• среда, 20 ноември 2024
МИА Радио флеш

18 ноември 2024

Скопје - Владите на Северна Македонија и на Косово денеска напладне во Приштина ќе одржат заедничка седница.

Според агендата што ја објавија двете влади, по официјалната церемонија и заедничката фотографија, предвидено е пред почетокот на меѓувладината седница, односно од 11:20 часот да се одржи тет-а-тет средба помеѓу премиерот Христијан Мицкоски и премиерот на Косово, Албин Курти, како и тет-а-тет средби помеѓу министрите од двете Влади.

По завршување на меѓувладината седница, ќе бидат потпишани билатерални договори и меморандуми за соработка во повеќе области.

Првиот е меморандум за енергетика, рударство и минерални суровини каде се дефинираат иницијативи за соработка во полето на енергетиката, гас, јаглен, електрична енергија и на релевантни инфраструктурни проекти за интерконекција за гас и други проектни иницијативи, како и иницирање соработка за испитување на можноста за развој на нова директна врска за гас Република Косово-Република Северна Македонија.

Вториот е информација за склучување на Протокол помеѓу Владите на Република Северна Македонија и Република Косово за спроведување на Договорот за заеднички гранични премини „Блаце - Елез Хан“ и „Јажинце-Глобочица“. Со овој протокол се регулира начинот на проверки и царинска контрола, инфраструктурата на заедничките гранични точки, меѓусебно поврзување на системите на гранично управување, и начинот на одржување на објектите.

Скопје - Владата и банките продолжуваат со преговорите околу условите за пласманот на унгарскиот заем за македонските компании. Начелно постои договор околу роковите за исплата, но не и околу каматата што ќе треба да се исплаќа, за која од двете страни има волја за доближување на ставовите.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера по средбата со Македонската банкарска асоцијација, на која требаше да се прецизираат условите под кои бизнис секторот ќе може да ги користи 250-те милиони евра од унгарскиот заем, во однос на каматата, рече дека уште ќе се преговара.

- Во делот на каматата ќе се преговара уште оваа недела и очекувам дека до крајот на следата недела, во втората половина веќе би имале некаков став поврзан со тоа прашање и на тој начин би го заокружиле сето ова за конечно да почнеме сето ова да го аплицираме и да се пренесе на стопанството. Во моментов се доближуваат ставовите. Не би зборувал сега за проценти, би зборувал повеќе за изразена волја од двете страни за доближување на ставовите, рече Мицкоски.

Брисел - Во Брисел денеска почнува дводневното заседание на Советот за надворешни работи на ЕУ (ФАК), на чии маргини утре шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцински и високиот претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел ќе го потпишат Договорот за безбедносно и одбранбено партнерство меѓу Република Северна Македонија и Европската Унија.  

Советот денеска ќе заседава на ниво на министри за надворешни работи на земјите членки на ЕУ, кои се очекува да ги изнесат своите ставови и мислења по предлогот на Борел за прекин на политичкиот дијалог во рамки на Договорот за асоцијација меѓу Израел и Унијата. 

Борел, кој ќе претседава со ФАК, ќе ги информира министрите за најновата правна оценка за почитувањето на човековите права и меѓународното хуманитарно право од страна на Израел, како и за израелската регулатива за УНРВА. 

Дебатата за односите со Израел ќе биде во рамки на точката посветена на состојбата на Блискиот Исток, која е една од темите на заседанието на Советот, заедно со последниот развој на настаните поврзани со руската агресија врз Украина, односите ЕУ-САД и случувањата во Грузија и во реонот на Рогот на Африка. 

Скопје - Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска ќе оствари работна посета на Европскиот парламент во Брисел, при што ќе се сретне со претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола.

Во рамки на посетата, како што соопшти собраниската прес-служба, предвидени се средби и со Томас Вајц, известител за РС Македонија во ЕП и со Тијс Рутен, известител во сенка од политичката група на социјалдемократите.

Според агендата, утре, на иницијатива на Одделот за јавна дипломатија во НАТО ќе биде организирана работна посета во седиштето на НАТО на претседателот на Собранието Гаши и делегација од пратениците, во чиј состав се координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, координаторот на СДСМ Оливер Спасовски, заменик-координаторката на ВРЕДИ Мерита Колчи-Коџаџику, заменик-координаторката на ДУИ Арбана Пашоли, претставникот од ЗНАМ Павле Арсоски и шефот на Делегацијата на Собранието во ПС НАТО Драган Ковачки.

Предвидена е средба со вршителот на должност заменик-генерален секретар на НАТО, Борис Руге и брифинзи со високи официјални претставници на НАТО од Одделот за политички прашања и безбедност и Одделот за јавна дипломатија.

Скопје - Во Собранието денеска треба да продолжи седницата на Комисијата за финансирање и буџет на која четврти ден на дневен ред е Предлог буџетот за 2025 година, а седници треба да одржат и Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, Комисијата за култура и туризам и собраниската Законодавно - правна комисија.

Комисиската расправа за Предлог-буџетот трае 10 дена и треба да заврши најдоцна до 30 ноември по што продолжува на пленарна седница.  За Предлог–буџетот за 2025 година се поднесени вкупно 308 амандмани од кои 204 од опозициската СДСМ. Согласно законот, Буџетот за 2025 година треба да биде изгласан до 31 декември.

Со Предлог-буџетот за 2025 година, вкупните приходи се планирани на ниво од 358,8 милијарди денари, а расходите на ниво од 400,2 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран во апсолутен износ од 41.350 милиони денари или на ниво од 4 проценти од планираниот БДП, а се предвидува раст на економијата од 3,7 проценти.

Скопје - Со низа целодневни активности денеска во Скопје  ќе биде одбележан 17 Ноември – Меѓународниот ден на студентите. Настанот за одбележување на Националниот ден на студентите е во организација на Националното студентско тело на Северна Македонија (НСТ), Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) и Младинскиот образовен форум (МОФ), а свои пригодни обраќања ќе имаат претседателката Гордана Сиљановска Давкова, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и претседавачот на НСТ, Александар Николовски.

Свечениот дел ќе започне во 19:30 часот во просториите на културниот центар „Лабораториум“ . За време на настанот ќе биде лансирана платформата за студентска работа „Линкер“ која има за цел да ги поврзе студентите со работодавачите и дополнително да придонесе за модернизирање и развивање на македонскиот пазар на трудот.

Скопје - Тркалезна маса „Академскиот профил на Крсте Мисирков (по повод 150 години од раѓањето)“ ќе се одржи денеска во организација на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје.

Како што најавија од Институтот, на научната дискусија ќе се обратат професорите Билјана Ристовска-Јосифовска, Лилјана Гушевска, Елена Јованова-Грујовска, Митко Панов, Катерина Кузмановска-Петровска, Лидија Тантуровска Јасминка Ристовска Пиличкова, Зоранчо Малинов, Славчо Ковилоски и Андријана Павлова.

Скопје – Универзитетот за туризам и менаџмент Скопје (УТМС) денеска ќе одржи меѓународна конференција  „ICON BEST 2024“ со главен фокус на важноста на бизнисот, економијата, спортот и туризмот, како фактори за подобрување на националниот економски развој.

Говорници на годинашната меѓународна конференција ќе бидат Горан Бандов и Луј Башур, за кои во соопштението на УТМС се наведува дека се докажани професионалци во регионот и Европа.

– Главната цел е да се стави акцент за важноста на бизнисот, економијата, спортот и туризмот како важни фактори за подобрување на националниот економски развој. Универзитетот за туризам и менаџмент Скопје, како високообразовна, научна и општествено одговорна институција, носи реномирани професори кои ќе ги споделат своите академски искуства. соопшти УТМС.

Скопје - Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Како што информира АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.

На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Автомотосојузот на Македонија известува дека сообраќајот кон Пониква и кон село Бели се одвива непречено, по една коловозна лента.

-Од страна на граѓани е најавено дека единствено до депонијата ќе бидат пропуштени возила од КЈП Водовод Кочани, но не и возила од други општини, информира АМСМ.

Потсетува и дека од 15 ноември е затворен за сообраќај патниот  правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица, за сите видови возила.

Скопје - Времето наутро ќе биде студено со појава на магла или ниска облачност по одделни котлини, а преку денот сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 1, а максималната ќе достигне од 10 до 16 степени.

Како што информираат од УХМР, во Скопје времето наутро ќе биде студено со услови за појава на магла или ниска облачност. Преку денот сончево со мала до умерена облачност и со слаб северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 12 степени.

Во вторник времето ќе биде стабилно со ниски утрински температури и со услови за појава на магла или ниска облачност по одделни котлини. Потоа во следните денови под влијание на серија од влажни воздушни бранови времето ќе биде променливо облачно и ветровито со повремени врнежи од дожд со променлив интензитет, кои на планините повремено ќе преминуваат во снег.

Од среда до петок ќе дува засилен југоисточен и западен, а во сабота засилен северен ветер.

 

Вашингтон - Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, би можел да ја преиспита одлуката на неговиот претходник Џо Бајден за напади со американско оружје во внатрешноста на руска територијата, изјави претставник на транзицискиот тим на Трамп за руската државна агенција.

„Верувам дека речиси сè ќе биде преиспитано“, нагласи тој, одговарајќи на прашањето на агенцијата дали администрацијата на Доналд Трамп ќе го преразгледа одобрувањето на Бајден за напади на руска територија со помош на американски крстосувачки ракети ATACMS.

 Според него, во секое време во САД има само еден претседател.

„До пладне на 20 јануари 2025 година тој претседател е Џо Бајден. Тој донесе одлука да ги употреби тие проектили. Но до промената на претседателот не останува уште многу“, додаде претставникот на тимот на новоизбраниот САД. претседател.

Вашингтон– Синот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, Доналд Трамп помладиот, ја критикуваше одлуката на администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден да и дозволи на Украина да користи ракети со долг дострел ATACMS за напади на руска територија.

- Се чини дека воено-индустрискиот комплекс сака да се увери дека Третата светска војна ќе почне пред татко ми да има шанса да постигне мир и да спаси животи. Треба да се спасат трилиони. Имбецили!, напиша Трамп помладиот.

Според пишувањето на „Њујорк тајмс“ и наводи на Ројтерс и некои други медиуми, администрацијата на претседателот во заминување Џозеф Бајден вчера и одобрила на Украина да користи крстосувачки ракети со долг дострел ATACMS за напади длабоко во руска територија, а потоа, како што пренесува „Фигаро“, истото го направиле и Франција и Велика Британија, дозволувајќи употреба на ракети SCALP/Сторм шедоу.

Киев – Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа претпазливо ја примил информација дека администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден ќе и дозволи на Украина да користи оружје што го обезбедуваат САД за напади длабоко на руска територија.

Зеленски ова го изјави за време на своето редовно обраќање, но не ја потврди директно веста, пренесе Бета.

Потсетувајќи на важноста на „капацитетот на ракетите со долг дострел“ за војската, Зеленски рече дека многу медиуми јавиле дека Украина е овластена „да преземе соодветни мерки“.

- Сепак, нападите не се вршат со зборови, такви работи не се најавуваат. Ракетите ќе зборуваат сами за себе, рече Зеленски.

Белата куќа се уште не објави ништо за ова прашање.

Москва - Руските системи за противвоздушна одбрана во текот на ноќта уништија 59 беспилотни летала на украинските сили над пет региони на Руската Федерација, соопшти денеска руското Министерство за одбрана.

Се прецизира дека беспилотните летала се елиминирани над регионите на Москва, Курск, Брјанск, Белгород и Тулск.

„Две беспилотни летала (УАВ) се уништени над територијата на Московската област, 45 беспилотни летала се уништени над територијата на Брјанската област, шест над територијата на Курската област, три над територијата на Белгородската област и три над територијата. на Тулската област“, ​​соопшти прес-службата на руското Министерство.

Лондон  - Откако американскиот претседател и одобри на Украина да ги употребува американски ракети со долг дострел ATACMS за напади длабоко на руска територија, Киев најверојатно првично ќе ги гаѓа руските и севернокорејските војници кои се борат против украинските сили во регионот Курск во западна Русија, пишува британски Тајмс, повикувајќи се на американските медиуми.

Официјални лица рекоа дека овластувањето за употреба на американски ракети АТАКМС, за кое долго се дискутираше во Вашингтон и за кое се заговара во Киев, е одговор на потегот на најмалку 10.000 севернокорејски војници да ги поддржат руските сили на границата со Украина, смета Тајмс.

Извори од Даунинг стрит изјавија за лондонскиот весник дека ракетите ATACMS имаат поразлични воени спецификации од ракетите Storm Shadow, чија употреба на Киев му беше  одобрена од Франција и Велика Британија веднаш по одлуката на САД за користење на ракетите ATACMS.

Буенос Аирес - Рускиот претседател Владимир Путин „не сака мир“ со Украина и „не е подготвен да преговара за тоа“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон по големиот руски напад врз енергетската мрежа на Украина.

-Верувам дека е јасно дека намерите на претседателот Путин се да ги интензивира борбите. Ако сакаме да знаеме кои се намерите на Путин, тоа што тој штотуку го направи на теренот јасно го покажува. Какви и да се неговите изјави, тој не сака мир и не е подготвен да преговара, рече Макрон во Буенос Аирес.

Францускиот претседател додаде дека обврските кон Украина мора да се спроведат, а на таа земја да и се дозволи да води одбранбена војна и да биде снабдена со оружје и опрема.

Москва - Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, денеска не сакаше да ги коментира медиумските написи дека американскиот претседател Џо Бајден и дал дозвола на Украина да користи американски ракети со долг дострел за гаѓање цели на територијата на Русија.

-Претседателот Владимир Путин веќе кажа сè за тоа, рече Захарова.

Зборувајќи за можноста Украина да користи западно оружје за да гаѓа цели на руска територија, Путин во септември рече дека поместувањето на војната понатаму на исток нема да биде крај, „бидејќи војната ќе стигне и до Западот“.

Вашингтон – Американскиот милијардер Илон Маск синоќа се согласи со оценката на републиканскиот сенатор од Јута Мајк Ли, кој по повод објавата дека американскиот претседател Џозеф Бајден одобрил употреба на американско оружје за украински напади длабоко на руска територија, напиша дека „либералите сакаат војни“ и дека „војната го олеснува зголемувањето на моќта“.

„Вистина“, напиша Маск споделувајќи ја објавата на Ли.

Маск беше назначен од новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за еден од шефовите на Секретаријатот за ефикасност на владата.

Во исто време, еден од основачите на ПејПал (PayPal), Дејвид Сакс, на истата платформа нагласи дека Трамп добил јасен мандат да стави крај на војната во Украина.

- Што прави Бајден во последните два месеци од неговиот мандат? Значително ја влошува ситуацијата, напиша Сакс, кој заедно со Маск и уште двајца бизнисмени го основаа ПејПал.

Рио де Жанеиро - Во Рио де Жанеиро денеска почнува дводневниот самит на Г20, а главни теми на состанокот ќе бидат борбата против сиромаштијата и гладот ​​во светот, реформа на глобалните институции, борбата против климатските промени, како и конфликтите во Украина и појасот Газа.

Британските медиуми пренесуваат дека земјите членки на Г20 учествуваат со 85 отсто од светската економија и најмногу придонесуваат финансиски во борбата против климатските промени.

Членките на Г20 испуштаат повеќе од три четвртини од стакленичките гасови, па од тие причини Обединетите нации пред два дена ги повикаа лидерите на Г-20 да одвојат повеќе средства за борба против климатските промени.

Самитот на Г-20 во Рио има за цел да постигне консензус за зголемување на даноците на најбогатите милијардери во светот за борба против климатските промени и намалување на сиромаштијата.

Вашингтон - Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трaмп, го номинираше Брендaн Кар за раководител на Федералната комисија за комуникации (ФЦЦ), регулатор за радио и ТВ емитување, телекомуникации, широкопојасен интернет и други поврзани индустрии.
 
Кар е еден од петте комесари во ФЦЦ кој се залага за мерки против социјалните медиуми и националните телевизии во САД кои, според републикацните, се премногу либерални. Според Вашингтон пост“, тој е еден од креаторите на „Проект 2025“, радикално конзервативна агенда за реформирање на федералната влада под десничарските политики на Трамп развиена од „Фондација Херитиџ“.

Бејрут – Во нападите на израелските сили врз јужен Либан загинаа осум лица кои работеле во Брзата помош, јави Ал Џезира.

Според извештаите, израелски авиони го бомбардирале центарот на Исламската здравствена установа во селото Араб Салим во провинцијата Набтије.

Либанската Влада и хуманитарни организации го обвинија Израел дека намерно ги гаѓа медицинските работници и вработените во Брзата помош во Либан, наведувајќи дека повеќе од 200 здравствени работници биле убиени во израелските напади изминатата година.

Сухуми - Група луѓе синоќа се обиделе да упаднат во зградата на абхазискиот Јавен сервис и радио компанијата во Сухуми, а безбедносните сили ги избркале со предупредувачки истрели, соопшти Информативниот центар на претседателот на грузиската покраина Абхазија, Аслан Бжанија. 

„По полноќ, на 18 ноември 2024 година, се случи инцидент пред зградата на Абхазискиот јавен сервис и радио компанија (AGTRK). Група луѓе, најверојатно од редовите на опозицијата, дошле во просториите на телевизијата со цел да се воспостави контрола врз радиодифузијата“, се наведува во соопштението.

Се додава дека обезбедувањето „било принудено да испука предупредувачки истрели“.

„Тоа доведе до стабилизирање на ситуацијата и го спречи развојот на конфликтот“, се наведува во соопштението.

 

Остани поврзан