• среда, 09 октомври 2024
МИА Радио Флеш

13 септември 2024

 - Питомци од Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ со симптоми на мачнина и повраќање побарале лекарска помош на Инфективната клиника во Скопје.  Директорот на Клиниката за инфективни болести Фадил Цана во изјава за МИА вели дека 10 лица побарале лекарска помош и сите имале лесни симптоми, освен едно лице кое е задржано на лекување, но е во добра здравствена состојба. Останатите по укажаната медицинска помош се вратени во Академијата.  Информацијата ја потврдија и од Министерството за одбрана од каде соопштија дека вчера во раните утрински часови 20 питомци и двајца офицери на Центарот за обука на питомци се пожалиле на мачнина проследена со повраќање.

-Претседателката на Северна Македонија Гордана Сиљановска Давкова денеска ќе биде во посета на Софија, каде ќе присуствува на операта „Набуко“ од Џуепе Верди, во изведба на Националната опера и балет. Во рамки на посетата, Сиљановска Давкова во Софија ќе оствари средба и со претседателот на Бугарија, Румен Радев. Во македонската делегација ќе биде министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за култура и туризам Зоран Љутков.  Во пресрет на посетата, премиерот Христијан Мицкоски вчера во одговор на новинарско прашање што очекува од истата, повтори дека државава сака да гради добрососедски односи и дека тука нема никаква дилема.

 - За денеска во 10 часот е закажана седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет на која треба да се разгледа Предлог-законот за заем од половина милијарда евра од унгарската Влада, кој се носи по скратена постапка. Седницата ја закажа претседателот на Собранието Африм Гаши откако беше објавено дека претседателката на Комисијата Сања Лукаревска нема да закаже седница бидејќи законот се носи по скратена постапка. Со денешната седница треба да претседава пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски. - Согласно членот 126 став (3) од Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија со четвртата седница на Комисијата за финансирање и буџет ќе претседава членот на Комисијата, пратеникот Бојан Стојаноски.  Во случај на спреченост на членот на Комисијата за присуство на седницата, потребно е навреме да го известите претседателот на Собранието на Република Северна Македонија и претседавачот со оваа седница на Комисијата и да определите заменик од редот на замениците членови на оваа Комисија, објавено е на собраниската веб-страница.

- Министерството за образование и наука информира дека на владиниот ЕНЕР систем и на веб страната на МОН објавени се пет предлог закони од областа на образованието и јавноста може да учествува во креирањето на најквалитетните решенија со кои ќе се унапредат образовните услуги и ќе се обезбедат повеќе права и можности за чинителите на воспитно – образовниот процес. Како што соопштија денеска од МОН, станува збор за целосно нови предлог закони за средното образование, за стручно образование и обука и за образование на возрасните, како и закони за изменување и дополнување на Законот за основното образование и Законот за Националната рамка за квалификации. Предлог решенијата се изготвени од работни групи формирани со одлука на министерката за образование и наука, во кои членуваат претставници на МОН и повеќе други надлежни институции, експерти и стручни лица од наставничката и академската фела.

 - На покана на „Европското движење во Црна Гора“ и Министерството за надворешни работи и меѓународна соработка на Италија, министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска ќе учествува на „Балканскиот интегративен форум 2024“ (BIF2024), што од вчера до утре се одржува во Подгорица. Од Министерството за европски прашања соопштија дека Муртезани ќе се обрати на сесијата насловена „Политички и технички преглед на процесот на интеграции во ЕУ на секоја од земјите на Западен Балкан“, осврнувајќи се евроинтегративниот пат на Северна Македонија, предизвиците и можностите за пробив на тој пат. Во рамки на работната посета, министерот Муртезани, како што е најавено, ќе оствари и повеќе билатерални средби.

- Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска во Прилеп ќе присуствува на доделувањето сертификати за комплетирано основно образование и за посетени обуки на повратници во државата, како дел од проектот на УНДП за јакнење на националните и локалните системи за поддршка и ефективна социо-економска интеграција на повратници во Западен Балкан. На настанпот ќе присуствуваат и претставникот на УНДП во Северна Македонија, Армен Григорјан и градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески. 

 - Универзитетот „Св. Климент Охридски“од Битола денеска и во понеделник ќе го реализира вториот уписен рок за студенти бруцоши. Во вториот уписен рок огласени се 1612 места, а од нив 697 за државна квота, 582 за студирање со кофинансирање и 333 за вонредни студенти. Слободни места за упис има во сите универзитетски единици и на сите струки и насоки за студирање во Битола, Скопје, Прилеп, Охрид, Велес и Кичево. Од УКЛО-Битола информираат дека доколку има слободни места, на универзитетските единици на 24 септември ќе биде организиран и трет уписен рок.

- Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска престојува во посета на Република Бугарија, како дел од делегацијата предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски. Во рамките на посетата, како што соопшти Министерството за култура, министерот Љутков претпладне ќе оствари прва билатерална средба со министерот за култура на Бугарија Најден Тодоров, со кого ќе разговара за досегашната соработка и за можностите за унапредување на културните врски меѓу двете држави.

 - Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски од денеска ќе престојува во работна посета на Прага. Генералот Лафчиски во текот на утрешниот ден, за првпат од назначувањето на новата должност, ќе учествува на конференција на Воениот комитет на НАТО, во формат на началници на Генералштабови, каде е предвидено негово обраќање на дел од сесиите. Највисокиот воен авторитет на НАТО алијансата, Воениот комитет во формат на началници на Генералштабови се состанува двапати годишно во седиштето на НАТО во Брисел, а еднаш годишно во сојузничките земји членки. 

 - Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска ќе престојува во посета на Гостивар. Во рамки на посетата, министерот Дурмиши ќе се сретне со градоначалникот Валбон Лимани, а ќе има и состанок со претставници од регионалните стопански комори и здруженија на занаетчии на кој ќе ги презентира мерките за поддршка што ги дава Министертството за економија и труд. 

- Од фракцијата на Арбен Таравари од Алијанса за Албанците денеска информираа дека Апелациониот суд во Гостивар го вратил на повторно судење предметот за печатите на партијата. - Апелациониот суд го враќа предметот на повторно судење по претходната одлука донесена од Основниот суд Тетово, каде што се одолговлекуваше и се менуваа неколку судии додека не се донесе скандалозната одлука под притисок на поранешниот министер за правда Кренар Лога, партиските печати да и припаднат на фракцијата што и се придружи на ДУИ. Имајќи ги предвид доказите депонирани во Апелациониот суд во Гостивар, се очекува конечната одлука да биде во наша корист и партијата заедно со печатите да остане кај нејзиниот легитимен претседател Арбен Таравари, се вели во соопштението.

- Во Гевгелија денеска почнува второто издание на фестивалот „Вкуси го југот Гевгелија“, што ќе трае до недела. Во трите фестивалски денови ќе бидат понудени многу музика, вкусна храна, квалитетни пијалоци, подготвување ајвар и варење ракија, а ќе се одржи и традиционалната гевгелиска „Смоквијада“ на која се подготвува слатко од смокви. Фестивалот ќе се одржува на паркингот на новиот пазар „Сава Михајлов“, а како што соопштија од Општината, сите посетители во вистинска смисла на зборот можат да вкусот југот на државата. Ќе има поставени штандови со вкусна храна и пијалоци од Гевгелија и регионот, како и домашни уметнички изработки. Ќе има и понуда од печени јагниња на ражен со домашно пиво, вино и ракија.

- Со доделување на наградата за високо актерско достигнување вечерва во Струмица ќе заврши 32. издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“. Фестивалското жири, кое го предводи ланскиот лауерат, актерот Јордан Симонов, режисерот Александар Ивановски и драматургот Билјана Крајчевска, вечерва пред полноќ треба да одлучи кому ќе му припадне златниот медалјон со ликот на Шишков и паричната награда во износ од 1.500 евра. Во конкуренција за единствената фестивалска награда се 45 актери од осум претстави од земјава и Бугарија.

- Друштвото на писатели на Македонија денеска соопшти дека во понеделник ќе бидат доделени традиционалните годишни награди на ДПМ. - Во понеделник, во 11:00 часот, во просториите на Друштвото на писателите на Македонија ќе бидат прогласени добитниците на традиционалните годишни награди на ДПМ за 2023 година, чијшто конкурс минатата година беше одложен поради случувањата во Друштвото, односно долгата промена на раководството, се вели во најавата.Од ДПМ претходно информираа дека за најдобро прозно дело во финалето се влезени романот „Ако се родат некакви чувства“ од Блаже Миневски (издание на „Матица“), романот „Заборав“ на Томислав Османли (издание на „ВиГ Зеница“); и  збирката раскази „Вонземјанки“ од Влада Урошевиќ (издание на „Или-или“). 

 - Новиот шеф на канцеларијата на ЕУ во Косово, Аиво Орав, вчера на северот на Косово имаше повеќе средби со претставници на политичките партии и граѓанското општество од српската заедница. „Посветен сум на блиска соработка со моите колеги со цел да се осигурам дека обврските на Косово кон сите заедници се целосно исполнети“, порача амбасадорот на ЕУ на платформата Х. Орав во седиштето на Српската листа се сретна со лидерите на оваа партија, а во седиштето на Канцеларијата на ЕУ во Северна Митровица се сретна со претставници на невладините организации од српската заедница, пишува КоССев. Орав одржал уште една средба со Србите од северот на која, според фотографијата објавена од Канцеларијата на ЕУ, присуствувале, меѓу другите, Марко Јакшиќ, Милија Бишевац од Српското народно движење и претседателот на Српската демократија, Александар Арсенијевиќ. 

- Војник од Молдавија, кој служел на границата со сепаратистичкиот регион Транснистрија, бил убиен вчера во неразјаснети околности во редок инцидент повеќе од 30 години по војната меѓу двете страни. Во соопштението од Министерството за одбрана се наведува дека војникот бил „смртно ранет како последица од истрел од оружје што го поседувал додека вршел должност на својата позиција“. Се наведува дека полицијата и форензичарите го истражуваат инцидентот. Војниците од Молдавија и од сепаратистичката Транснистрија се стационирани на линијата што ги раздвојува двете страни, заедно со руските „мировници“ кои беа присутни по краткиот конфликт во 1992 година по распадот на советската власт.

 - За да ја принуди Русија да преговара според моделот на Киев, НАТО планира да испрати војници во Украина, изјави денеска заменик-министерот за одбрана на Руската Федерација, Александар Фомин. Зборувајќи на тридневниот безбедносен форум „Ксианшан“ што се одржува во Пекинг, Фомин рече дека на Киев му се обезбедува сеопфатна воена помош и поддршка за напади на руска територија, со цел да се обезбедат услови за насилно принудување на Москва да преговара според украинските формули.

– Русија го започна конфликтот во Украина и може веднаш да го заврши, изјави британскиот премиер Кир Стармер откако рускиот претседател Владимир Путин синоќа изјави дека Москва ќе го смета истрелувањето западни ракети кон Русија за сериозна ескалација на војната, пренесува Би-Би-Си. Стармер денеска е во Вашингтон на разговори со американскиот претседател Џо Бајден, додека сојузниците на Киев разговараат да и дадат дозвола на Украина да истрела западни ракети со долг дострел врз цели во Русија.Путин за руската државна телевизија изјави дека тоа „нема да значи ништо повеќе од директно учество на НАТО, САД и европските земји во војната во Украина“.

 - САД нема да дозволат Украина да користи балистички ракети со долг дострел АТАКМС (ATACMS), кои Украина ги користи во пограничните области со Русија, со цел да се спречи натамошна ескалација на конфликтот, објави „Тајмс“.Според „Тајмс“, САД може да и дозволат на Украина да ги користи британските и француските ракети со долг дострел за да гаѓаат цели во Русија, а Лондон и Париз на тоа веќе се согласија. Одлуката, додава магазинот, конкретно се однесува на францускиот еквивалент на АТАКМС, ракетите „Скалп“,  како и на ракетите „Сторм Шадоу“, од британско-француско производство.

 -  Поранешниот американски претседател и републикански кандидат на претстојните претседателски избори, Доналд Трамп, вчера изјави дека нема да учествува во друга дебата со демократската ривалка Камала Харис пред изборите на 5 ноември. Неколку анкети покажаа дека актуелната потпретседателка го победи Трамп во дебатата. – Трета дебата нема да има, напиша Трамп на својата социјална мрежа „Трут социјал“ (Truth Social) по учеството на дебатата против претседателот Џо Бајден во јуни и Харис оваа недела.Дебатата од пред три дена ја следеле 67,1 милиони гледачи.

– Претседателската кандидатка на Демократската партија и актуелна американска потпретседателка, Камала Харис, на партиски митинг во Северна Каролина, една од американските држави клучна за исходот од ноемвриските избори, синоќа изјави дека верува дека на гласачите им должи уште една дебата.  Неколку анкети на јавното мислење покажаа дека Харис со својот настап го победи републиканскиот противкандидат Доналд Трамп во првата претседателска дебата, пренесува „Гласот на Америка“. Трамп преку својата социјална мрежа „Трут“ претходно најави дека нема да учествува на уште една претседателска дебата.

- Вооружени лица денеска убиле тројца граничари и раниле уште едно лице во југоисточниот дел на Иран, објавија државните медиуми.  Иранската агенција Ирна јави дека вооружени лица во автомобил отвориле оган врз возилото на граничарите во областа Мирјаве, во југоисточната провинција Систан и Белуџистан, во близина на границата со Пакистан, при што загинаа двајца војници и еден офицер.  Во нападот  бил повреден и еден цивил. ИРНА соопшти дека милитантната група Џаиш ал-Адл, за која се вели дека бара поголеми права за етничкото малцинство Балочи, ја презеде одговорноста за нападот.

- Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун повика на зголемување на бројот на центрифуги за збогатување ураниум за да се зголеми нуклеарното производство на оружје за самоодбрана, јавија државните медиуми. Ким го упати повикот за време на посетата на Институтот за нуклеарно оружје и производствената база за „нуклеарни материјали за оружје“, пренесе Севернокорејската агенција КЦНА. Во соопштението не се открива локацијата на објектите, ниту датумот на увидот. Ова е првпат Северна Кореја јавно да обелоденува постоење на капацитет за збогатување ураниум. 

- Кинескиот министер за одбрана денеска изјави дека Кина ќе ги подобри воените врски со своите соседи, велејќи дека големите земји мора да преземат водство во одржувањето на глобалната безбедност. Донг Јун ги даде своите забелешки во воведниот говор на форумот Ксианшан во Пекинг - најголемиот годишен настан за воена дипломатија во Кина. „Големите земји мора да преземат водство во зачувувањето на глобалната безбедност, да го напуштат начинот на размислување за нулта толеранција и да се воздржат од малтретирање на малите и слабите“, рече Донг. „Во мултиполарен свет никој не може да си дозволи да биде аутсајдер или набљудувач. Земјите, без разлика дали се големи или мали, развиени или во развој, треба да имаат еднакво право да учествуваат во меѓународните работи и да ги изразуваат своите потреби, да ги поддржуваат своите легитимни права и интереси“, рече Донг.

- Форумот за кинеско-африканска соработка оваа недела може да открие нешто повеќе за целите на Кина на континентот. Во текот на изминатите две децении, Кина значително ја зголеми трговијата со Африка и инвестираше милијарди долари во изградба на патишта, железници и пристаништа низ континентот. Ова беше направено преку Форумот за кинеско-африканска соработка, или ФОКАЦ - конференција која се одржува на секои три години за да се одлучи како африканските земји и Кина можат најдобро да соработуваат. Годинашната сесија започна во средата во Пекинг и продолжува до петок, кога на конференцијата ќе се обрати кинескиот премиер Си Џинпинг. Кина неодамна ја промени својата стратегија и и нуди на Африка повеќе производи од висока технологија и „зелена економија“.

Остани поврзан