• четврток, 26 март 2026
МИА Радио флеш

Скопје - Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити денеска информира дека повиците за #EULIFE25 програмата се официјално отворени, а земјава е единствена во регионот што има пристап до овие средства, соопшти неговиот кабинет.

Меџити ја повика домашната академска заедница, локалните самоуправи, научните и образовни институции, приватниот сектор и здруженијата на граѓани, да ја искористат оваа прилика и да аплицираат директно за некој од отворените повици, за да според него, зелените идеи да се претвараат во конкретни проекти поддржани од ЕУ!

Скопје - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани во рамки на 10-от Годишен форум на ЕУ Стратегијата за Јадранско-јонскиот регион (ЕУСАИР) денеска во Грција учествуваше на Министерскиот состанок на Јадранско-јонскиот совет и на Панелот на министри за ЕУ фондови.

На Министерскиот состанок на Јадранско-јонскиот совет, министерот Муртезани, како што информира Министерството за европски прашања, ја истакна важноста од засилување на регионалната соработка во услови на се посложени глобални и геополитички предизвици. Тој го поздрави ревидираниот Акциски план на ЕУСАИР како конкретна алатка за посилно локално влијание, особено со вклучувањето на проширувањето како хоризонтален приоритет.

Скопје – Има извршено мерење на радиоактивен фон во РЕК Битола и тој „не е многу поголем“ од природниот фон на зрачење, изјави денеска в.д. директорот на Дирекцијата за радијациона сигурност Зоран Бајовски на одбележувањето 20 години од формирањето на независниот национален регулаторен орган.

На новинарско прашање дали Дирекцијата има надлежност врз работењето на РЕК Битола, откако неодамна се издигна радиоактивен пепел од нејзиното работење, Бајовски рече „извршено е мерење во 2024 година и сега од страна на еден од техничките сервиси и констатирано е дека тој не е многу поголем од дозволениот природен фон на зрачење“. 

Скопје – Собранието во рамките на денешната работа по дневниот ред на 47. седница го именува Бујар Сулејмани, дипломиран правник со положен правосуден испит од тетовското село Ларце, за претседател на Државната комисија за жалби по јавни набавки.

За членови на Државната комисија за жалби по јавни набавки се именувани: Наташа Јовановска Милошевиќ, дипломиран правник од Скопје, Маја Малахова, дипломиран правник со положен правосуден испит од Скопје, Савка Нејковска Тасева, дипломиран правник со положен правосуден испит од Скопје, Вене Тасев, дипломиран правник со положен правосуден испит од Скопје, Јован Трпевски, дипломиран правник со положен правосуден испит од Скопје и Адил Емини, дипломиран по бизнис администрација од село Желино.

Скопје - Судењето против Васил Јованов, возачот кој според обвинението на пешачки премин ја прегази Фросина Кулакова започнува в петок во Основен Кривичен суд во Скопје со почеток во 10 часот. Васил Јованов е обвинет за кривичното дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ за кое е предвидена затворска казна до 20 години. Случајот ќе го води судијката Снежана Марковска.

Според обвинението, на 29 јануари 2025 година, Васил Јованов, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, управувал возило со брзина од 91 километар на час на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје. На пешачки премин, на црвено светло, удрил во Фросина Кулакова, која поминувала на зелено светло за пешаци. Од силата на ударот, Фросина се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место.

Скопје - Од 8 до 14 мај во Арена „Борис Трајковски“ во Скопје ќе се одржи 37. издание на Саемот на книга под слоганот „Храна за душа“. Најавени на над 65 издавачки куќи и повеќе од 110 промоции и средби со автори. 

Како што соопштија организаторите на денешниот брифинг, саемот ќе ги отвори вратите на 8 мај во 10 часот, а официјалното отворање ќе се одржи во 12 часот со обраќање на министерот за култура и туризам, Зоран Љутков. Во текот на седумте саемски денови, во кои ќе има и национално претставување на Република Србија, посетителите ќе имаат можност да изберат книги од богата понуда на домашни и странски автори, да присуствуваат на промоции на нови дела и да се запознаат со издавачите.

Анкара - Турската полиција приведе вкупно 1.005 лица за разни прекршоци во масовна операција спроведена доцна синоќа во Истанбул. Како дел од операцијата, полицијата изврши проверка на над 41.000 автомобили и 2.000 мотоцикли на патиштата во Истанбул и се испрашани речиси 330.000 луѓе на јавни места. 

Полицијата соопшти дека вкупно 1.005 лица осомничени за разни кривични дела се приведени за време на проверките и дека им се изречени казни во вкупен износ од над 708.000 турски лири. 

Kaракас - Венецуелскиот претседател Николас Мадуро изјави дека Израел води „војна на истребување“ против палестинскиот народ, обвинувајќи ги „сите кои молчат“ за соучесништво во „едно од најтешките злосторства досега“.

„Тоа е војна на истребување, истребување на палестинскиот народ, емитувано во живо на социјалните мрежи. Кој и да остане нем денес пред лицето на оваа војна на истребување против децата и сите семејства на палестинскиот народ, засекогаш ќе биде соучесник во еден од најстрашните злосторства досега забележани“, рече Мадуро. 

Брисел - Во услови на денешниот фрагментиран и несигурен свет и кога руската инвазија врз Украина не донесе на историска пресвртница, Стратешка агенда на ЕУ се фокусира на зајакнување на безбедноста и конкурентноста, изјави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во обраќањето на годишниот состанок на граѓанската организација Економски круг (ЦДЕ) во Барселона. 

-Се наоѓаме во свет каде е еродирано почитувањето на меѓународниот поредок базиран на правила, каде се доведуваат во прашање мултилатералните обврски за справување со глобалните предизвици, како што се климатските промени и намалувањето на сиромаштијата, каде хибридните напади ја загрозуваат нашата инфраструктура и демократските процеси и каде новите технологии ја менуваат рамнотежата во нашите политички системи. Свет, каде што економската моќ и безбедноста повторно се неразделни. И двете се итни и мора да се остваруваат истовремено, додаде Кошта.

Москва - Рускиот претседател Владимир Путин денеска телефонски разговараше со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан за напредокот на преговорите за нуклеарната програма меѓу Техеран и Соединетите Американски Држави, соопшти прес-службата на Кремљ.

„Беше одржана размена на мислења за актуелните меѓународни и регионални прашања, вклучително и за напредокот на преговорите меѓу Иран и Соединетите Американски Држави, со посредство на Оман, за нуклеарната програма на Иран“, се наведува во соопштението.

Берлин - Германскиот конзервативен лидер Фридрих Мерц е подготвен да се кандидира за канцелар во вториот круг гласање подоцна денеска откако не успеа да го добие потребното апсолутно мнозинство во парламентот во првиот круг, дознава ДПА од партиски извори.

Мерц претрпе пораз претходно денеска кога стана првиот кандидат за канцелар кој не е избран од пратениците во првиот круг гласање од Втората светска војна. Шеесет и деветгодишникот доби 310 гласови во Бундестагот со 630 места - долниот дом на германскиот парламент - помалку од 316 потребни за да го обезбеди долгоочекуваниот избор за наследник на Олаф Шолц.

Лондон - Цените на нафтата утрово пораснаа во просек за над 1,3 долари поради желбата на голем број инвеститори да профитираат од релативно ниските цени на црното злато. Вчера падна за повеќе од два долари за барел откако организацијата ОПЕК+ објави дека дополнително ќе го зголеми производството на нафта.

Фјучерсите за суровата нафта од Северното Море од типот Брент, репер за европскиот пазар, се зголемија за 1,36 долари, или 2,26 проценти, на 61,59 долари за барел утрово.

Рамала - Агенцијата на Обединетите нации за помош за палестинските бегалци (УНРВА) денеска соопшти дека повеќе од 66.000 деца во Појасот Газа страдаат од тешка неисхранетост поради „политиката на глад“ што Израел продолжува да ја применува, откако заканите и затворањето на премините и спречувањето на влезот на хуманитарна помош траеја повеќе од два месеци.

Портпаролот на УНРВА, Аднан Абу Хасна, изјави дека „стотици илјади Палестинци јадат само еден оброк на секои два или три дена“, објави палестинска новинска агенција.

Пекинг - Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска по повод 50-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи со Европската Унија, изјави дека Кина и ЕУ се сеопфатни стратешки партнери, две водечки сили кои промовираат мултиполаризација, два големи пазари кои ја поддржуваат глобализацијата и две големи цивилизации кои заговараат диверзитет. 

Според неговите зборови, односите меѓу Кина и ЕУ станаа „едни од највлијателните билатерални односи во светот“, давајќи важен придонес за подобрување на благосостојбата на кинеските и европските народи и промовирајќи го светскиот мир и развој. 

Њујорк - Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања денеска го отфрли планот на израелските власти за затворање на постојниот систем за помош во Газа. 

„Не прифаќаме предлог и план што не ги исполнува основните хуманитарни принципи на непристрасност, неутралност и независна испорака на помош“, изјави во Женева, портпаролот на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања, Јенс Лерке.

Газа -  Најмалку 48 лица загинаа, а 142 се ранети во израелските напади врз Појасот Газа во последните 24 часа, соопшти денеска Министерството за здравство во Газа. Во соопштението се вели дека голем број жртви се заробени во урнатините во области до кои спасувачите не можеле да стигнат, објави Ал Џезира. 

Според министерството, најмалку 52.615 Палестинци се убиени, а 118.752 се повредени во израелските напади врз Појасот Газа од 7 октомври 2023 година.

 

 

 

Остани поврзан