• понеделник, 20 мај 2024
МИА Радио флеш

3 март 2024

-Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, информираат од кабинетот на Претседателот. Двајцата соговорници размениле мислења за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, за стратешките интереси на земјава и севкупната соработка меѓу двете земји. -Претседателот Пендаровски се заблагодари за досегашната британска поддршка и ангажман со цел унапредување на состојбите во повеќе клучни области, како и за континуираната посветеност на Обединетото Кралство на регионот на Западен Балкан, се вели во сооштението од кабинетот на Пендаровски.

-Министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска денеска на прес-конференција по повод реакцијата на Синдикатот за наводното непокачување на плата, посочи дека нема промена во општиот колективен договор, ниту во колективниот договор на Синдикатот. Посочи дека единствената промена која што е внесена во диспозитивот, е минималната плата. -Во самото решение стои дека платата се пресметува на следниот начин - основна бруто плата по следните основи: минимална бруто плата која е објавена во Службен весник согласно закон и општ колективен договор, коефициентот на сложеност согласно колективниот договор на вработениот има право на 0,5 додаток на основна бруто плата за секоја година работен стаж најмногу за 20 отсто. Овие три компоненти се непроменети. Нема промена во општиот колективен договор, нема промена во колективниот договор на Синдикатот за култура и правото за секоја годима работен стаж останува, рече Костадиновска Стојчевска.

-До Државната изборна Комисија, заклучно со 2 април 2024, до 24 часот, се пристигнати вкупно 17 листи на кандидати за пратеници Изборите за пратеници во Собранието на Република Северна Македонија кои ќе се одржат на 8 мај 2024. Како што соопштија од ДИК, листи на кандидати за пратеници за парламентарните избори во мај доставиле: СДСМ( Kоалиција за европска иднина), ВМРО- ДПМНЕ ( Коалиција Твоја Македонија), ЗНАМ, РОДИНА, АВАЈА, РАБОТНИЧКА ПАРТИЈА, ТВОЈА ПАРТИЈА, ГРОМ, МАКЕДОНСКА ЕРА ТРЕТА СУВЕРЕНОСТ, ДУИ, ДЕМОКРАТИ, ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА, Група избирачи ЏУЛА ЧЕЛИКУ, Коалиција ВЛЕН, ЛЕВИЦА, ДЕСНА, и НОВА АЛТЕРНАТИВА. ДИК по приемот на листата на кандидати утврдува дали истата е поднесена во утврдениот рок и составена во согласност со одредбите на Изборниот закон. 

-Конститутивни седници на новиот состав на одборите за акредитација и за евалуација на високото образование на Република Северна Македонија беа одржани вчера во Министерството за образование и наука, на кои за претседател на Одборот на акредитација во идните четири години е избран проф. Марјан Ѓуровски од Филозофскиот факултет на УКИМ, а за претседател на Одборот за евалуација - проф. Димитар Ташковски од Факултетот за електротехника и информациски технологии. За заменик-претседател на Одборот за акредитација е избран проф. Куштрим Ахмети, а заменик-претседател на Одборот за евалуација ќе биде проф. Ведије Раткоцери. 

-Шумскиот пожар што вчера попладне се појави во атарот на селото Дебреше е активен и доколку има потреба ќе се делува со воздухоплови, информираат од Центарот за управување со кризи. Според директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, пожарот кој зафати поголема површина борова шума во атарот на селата Дебреше и Здуње е се уште активен, но со послаб интензитет. - Екипите на Национални шуми и ренџерите од Националниот парк Шар Планина се на терен. Доколку проценат е потребна воздушна поддршка, во текот на денот истата ќе им биде испратена, вели Ангелов.

-Товарниот сообраќај преку трите гранични премини со Грција, Богородица-Евзони, Дојран-Дојрани и Меџитлија-Ники, е во целосен прекин од вчера од 6 часот кога почна штрајкот на грчките цариници, а повремено се пропуштат патници на Богородица и Дојран. Според началникот на Регионалниот центар за гранични работи Југ при МВР, Славчо Богев, на Меџитлија-Ники од вчера од вчера нема никаков сообраќај, додека на останатите два премини повремено се пропуштат патници. - Вчера и денеска грчките погранични служби на определен период пропуштаат патнички возила. На Дојран тоа го прават на секои час, час и половина, а на Богородица-Евзони на секој половина час, информира Богев.

- Вкупно 312 случаи на голема кашлица се регистрирани во Скопје годинава, за МИА утрово потврди доктор Лулзиме Бајрами од Центарот за јавно здравје. Во главниот град на државава се уште е во тек епидемијата на пертусис или народски кажано голема кашлица. Портпаролот на Комисијата за заразни болести Злате Мехмедовиќ во изјава за МИА рече дека се следи состојбата со голема кашлица и во Куманово, каде има зголемување на бројот случаи. - Во врска со пертусисот, се забележува зголемување на бројот случаи во Куманово. Комисијата за заразни болести ја следи состојбата и доколку има потреба од дополнителни мерки, истите ќе ги препорача, нагласи Мехмедовиќ. Тој кажа оти нема зголемување на бројот случаи регистрирани со грип или болест што наликува на грипот.

-Санкционирани се 176 возачи во текот на вчерашниот ден во спроведената акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, соопшти денеска МВР. Од нив седум возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а четири возила се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, се наведува во соопштението, 84 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 92 надвор од населено место. Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. 

-Португалија доби малцинска влада поддржана од само 80 претставници во 230-члениот парламент. Во Португалија е избрана централно-десничарската малцинска влада предводена од премиерот Луис Монтенегро, соочена со тешката задача да најде поддршка во најфрагментираниот парламент во последните пет децении. На предвремените избори на 10 март, централно-десничарската коалиција Демократска алијанса (АД) предводена од Социјалдемократите на Монтенегро (ПСД) освои најмногу гласови, тесно поразувајќи ги владејачките социјалисти, кои беа на власт во последните осум години. Во Парламентот од 230 пратеници, АД освои 80 пратенички места, а централно-левичарската Социјалистичка партија (ПС) 78 места, додека крајнодесничарската партија Долов (Чега=Доста е) е трета со 50 места, со која ниту една од двете водечки партии не сакаше да влее во коалиција.

-Француската министерка за спорт Амели Удеа-Кастера денеска изјави дека нема „терористичка закана“ насочена кон летната Олимпијада во Париз, додавајќи оти церемонијата на отворањето на Игрите останува „централен план“. „Ги следиме терористичките закани со сета потребна внимателност. Немаше никаква закана насочена кон Олимписките игри“, рече Удеа-Кастера во интервју за Франс 2. Француската влада веднаш по нападот во концертната сала во Москва на 22 март, во кој загинаа 144 лица, одлучи да го подигне нивото на безбедност во земјата на највисоко ниво. На прашањето дали има план Б за церемонијата на отворање на Игрите на 26 јули, Удеа-Кастера одговори дека церемонијата планирана на Сена сè уште е централниот план и дека „постои дискреција што мора да се почитува“.

-Платформата за социјални медиуми „X“ на Илон Маск назначи нови менаџери за платформата да биде побезбедна за корисниците и попривлечна за огласувачите, јави ДПА. Говорот на омраза е и деловен проблем за „X“. Услугата зависи од приходите од реклами, а компаниите не сакаат нивните брендови да се појавуваат покрај објавите со поттикнувања на насилство или антисемитски слогани. Откако Маск го презеде Твитер во есента 2022 година, приходите од реклами се преполовија. Технолошкиот милијардер вети радикална слобода на говор на „X“ во рамките на она што е законски дозволено. Тој вели дека се фокусира на сериозно ограничување на дистрибуцијата на објавите со проблематична содржина наместо да ги отстранува. 

-Седумдесет и пет отсто од осомничените членови на банди во Ел Салвадор се уапсени, рече министерот за безбедност, две години откако претседателот Наиб Букеле им објави „војна“ на овие организации. На 27 март 2022 година, Букеле објави безмилосна „војна“ на бандите кои контролираат голем дел од земјата, по рекордните 87 убиства во еден викенд. Две години подоцна, министерот за безбедност, Густаво Вилаторо објави дека се уапсени 79.184 осомничени членови на овие криминални организации. -Со регистарот на апсења што го имаме, можеме да кажеме дека сме 75 отсто од планираното и дека ни недостасуваат 25 отсто, изјави министерот за локална телевизија. Тој додаде дека речиси 25 илјади осомничени членови на банда допрва треба да бидат уапсени, но нагласи дека не сите од нив се во Ел Салвадор.

-Седум лица загинаа, а најмалку 736 се повредени во силниот земјотрес што утрово го погоди Тајван, соопштија локалните власти. Сите смртни случаи се во округот Хуалиен. Земјотресот со јачина од 7,2 степени предизвика уривање на неколку згради во Хуалиен, градот најблиску до епицентарот, каде што се во тек спасувачките операции. Речиси 80 луѓе се затрупани во урнатините, а има и лица заробени во згради и тунели низ градот, соопштија властите, пренесува Би-би-си. Најсилниот земјотрес што го погодил островот во последните 25 години беше почувствуван и во планинската внатрешност на Тајван, предизвикувајќи масовни лизгања на земјиштето.

Остани поврзан