• недела, 21 декември 2025

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

   7  мај 2025

 

Скопје - Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска ќе престојува во официјална посета на земјава. Тој ќе биде пречекан со највисоки државни и воени почести по што ќе следи тет-а-тет средба со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Според агендата, планирано е состанок да одржат двете делегации по што за во 11:20 часот е најавенапрес-конференција на двајцата претседатели. 

За време на посетата на хрватскиот претседател. во централното градско подрачје ќе биде воведен посебен сообраќаен режим. 

Скопје - Во Центарот за обука на МВР во Идризово (на спортското игралиште) денеска ќе се одржи централната прослава за одбележување на Денот на македонската полиција - 7-ми Мај.

Како што информираат од МВР, на настанот свои обраќања ќе имаат претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР Александар Јанев.

На одбележувањето на Денот на македонската полиција ќе присуствуваат и министри и други гости и претставници на дипломатскиот кор во Македонија.

Скопје - Во Собранието денеска ќе заседаваат три комисии - Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање, Комисијата за култура и туризам и Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците.

Скопје - Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска во Скопје ќе се обрати на завршната работилница „Зајакнување на училиштата за демократско образование - постигнувања и резултати“.

Како што соопштија од Министерството за образование и наука, работилницата е во рамки на проектот „Квалитетно образование за сите“, кој е имплементиран од Советот на Европа и финансиран од Германија.

Скопје - Во Министерството за енергетика денеска ќе биде потпишан договорот за изградба на гасоводот за интерконекција на Северна Македонија и Грција. 

Македонскиот дел од гасоводот треба да биде во должина од 67 километар и да се поврзе со грчката страна каде градежните активности ги работи компанијата „Терна“. Вкупната должина на целиот гасовод е 123 километри и тој треба да се протега од Неа Месимвриа кон Неготино преку Гевгелија и да ги поврзува двата национални системи за пренос на природен гас со цел да се диверзифицираат изворите на снабдување со природен гас во земјава. 

Скопје - Заменик-министерката за европски прашањa Викторија Трајков, ќе учествува на 28-миот Евроазиски Економски Самит, што ќе се одржи денеска и утре во Истанбул, Турција. 

Од Министерството за европски прашања денеска соопштија дека заменик-министерката Трајков ќе има излагање на една од сесиите на Самитот, на која ќе говори за евроинтеграцискиот процес на нашата држава и перспективите на нашата земја на патот кон ЕУ. 

Скопје - Во Собранието денеска ќе се одржи Националното финале на „Electionville” – интерактивна и едукативна игра преку која се симулира демократскиот процес во локалните самоуправи.

Како што информираат од собраниската прес-служба, на Националното финале на играта „Electionville" ќе учествуваат средношколци од Битола, Струга, Тетово, Велес, Крива Паланка и Струмица кои во текот на изминатиот месец, играта ја играле во шест локации на Јуроп хаус низ државата – Битола, Струга, Тетово, Велес, Крива Паланка и Струмица.

Скопје - Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС), во соработка со Институтот за европска политика од Берлин денеска ја организираат панел-дискусијата „Владеење на правото и процесот на пристапување во ЕУ – предизвици и можности за земјите кандидати и за ЕУ“.

Како што информираат од ИДСЦС, настанот се организира во рамки на проектот RESILIO-ACCESS, што има за цел да ја анализира и мери отпорноста на владеењето на правото, односно капацитетот на институциите не само да останат функционални и независни, туку и да реагираат ефективно, правично и во согласност со законите кога се соочуваат со политички влијанија, институционални кризи, корупција или обиди за нарушување на нивната автономија и интегритет. 

Скопје - Во галеријата на македонскиот Културно - информативниот центар во Истанбул, вечер ќе биде отворена изложбата „Игри без граници“ на уметницата и графичарка Теута Хоџа Имери. Настанот е дел од редовната програмска активност на Центарот, посветена на промоција на современата македонска ликовна сцена пред турската публика.

Скопје - Во Културно-информативниот центар во Скопје вечер ќе се одржи промоција на поетската книга „Скршена тишина“ од авторката Елизабета Бандиловска. Книгата е во издание на „Бата прес“, а промотори ќе бидат проф. д-р Мито Спасевски и м-р Ели Маказлиева.

– „Скршена тишина“ е изобилство од метафори и тајни јазични кодови, присутни во секоја песна, умешност на поетесата да го облекува секој стих во различна маска, не откривајќи ги аспектите на карактерот, а предизвикувајќи ги убавината и сложеноста на поетските чувства, соопштија рецензентите.

Скопје - Во организација на „Џуниор Ачивмент Македонија“, денеска во Скопје ќе се организира Национален натпревар на ученички компании. Станува збор за еднодневен настан, на кој средношколци од цела земја ќе ги претстават своите бизнис-иницијативи и претприемачки идеи.

Како што најавија организаторите, на натпреварот ќе учествуваат повеќе од 70 ученици распределени во 15 ученички компании, од 12 средни училишта од Берово, Битола, Богданци, Велес, Прилеп, Скопје и Струмица.  

Скопје - Во организација на Иницијативата за економски развој на Ромите „Реди“ денеска во Скопје ќе се одржи настан „Национална платформа за вработување на Роми“. Целта е да се обединат претставниците на националните институции, приватниот сектор, граѓанските организации и меѓународните партнери, за дискусија за инклузивни и одржливи решенија за вработување на ромската заедница. 

Скопје - Во духот на унапредување на родовата еднаквост и создавање инклузивни можности во сите индустрии, Алијансата за родова еднаквост на работното место – GEA и  Women in Tech Macedonia и ја официјализираа својата соработка преку потпишување на Меморандум за соработка. 

Претседателката на Алијансата за родова еднаквост на работното место - GEA, д-р Нина Ангеловска Станков, и претседателката на Women in Tech Macedonia, Моника Ризовска Таневска, го потпишаа овој меморандум со цел реализација на заеднички активности насочени кон унапредување на родовата еднаквост на работното место и поттикнување на еднаква застапеност на жените во сите професионални области, како и создавање на поддржувачка средина за нивен професионален развој и напредок.

Скопје - На детската сцена при Театарот за деца и младинци во Скопје денеска во 10 часот ќе се одигра јубилејната, 250-та изведба на претставата „Лакомата меца“, куклена претстава за деца од 4+ години, во режија на Дарин Петков, според текстот на познатиот бугарски автор Ран Босилек.

Премиерно изведена на 11 февруари 2001 година, претставата „Лакомата меца“ повеќе од две децении ја задржува својата свежина и важност, едуцирајќи и забавувајќи генерации деца низ хумористичен пристап кон темата за културата на јадење и правилното однесување на маса.

Тринген - На 4 мај во Тринген, во организација на Македонски Национален Совет, Швајцарија, се одржа голема историска конференција на сите македонски здруженија кои се активни во Швајцарската конфедерација.

На конференцијата учествуваа повеќе од 140 претставници од 40 здруженија, клубови, асоцијации, македонски училишта, како и трите македонски православни општини во Швајцарија.

Скопје - Академици, универзитетски професори, домашни и странски дипломати, политичари, истражувачи, писатели, музичари, ликовни уметници, лекари, актери, книжевни преведувачи, присуствуваа вчера во книжарницата на „Матица македонска“ на промоцијата на книгата „Културата и траумата: Писмо до бугарскиот пријател“ од познатиот хрватски научник, универзитетски професор и дипломат, Златко Крамариќ.

Делото на Крамариќ, како што наведуваат од „Матица македонска“, е исклучително важна книга за идентитетските прашања, за македонскат историја и сегашност. 

Струга - Традиционално и годинава моштите на „Свети Георгиј Победоносец“ и неговата чудотворна икона носени во торжествена литија денеска низ струшките улици ќе го осветат градот на поезијата.

Пред почетокот на Литијата, во храмот на Свети Георгиј во Струга, со почеток во 16 часот, ќе биде отслужена ктиторска вечерна богослужба.

Скопје - Во КСЦ Центар Јадро денеска ќе се одржи јавна дебата „Важноста на Независната сцена во услови на поларизација“. Говорници ќе бидат Искра Гешоска, Мања Величковска, Роберт Алаѓозовски, а дебата ќе ја модерира Тијана Спасовска.

Белград - Европратениците претпладнево ќе гласаат за извештајот за Србија, кој по гласањето ќе има форма на резолуција, што не е правно обврзувачка.

Во Европскиот парламент доцна синоќа беше разгледан извештајот за Србија, поднесен од известителот за Србија, Тонино Пицула, усвоен од Комитетот за надворешни работи на ЕП во април.

Берлин - Новиот германски канцелар Фридрих Мерц синоќа ја повика администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да се „држи понастрана“ од внатрешната политика на Германија, откако неколку американски функционери ѝ дадоа поддршка на крајно десничарската партија АфД.

Најавувајќи дека утре ќе го има својот прв телефонски разговор со американскиот претседател Трамп, новиот германски лидер изјави за телевизијата ЗДФ (ZDF) дека сака да „ја охрабри и повика американската Влада да ја остави внатрешната политика на Германија да остане внатрешно прашање и да се држи подалеку од партиските политички размислувања“.

Брисел - Војната во Украина и односите на Европската Унија со Велика Британија и со САД ќе бидат главни теми на неформалното заседание на Советот за надворешни работи на ЕУ (ФАЦ), што денеска и утре ќе се одржи во Варшава. На утрешниот дел од состанокот на европските министри ќе им се придржат и шефовите на дипломатии од земјите кандидати и потенцијалните кандидати за членство во ЕУ.   

Домаќини на собирот се шефот на полската дипломатија Радослав Сикорски и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.  

Брисел – Европскиот парламент со 598 гласа „за“, 48 „против“ и пет „воздржани“ го одобри барањето на Белгија за пакет помош во вредност од осум милиони евра преку Европскиот фонд за прилагодување кон глобализацијата за отпуштените работници (ЕГФ), за поранешните вработени на пропаднатата белгиска автомобилска компанија „Ван Хол“.  

- Европската автомобилска индустрија се соочува со невиден притисок од надворешни и внатрешни предизвици, како што се нарушување на конкуренцијата и високите трошоци за енергија, се наведува во одлуката на ЕП. 

Њујорк - Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, денеска повика на максимална воена воздржаност и од Индија и од Пакистан и нагласи дека „светот не може да си дозволи воена конфронтација“ меѓу двете земји.

Портпаролот на генералниот секретар на ОН, Стефан Дијарик, изјави дека Гутереш е „многу загрижен“ за индиските воени операции преку Линијата на контрола, што е де факто границата меѓу делови од Кашмир под контрола на Индија и Пакистан, како и преку меѓународната граница на двете земји, објави „Гардијан“.

Вашингтон - Канадскиот премиер Марк Карни синоќа по средбата со американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека двајцата лидери имале „многу конструктивни разговори“ и дека се сретнале како „лидери на две независни суверени нации“.

Тој истакна дека САД и Канада се посилни „кога работат заедно“, пренесе Си-Ен-Ен.

Москва – Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека се обновуваат контактите меѓу Русија и Соединетите Американски Држави, откако претходната година беа речиси целосно прекинати.

Според неа, иако тој процес не е лесен, тој се одвива во повеќе насоки, особено преку подобрување на работата на амбасадите и дипломатските канали, пренесе Риа Новости.

Њу Делхи - Индиските вооружени сили синоќа извршија напади врз девет локации во Пакистан и во спорниот регион Џаму и Кашмир, што го администрира Исламабад, сопшти денеска индиската армија.

Индиската армија објави дека нападите во рамките на операцијата „Синдор“ биле „фокусирани, умерени и неескалирачки по природа“ и дека не биле насочени кон пакистанската армија.

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека се надева оти тензиите меѓу Индија и Пакистан брзо ќе деескалираат, по вчерашните индиски напади врз цели во Пакистан, јави ДПА.

-Тие се борат многу, многу децении, рече Трамп на настан во Белата куќа. „Се надевам дека ќе заврши многу брзо.“

„Луѓето знаеја дека нешто ќе се случи врз основа на мал дел од минатото“, додаде тој.

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека прозорецот за враќање на Русија во Г7 во овој момент е затворен, објави ДПА, за промената во ставот на Трамп за ова прашање.

Трамп рече дека помина времето за Русија да се врати во Г7 и дека сега не е вистинско време за тоа.

Во февруари, Трамп изјави дека одлуката за исклучување на Русија од Г7 беше грешка и изрази поддршка за враќањето на Русија во Г7.

Вашингтон – Американски борбен авион Ф-18 падна во Црвеното Море откако се лизна од палубата на носачот на авиони „Хари С. Труман“, што е втор таков инцидент во последните неколку дена, соопштија двајца американски функционери под услов да останат анонимни.

Тие навеле дека авионот не успеал да запре по слетувањето на носачот, поради што дошло до несреќата.

Двата члена на екипажот се катапултирале пред авионот да падне во морето и брзо биле спасени со спасувачки хеликоптер.

Њу Делхи – Шефот на индиската диопломатија, Субраманџам Џајшанкар, денеска изјави дека светот „мора да покаже нулта толеранција кон тероризмот“.

Оваа своја порака тој ја објави на мрежата X, заедно со фотографија на која напиша  „Операција Синдор“ , што е името на операцијата што Индија ја користи за воздушните напади врз Пакистан.

Во меѓувреме, индискиот министер за внатрешни работи Амит Шах во објава на Х им честиташе на индиските вооружени сили, наведувајќи дека е горд на нив.

Вашингтон – Администрацијата на претседателот Доналд Трамп соопшти дека САД ќе ја укинат својата посебна Канцеларија за палестински прашања во Ерусалим.

Државниот секретар на САД, Марко Рубио, изјави дека целосно ги спојува одговорностите на Канцеларијата за палестински прашања со другите делови на Амбасадата на САД, изјави портпаролката на Стејт департментот, Теми Брус.

Вашингтон – Американскиот Врховен суд ѝ одобри на администрацијата на Доналд Трамп да спроведе забрана за трансродови лица да служат во војска, една од низата мерки на републиканскиот претседател со кои се ограничуваат правата на трансродовите лица.

Во одлука која би можела да доведе до отпуштање на илјадници припадници на воениот персонал, судот го одобри барањето на Министерството за правда да укине наредба на федерален судија која го блокираше спроведувањето на забраната на Трамп трансродовите лица да служат војска додека трае судската постапка.

Панама – Илјадници луѓе синоќа протестираа на улиците на главниот град на Панама против зајакнувањето на американското воено присуство околу Панамскиот канал, планот за отворање рудник на отворено и неодамнешните реформи во социјалната заштита.

Вашингтон на почетокот на април доби одобрение од Панама да распореди американски војници околу тој стратешки воден пат низ кој минува пет отсто од светската поморска трговија. САД и Кина се два главни корисници на каналот меѓу Атлантскиот и Тихиот океан.

Остани поврзан