• сабота, 21 декември 2024
МИА Радио флеш

  10  септември 2024

 

Скопје – Времето денеска ќе биде претежно облачно и значително посвежо, на повеќе места со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. 

Како што информираат од Управата за хидрометеоролошки работи, локално ќе има појава на невреме, со интензивен пороен дожд (над 30 l/m2 за 24 часа), грмежи, силен ветер (над 70 km/h) и услови за појава на град. 

Во Скопје времето ќе биде претежно облачно и нестабилно, со повремен пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината ќе биде нестабилно со интензивен пороен дожд (над 20 l/m2за 24 часа), грмежи и засилен ветер.

Скопје - Центарот за управување со кризи утринава соопшти дека во текот на вчерашниот ден имало вкупно 22 пожари на отворен простор и дека дождот помогнал сите да бидат изгаснати.

- Дождот помогна сите 22 пожари да бидат изгаснати, се вели во утринската информација од ЦУК.

Од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) вчера информираа дека располагаат само со еден функционален „Ер трактор“ авион од трите кои ги имаат. 

Скопје — Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, денеска ќе биде домаќин на министерот за надворешни работи и меѓународна соработка на Италијанската Република, Антонио Тајани.

Како што е наведено во соопштението од Министерството за надворешни работи, за време на разговорот се очекува да бидат разменети мислења за билатералните односи меѓу двете земји и продлабочување на економската соработка, регионалната и мултилатералната соработка, како и за иднината на процесот на проширување на Европската Унија и поддршката од Италијанската Република за нашата земја.

Скопје - Измените на Законот за локална самоуправа се ставени како точка на дневен ред на пленарната седница закажана в среда, на 11 септември. Со нив треба да се избегне одржувањето на вонредени избори за градоначалници во Сарај, Аеродром и во Гостивар до крајот на годинава, откако претходно градоначалниците на тие општини преминаа во извршната или законодавната власт. 

Скопје - Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски на покана на Глобалниот форум за сајбер-експертиза (GFCE) е во дводневна посета на САД.

Во рамки на посетата, како што најави ресорното Министерство, Андоновски ќе зборува на панел-дискусија на тема „Напредокот во воспоставувањето на национални сајбер-авторитети и развојот на вештини во земјите од Западен Балкан".

На панелот ќе учествуваат и претставници од останатите земји од Западен Балкан, како и претставници од Стејт Департментот.

Скопје - Судскиот совет денеска ќе ја одржи 498. седница на чиј дневен ред е утврдување на престанок на судиска функција поради исполнување на услови за старосна пензија и констатирање на престанок на мандат на член на Судскиот совет поради истек на времето за кое е избран.

На дневен ред на седницата се уште две точки - одлучување по известувања на комисии за утврдена фактичка состојба по поднесени барања  за утврдување одговорност на судија/претседател на суд и формирање на комисии на известители по поднесени барања  за утврдување одговорност на судија/претседател на суд.

Скопје - Националната конвенција за Европската Унија во Република Северна Македонија (НКЕУ-МК) денеска ќе ја одржи 4-та сесија од Работната група 6 (Поглавје 5-Јавни набавки; Поглавје 18-Статистика; Поглавје 32-Финансиска контрола) на тема „Податоци на кои им веруваме: Предуслов за посилна економија и ефикасна борба со корупцијата“. 

На сесијата воведни обраќања ќе имаат националната координаторка на НКЕУ-МК и претседателка на Европското движење Милева Ѓуровска и Гонце Јаковлевска од Македонскиот центар за меѓународна соработка.    

Битола - НУ Камерен Оркестар на Битола, синоќа во Виена, во црквата Св. Ана, одржа  концерт „Македонски евергрини и повеќе“.

Во Виена, во величествената црква Св. Ана, еден од најубавите барокни храмови во австриската престолнина и со извонредна акустика, македонските уметници приредија празничен концерт, поводно за Денот на независноста.

Скопје - „Андалузиски пес“ во режија на Луис Буњуел, едно од највлијателните дела во историјата на кинематографијата денеска ќе го отвори четвртото издание на Фестивалот на нем и класичен филм во Кинотека на Македонија.

Како што информираат од Кинотека, проекцијата на филмот има музичка придружба во изведба на пијанистот Милош Станојевиќ, еминентен српски пијанист и добитник на повеќе награди на државни натпревари во Србија.

Скопје - Фондацијата за развој на локалната заедница од Штип, во рамки на проектот „Направи разлика“ денеска организира „Форум за млади“, на кој ќе се презентираат постигнатите резултати од втората година од реализација на проектот.

Како што информираат од Фондацијата, форумот има за цел да опфати поголем број млади кои сакаат активно да се вклучат во креирањето на подобра иднина.

Скопје - Општина Гостивар поради врнежите од дожд го откажа денешниот настан што требаше да се одржи на отворено.

Настанот беше организиран во соработка со полицијата и училиштата, а посветен на безбедноста на учениците. Во рамки на настанот учениците требаше да маршираат од Центарот за култура до градскиот плоштад.

Скопје - Друштвото на писатели на Македонија денеска ги соопшти финалистите за традиционалните награди за 2023 година што ќе бидат доделени на 18 септември. 

За најдобро прозно дело во полуфиналето биле избрани седум книги од кои во финалето влезени се романот „Ако се родат некакви чувства“ од Блаже Миневски (издание на „Матица“); романот „Заборав“ на Томислав Османли (издание на „ВиГ Зеница“); и  збирката раскази „Вонземјанки“ од Влада Урошевиќ (издание на „Или-или“). 

Скопје – „Кажи ДА за добра книга“ е насловена втората меѓународна конференција во рамки на проектот „Млади европски приказни“ што ја организира „Чудна шума“.

На конференцијата која се одржува од 10 до 12 септември во Охрид, издавачите ќе споделат искуства од својата работа и предизвиците со кои се соочуваат помалите, квалитетни и некомерцијални издавачи во Европа и пошироко, како и потребата за вмрежување, заедничка соработка и можностите за проширување на соработката во иднина. 

Скопје – Изложбата „На работ“ на авторите Гоце Наневски и Дориан Јовановиќ ќе биде отворена денеска со почеток во 20 часот во Чифте амам.

Како што информираат од Национална галерија на Република Северна Македонија, „На работ“ е ангажирана контекстуална реакција на општествено-политичкиот галиматијас кој секојдневно го живееме откако сме земја во транзиција.

Скопје, 10 септември 2024 (МИА) – Со настап на Антонио Ташковски и Никола Тодоровски денеска почнува 11. издание на Фестивалот на комедија „Гола месечина“ што ќе се одржува во општина Аеродром до 14 септември.  

Скопје – Околу 400 пензионери денеска ќе се натпреваруваат во 11 спортски дисциплини во рамките на 28. Републички пензионерски спортски игри што ќе се одржат во комплексот „New Star“ во Визбегово, Скопје.

Според организаторите, игрите ќе ги отвори министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани, а се очекува да присуствува и претседателката Гордана Сиљановска Давкова. 

Вашингтон - Вечерва претстои најважниот момент од претседателската кампања во САД –  дебата меѓу демократската потпретседателка Камала Харис и републиканскиот поранешен претседател Доналд Трамп.

Сцената во Националниот уставен ценар во Филаделфија е поставена за она што би можело да биде клучен момент во кампањата што води до победа на претседателските избори во САД на 5 ноември.

-Ова ќе биде интервју за работа на Камала Харис, изјави синоќа за дебатата коментатор на Си-Ен-Ен.

„И покрај нападите и очекуваните лаги од Трамп, Камала треба да се покаже пред американската јавност за да ја добие работата“, додава тој.

Вашингтон - Врховниот суд во американската сојузна држава Мичиген денеска пресуди дека Роберт Кенеди помладиот да остане кандидат на претседателските избори во оваа држава и покрај неговата одлука да се повлече.

Кенеди Јуниор минатиот месец се откажа од претседателската трката во која учествуваше како независен кандидат и веднаш го поддржа републиканскиот претседателски кандидат и поранешен претседател Доналд Трамп, кој се натпреварува против демократската претседателска кандидатка Камала Харис.

Москва - Рускиот претседател Владимир Путин нема да отпатува на претстојната седница на Генералното собрание на ОН во Њујорк, бидејќи, наведува портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, САД не се најдобрата дестинација за патување на рускиот лидер.

-Путин не патуваше во последните години. А САД, инаку земја која не ги исполнува на најдобар начин своите обврски, како земја во која се наоѓа седиштето на ОН, засега не е најдобрата дестинација за патување, рече Песков, пренесен од руските медиуми.

Њујорк - Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш изјави дека светската организација понудиле да го надгледуваат секој прекин на огнот што ќе се постигне во Газа и побарале крај на „најлошата смрт и уништување“ што ја видел во својот седумгодишен мандат.

Во интервју за АП, Гутереш додаде дека е нереално да се мисли дека ОН би можеле да одиграат каква било улога во иднината на Газа, било да станува збор за управување или за мировни мисии, бидејќи е малку веројатно Израел да го прифати тоа.

Братислава - Словачкиот премиер Роберт Фицо денеска изјави дека во Украина се борат „нацистички трупи“, но меѓународната заедница тоа не го забележува.

-Сите зборуваме за фашизам, нацизам, а истовремено тивко толерираме војници со многу јасни ознаки да трчаат низ Украина, поврзани со движења кои денес ги сметаме за опасни и забранети. Бидејќи ова е геополитичка битка, тие не некому му пречи, изјави Фицо при посетата на Музејот на холокаустот во словачкиот град Серед, пренесува ТАСР.

Кишињев – Молдавските власти испратија барање до Газпром за користење на алтернативна рута за снабдување со гас поради нестабилноста на транзитот низ Украина, соопшти синоќа министерот за енергетика Виктор Парликов.

- Ситуацијата на гасната компресорска станица Суџа, која е под контрола на Украина, е загрижувачка. Нема предуслови за прекин на снабдувањето со гас дури и ако истечат актуелните договори или ако дојде до хаварија на станицата, но работиме на алтернативни рути за снабдување со гориво, изјави тој за ТВ-8.

Москва - Една жена загина, а три лица се повредени во напад со дрон на украинската армија во текот на ноќта врз Москва, соопшти гувернерот на Московската област Андреј Воробјов.

Претходно беше објавено дека жртва на нападот со дрон било деветгодишно момче, што Воробјов го негираше, пренесуваат руските медиуми.

Канбера – Австралија планира да воведе нови закони до крајот на годината кои ќе ги спречат децата да користат социјални мрежи поради ризиците што тие ги претставуваат за нивното физичко и ментално здравје, изјави утринава премиерот Ентони Албанезе.

- Сакам децата и младите да се оддалечат од своите уреди. Сакам да ги гледам на фудбалски терен, базен или тениско игралиште. Сакам да имаат вистински искуства со вистински луѓе бидејќи знаеме колкава штета можат да направат социјалните мрежи, изјави Албанезе за националната телевизија.

Каракас - Лидерката на венецуелската опозиција, Марија Корина Мачадо, им порача на своите поддржувачи дека останува во земјата за да ја „следи борбата“ против владеењето на претседателот Николас Мадуро, откако нејзиниот сојузник и претседателски кандидат на изборите во јули, Едмундо Гонзалес Урутија,  замина во егзил во Шпанија.

-Одлучив да останам во Венецуела и да ја поддржувам борбата од тука, додека тој (Гонзалес Урутија) ја води однадвор, рече Мачадо преку видео порака.

Монровија – Вкупно 47 затвореници овој викенд избегаа од затвор со максимална безбедност во близина на Монровија, главниот град на Либерија, соопштија денеска либериските власти.

Министерството најави правда информира дека затворениците го пробиле безбедносниот систем на затворот кој се наоѓа во Каката, 55 километри североисточно од Монровија.

Министерството изрази „длабока загриженост за овој инцидент“ и соопшти дека ги презема сите неопходни мерки за повторно фаќање на избеганите затвореници.

Пјонгјанг – Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун изјави дека Пјонгјанг ќе го зголеми својот арсенал на нуклеарно оружје, јави денеска државната новинска агенција КЦНА.

Ким за време на говорот по повод денот на основањето на земјата рече дека залихите на Северна Кореја треба експоненцијално да се зголемат.

- Сега совршено ја спроведуваме политиката за изградба на нуклеарни вооружени сили за зголемување на бројот на нуклеарно оружје со геометриска прогресија, ја цитира КЦНА изјавата на Ким.

Токио – Јапонската компанија за дистрибуција на електрична енергија (ТЕПКО) го рестартираше пробното отстранување на остатоците од нуклеарно гориво од нуклеарната централа Фукушима.

Подготвителната работа, прва од ваков вид откако моќното цунами ја уништи централата во 2011 година, беше прекината на 22 август поради грешка во инсталацијата на опремата за екстракција, а на 6 септември ТЕПКО ги заврши проверките пред повторното стартување.

Остани поврзан