• сабота, 21 декември 2024
МИА Радио флеш

6 декември 2024 

Скопје - При претставувањето на позицијата за „одложена примена на уставните измени“ не ветивме дека преку ноќ ќе се изнајде решение, но велиме дека имаме принципиелна позиција и тоа го аргументираме пред меѓународната заедница, земјите членки и европските институции. Со овој пристап го штитиме националниот интерес, односно да не бидеме во ситуација, како што сме биле во минатото, со неочекувано вето, а воедно го штитиме и среднорочниот и долгорочниот кредибилитет на Европската Унија, вели министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

Тој во интервју за политичкиот магазин „360 степени“ вели дека ставот за одложената примена е презентиран на многу средби и ја покажува подготвеноста на Владата за компромис, но, компромис кој носи извесност.

-Многу од соговорниците од Европската Унија сметаат дека нашиот пристап е логичен, коректен и соодветен, но тоа е пристап што бара прифаќање од Бугарија како наш сосед, додава Муцунски, нагласувајќи дека Европската Унија е базирана на култура на компромиси.

Скопје - Во последните пет години во земјава се склучени договори за јавни набавки во вкупна вредност од 5,8 милијарди евра, а 36 % од нив, односно 2,1 милијарда евра им припаднала само на 50 фирми. Само првите 10 фирми на врвот од оваа листа добиле тендери во вредност од 1 милијарда евра. Во листата на најголеми добитници на тендери се градежни компании, веледрогерии, дистирбутери на нафтени деривати итн. На дел од компаниите кои се на листата 50 најголеми добитници на тендери, речиси целиот бизнис им почива на договори за јавни набавки. Во првите 10 фирми се Марковски Компани Битола, Д-р Пановски, Пуцко Петрол, Алкалоид Конс, Енерџи Деливери Солушнс, Макпетрол, Илинден Струга, Гранит, Македонски телеком и Стентон Градба Битола.

Ова го покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации за 50-те фирми кои добиле најмногу пари во јавните набавки во последните пет години (2019-2023 година) и отворената база на податоци за нив.

Според истражувањето, фирмите кои добиле најголема вредност на тендерите во изминатите 5 години, во најголем дел се од земјава и ним им припаднале 95 отсто од вредноста на тендерите. Само 5 отсто земале фирми од странство. Притоа, убедливо најголем удел имаат скопските фирми, а по нив битолските.

Скопје - Банкарските системи во регионот успешно се справија со кризата, а нивната отпорност дополнително беше зајакната, обезбедувајќи им финансиска поддршка на економиите. Во однос на македонскиот банкарски систем, и покрај кризите адекватноста на капиталот беше зајакната, нефункционалните кредити се намалија на историски ниски нивоа, ликвидноста и натаму е солидна и стабилна, а кредитирањето е на солидно ниво. Ова покажува главно дека банкарскиот систем има капацитет да обезбеди поддршка за економскиот раст, особено за инвестициите. Сепак, пристапот до финансии треба уште да се подобрува, а нивото на кредитната активност треба и натаму да се зголемува. Во регионот на Западен Балкан учеството на кредитите во БДП е во распон од 45 до 55 проценти од БДП, а во ЕУ над 80 проценти од БДП.

Ова го посочила гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на панел-дискусијата на гувернерите којашто се одржа во рамките на Банкарскиот самит, организиран од Здружението на банки на Србија во Белград. На панел-дискусијата покрај гувернерката учествувале и нејзините колеги од регионот, гувернерката на Србија Јоргованка Табаковиќ, гувернерот на Хрватска, Борис Вујчиќ, како и вицегувернерот на Црна Гора, Никола Фабрис и вицегувернерот на Босна и Херцеговина, Марко Видаковиќ.

Скопје, - Единаесет деца се повредени и се примени во градската болница во Скопје по новиот предизвик на социјалната мрежа „Тик ток“, а двајца од нив се со скршеници на рацете, потврди за МИА в. д. директор на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, д-р Небојша Настов.

Како што посочи, децата се на возраст од 10 до 16 години и сите се од Скопје. 

-Единаесет деца се примени во болницата заклучно со вчерашниот ден до 13 часот. Можно е и да има повеќе деца, но ова е она што ние го имаме како податок за механизам на повреда, вели Настов за МИА. 

На новинарско прашање за каков предизвик станува збор, тој објасни дека станува збор за испружање на рацете во вид на „супермен“ и потоа паѓање на децата.

- Се испружаат рацете како ликот „супермен“. Групата го фаќа и го фрла предизвиканото момче или девојче во висина. Тоа е од она што мене ми објаснувале. Не сум видел и не можам да кажам точно. Има и машки и женски, деца, додаде Настов.

Атина – Во текот на ноќта и во раните утрински часови Атина беше зафатена од силни грмотевици и обилен дожд што создаде проблеми во некои населби, додека пак на четири острови во источниот дел на Егејското море преку бројот 112 за итни случаи беше испратена порака со предупредување до жителите да ги ограничат нивните движења, јави дописничката на МИА од Атина.

Според порталот „Метео“ на Националната опсерваторија во Атина до 9 часот утрово во атински населби било регистрирано големо количество дожд од 56 до 70 милиметри.

На некои од булеварите во грчката метропола имаше проблеми во сообраќајот.

Белград - Претседателот на Владата на Србија, Милош Вучевиќ, денеска изјави дека експлозијата на каналот Ибар-Лепенац била лоша режија на косовскиот премиер Албин Курти, што имала за цел да им овозможи на припадниците на Косовските безбедносни сили (КБС) да влезат на северот на Косово, пренесе Бета.

Тој во гостувањето во Дневник на РТС утрово оцени дека нема конкретни докази дека Србија е вмешана во тоа.

„Тој настан требаше да послужи како изговор Курти да ја воведе КБС на север. Сепак, КФОР го отфрли неговото барање и тоа треба да се каже чесно“, нагласи Вучевиќ.

Тој посочи и дека ќе биде интересно да се слушне што имаат да кажат пратениците на Квинта и на Европската унија за сето ова, како што наведе, особено по забраната за учество на пратениците од Српската листа во работата на косовскиот парламент.

Леград - Програмата на Општина Леград во Хрватска, којашто на младите во изобилство им продава недвижности за 13 центи, доведе и две повратнички семејства од Чиле и Мексико кои се пред купување имот.

Градоначалникот на Леград, Иван Саболиќ потврди дека на последниот тендер биле огласени четири имоти. На земјиштето има куќи, но тие се во таква состојба што треба да се урнат, но идните сопственици ги посетиле новите места на живеење, од коишто биле задоволни. И двете семејства немаат корени од Леград.

Џошуа Грозданиќ Ормазабал вели дека татко му е од Хрватска, а мајка му од Чиле. Пред две години се вратил во Хрватска и оттогаш разгледува можност да го реши станбеното прашање. Тој работи како стјуард, а вели дека во Хрватска се живее подобро отколку во Чиле, па затоа и се вратил.

Брисел – Европскиот совет денеска повика на дополнителни подобрувања и активности на Агенцијата на ЕУ за кибер безбедност (ЕНИСА), особено во делот на создавање на европски документи за сертификација на кибер безбедноста и воспоставување на единствена платформа за известување. 

Во денеска усвоените заклучоци на иницијатива на унгарското претседателство на Советот на ЕУ, се нагласува дека во последните две децении ЕНИСА се покажала како непроценлив субјект во европскиот систем за кибер безбедност, што е од особена важност во услови на тековната евалуација на Законот за кибер безбедност и негова можна измена.  

Според унгарскиот државен министер за меѓународна комуникација и односи Золтан Ковач, не смее да се потцени важноста на ЕНИСА во напорите за справувањето со кибер заканите, кои во последните години значително се зголемија во степен, сложеност и обем.  

Ерусалим - Израелската армија денеска соопшти дека цели на патиштата на сириско-либанската граница што ги користи проиранското движење Хезболах за шверц на оружје.

Во текот на ноќта, Военото воздухопловство изврши напади врз патишта за шверц на оружје и локации на инфраструктура на терористи, се вели во соопштението на армијата.

Војската ги изведе нападите една недела по стапувањето во сила на договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хезболах.

Вашингтон - Милијардерот Илон Маск и неговиот колега претприемач Вивек Рамасвами вчера пристигнаа на Капитол Хил на состанок зад затворени врати со членовите на американскиот Конгрес за плановите на новоизбраниот претседател Доналд Трамп да ја „растури“ федералната влада.

Трамп ги повика двајцата бизнис титани да го предводат неговиот „Оддел за владина ефикасност“ (The Department of Government Efficiency - DOGE), со задача да отпуштат федерални работници, да ги намалат владините програми и да ги намалат федералните регулативи - сето тоа е дел од неговата агенда „Да ја спасиме ја Америка“ за втор мандат во Белата куќа.

 

 

Остани поврзан