• четврток, 18 април 2024
МИА Флеш

26 мај 2023

- Европарламентарците изгласаа на Република Северна Македонија да ѝ се одобрат 100 милиони евра преку инструментот за Макрофинансиска помош. Денеска членовите на Комитетот за меѓународна трговија го поддржаа предлогот на Европската комисија, со што средствата од овој инструмент наскоро ќе бидат ставени на располагање, соопшти владината прес-служба. Следува потпишување на Меморандум за разбирање помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија, по што средствата од овој инструмент ќе бидат достапни во две транши.

– Иако мојот увид беше визуелен, тој ми ги отвори очите дека обемот на оштетувања е многу поголем отколку што претпоставував врз основа на достапните фотографии. Трагите и оштетувањата од високата температура од пожарот не беа видливи на фотографиите онолку колку што навистина се, вели во ексклузивна изјава за МИА проектантот на мостот „Беласица” Вукан Њагуљ. Тој во организација на Институтот за земјотресно инженерство и климатски промени изминатите два дена престојуваше во Скопје со цел да изврши увид во состојбата на мостот.

- Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) во првите три месеци годинава прими 71 претставка од осигуреници кои се пожалиле на услугите од осигурителни компании. Бројот на поднесени претставки во овој период е зголемен за 14,5 отсто во споредба со првиот квартал 2022 година. Од поднесените претставки  5 биле без основ за разгледување, а подносителите во 6 случаи ги повлекле своите поплаки. Во корист на осигурениците се решени 11 претставки. Во процес на постапување се 16, а негативно се решени 33 поплаки на осигуреници.

 - Русија продолжи со планот за распоредување тактичко нуклеарно оружје во Белорусија, чиј лидер Александар Лукашенко рече дека боевите глави веќе се во движење, што е прво распоредување на такви бомби од страна на Кремљ надвор од Русија по падот на Советскиот Сојуз во 1991 година. Американскиот Стејт департмент го осуди планот за распоредување, но рече дека Вашингтон нема намера да ја менува својата позиција за стратешкото нуклеарно оружје ниту видел какви било знаци дека Русија се подготвува да употреби нуклеарно оружје, наведува Еуроактив.

– Главниот соработник на рускиот претседател Владимир Путин, поранешниот претседател на Федерацијата и актуелен заменик-претседател на моќниот Совет за безбедност, Дмитриј Медведев, изјави дека војната во Украина може да трае со децении, со долги периоди на борби исцртани со прекини на огнот, јавија руските медиуми, според кои, тој ова го кажа за време на посетата на Виетнам.

- Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган влегува во вториот изборен круг како фаворит и сè уште ги држи уздите на власта, спротивно на анкетите кои пред две недели предвидуваа дека опозицискиот кандидат Кемал Киличдароглу ќе го спречи да освои трет мандат. Во неделите пред првиот круг од парламентарните и претседателските избори на 14 мај, кои многу аналитичари ги најавуваа како клучни во историјата на Турција, анкетите предвидуваа дека, поддржани од разновидна, но обединета опозиција, Киличдароглу ќе победи и ќе стави крај на дведецениското владеење на Ердоган. 

- Рекордни 297 милиони долари награда на Комисијата за хартии од вредност и тргувања на берзи (СЕК) биле дадени на поткажувач а поврзано со случајот на странски коруптивни практики против телекомуникациската компанија „Ерискон“, јави денеска Волстрит журнал. СЕК на 5 мај објави дека е доделена рекордна сума пари во висина од 297 милиони долари на извор кој помогнал да се открие криминална шема со корпција, без детали за каква истрага станува збор и без именување на информаторот кој ја добил наградата, почитувајќи ги правилата за заштита на свиркачите. 

 – Безживотните тела на три лица се извлечени во спасувачката акција во морскиот дел североисточно од грчкиот остров Миконос, откако се превртил чамец со мигранти, додека пак спасени се двајца, јави дописничката на МИА од Атина. Од крајбрежната служба на Грција соопштија дека во морскиот дел биле откриени телата на две жени и еден маж, а спасувачката акција продолжува.

– Кошаркарите на Бостон го совладаа синоќа на домашен терен Мајами со 110-97 и со тоа ја намалија негативата на 2-3 во финалната серија на Источната конференција во НБА лигата. Стрелците во домашниот тим ги предводеше Дерик Вајт со 24 поени, еден повеќе од Маркус Смарт. Во тимот на Мајами најефикасен беше Данкан Робинсон со 18 поени, додавајќи девет асистенции и четири скокови.

 

Остани поврзан