објави јавен повик за доделување на финансиска поддршка на пензионери со ниски пензии од општина Гази Баба. 

Пензионерите треба да бидат биде жители на општина Гази Баба, приматели на старосна, семејна, инвалидска пензија или социјална пензија (корисници на правото на социјална сигурност), износот на пензијата која ја примаат да не биде повеќе од 23.000 денари. 

За да аплицираат на јавниот повик треба да поднесат барање за доделување на финансиска поддршка на пензионери во социјален ризик, фотокопија од лична карта, фотокопија од трансакциска сметка, чек од банка за примена последна пензија, а за корисници на социјална панзија - Потврда/Решение од надлежниот Центар за социјални работи (ЦСР Гази Баба). 

Јавниот повик ќе се спроведува по принципот "прв дојден - прв услужен", и ќе трае од денеска до 20 мај годинава односно додека не се потрошат предвидените средства. 

За оваа намена, општина Гази Баба има определено 7.695.000,00 денари.

Градоначалникот Стефковски во објава на социјалните мрежи ги повика сите пензионери кои ги исполнуваат условите да аплицираат и да ја искористат можноста за добивање на финансиска поддршка.

Остани поврзан