МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш
4 октомври 2023
- Новата алатка на Народната банка за споредба на надоместоците помеѓу давателите на платежните услуги придонесува кон поголема транспарентност на банките и значително ја подобрува информираноста на јавноста за надоместоците коишто ги наплатуваат банките за најрепрезентативните услуги поврзани со платежната сметка. Преку поголемата транспарентност и олеснетата споредливост на надоместоците, ќе се зголеми конкурентноста помеѓу банките што може да придонесе за поповолни цени на платежните услуги за граѓаните, посочи гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, во поздравното обраќање на работилницата за новинарите наменета за објаснување на функционалностите на алатката за споредба на надоместоците помеѓу давателите на платежните услуги.
– Законите за родова еднаковост најслабо се спроведуваат, антиродовите движења ги користат патријахалите сфаќања и најчесто се служат со дезинформации и лажни вести кои создаваат морална паника и хистерија, па затоа потребни се солидарност и заедништво, заклучија учесниците на денешниот самит насловен „The New Gen(D)eration“. На самитот кој се одржа во Скопје учествуваа претставници од земји од Западен Балкан кои споделија искуства и практики при справувањето со родовата нееднаквост. Активистката Уранија Пировска посочи дека проблемот со родовата нееднаквост е присутна и во многу поцивилизирани средини од нашите.
- Согласно годишната програма на Секторот за заштита на животна средина и управување со отпад при Општина Охрид за 2023 година, спроведена е акција за чистење на дното на Охридското Езеро на потегот пред село Пештани. Притоа од дното на езерото е извадено поголемо количество отпад, стари гуми, пластични и стаклени шишиња и покуќнина, информираат од Општина Охрид. Акцијата ја спроведоа нуркачи од „Клубот за подводни активности“ од Охрид, а покрај физичкото отстранување на отпад цел на акцијата е и подигање на јавната свест на населението за потребата од грижа и заштита на Охридското Езеро од загадување.
- Општина Охрид за академската 2023/2024 година ќе додели еднократен паричен надомест – образовен додаток за студенти од општината кои студираат надвор од Oпштина Охрид и потекнуваат од семејства со социјален ризик. Право на паричен надомест имаат студенти запишани на редовни студии во тековната година на универзитетите во земјата, (со одалеченост од најмалку 70 км од општина Охрид), кои не повторувале година во текот на своето образование и не се корисници на стипендија или кредит од друга институција или компанија.
- Со домашна премиера, претстава на скопскиот Драмски театар, почна второто издание на регионалниот Театарски фестивал „Рута“ во земјава. „Фирма“ по текст на реномираниот германски автор Роланд Шимелфенинг и во режија на Нела Витошевиќ, е првата претстава на фестивалот кој го поврзува театарскиот живот на регионот. На отворањето на неколкудневниот тетарски празник во Скопје, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска ги поздрави актерите и гостите од сцената на Драмски, која, како што рече, буди посебна емоција и посочила дека преку театарот, уметниците успеаја да го подигнат и да го одржат мостот наречен „Рута“.
– На стрелиштето „Бејбунар“ во Охрид припадници на редовниот состав од Полициската станица од општа надлежност, на Полициската станица за безбедност во патниот сообраќај, како и од криминалистичката полиција денеска и утре спроведуваат вежбовни активности и гаѓање со боева муниција. Активноста се реализира со претходен договор и известување до стрелиштето, Ловното друштво Охрид, ЈЗУ „Здравствен дом“ Охрид и урбаната заедница „Билјанини извори“.
- Вкупно 196 возачи се казнети во текот на вчерашниот ден во акцијата на Министерството за внатрешни работи спроведена на територија на цела држава. Како што соопшти МВР, 12 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, 108 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 88 надвор од населено место. - Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта, се вели во соопштението.
- Општина Центар додели сертификати на наставниците и стручните соработници од сите училишта на територијата на оваа општина кои ги посетија обуките за рано препознавање, решавање и превенција на врсничко насилство – булинг. Како што информираат од општинската прес-служба, обуките биле одржани во соработка со Здружението „Европски соѕвездија“ во КСП Центар –Јадро од страна на универзитетски професори.
- Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, денес го објави списокот со повикани фудбалери за квалификацискиот натпревар за ЕП 2024 против Украина (14 октомври) во Прага и контролниот меч против Ерменија во Струмица (17 октомври). На списокот на Милевски се наоѓаат 25 фудбалери.
- Српската премиерка Ана Брнабиќ денеска изјави денеска дека во односите меѓу Белград и Приштина улогите се однапред поделени - Србија е „постојано негативец“, а Приштина е „бедна беспомошна сила што прави се што може“. Според неа, „фактичката состојба нема тежина“. Брнабиќ рече дека „не го оправдува“ убиството на никого, дури ни убиството на албанскиот припадник на косовската полиција, но додаде дека Србите на Косово трпат постојан притисок од властите во Приштина, поради што тоа е „ прашање на денови, прашање на минути“ кога ќе се случи инцидент. „Не можете постојано да живеете под таков терор“, рече Брнабиќ.
- Вишиот суд во Белград го одби предлогот на Вишото јавно обвинителство во Белград да му одреди притвор на поранешниот попретседател на партијата „Српска листа“, Милан Радоичиќ (45), кој е осомничен за сторени кривични дела со засега неколку непознати лица, оружје и експлозивни материи и тешки прекршоци против општата безбедност. Судот му изрече забрана на Радоичиќ да го напушти местото на живеење, со која му се забранува да ја напушта територијата на Србија без одобрение на судот и му е забрането да оди на територијата на Косово.
- Српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ денеска изјави дека во копнената безбедносна зона, долж границата кон Косово, моментално се распоредени помалку од 4.500 војници, а 8.350 од нив се распоредени два дена по конфликтот во Бањска. „Имаме деангажирање, а не повлекување на некои единици. Тие се враќаат во нивните гарнизони, во касарните, на нивните редовни активности. Војската на Србија, Министерството за одбрана со Военото разузнавање и Воено-безбедносната агенција следат се што се случува на подрачјето на Косово и Метохија“, изјави Вучевиќ за телевизија „Прва“.
– По десетдневната блокада утрово е отворен преминот Брњак, потврди за српските медиуми заменик командантот на косовската полиција за северниот регион, Ветон Елшани. Тој додаде дека преминот Јариње сè уште е затворен. Косовските власти ги затворија премините Јариње и Брњак по конфликтот во Бањска на 24 септември, во кој загинаа тројца Срби и еден припадник на косовската полиција.
- На Самитот на ЕУ во декември очекувам одлуки поврзани со проширувањето за некои од земјите од Западниот Балкан, согласно извештајот на Европската комисија за усогласеноста на државите кандидати со реформските барања, што се очекува да биде објавен во следните недели, изјави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел во интервју за португалската агенција Луса. - Од Европскиот совет ќе зависи што од извештајот на Комисијата ќе стави на маса, нагласи Мишел, додавајќи дека самиот факт што на неформалниот Самит на Унијата в петок во Гранада европските лидери ќе „разговараат за иднината на ЕУ поврзана со проширување претставува многу моќен сигнал“.
- Пратениците на ЕУ ја поддржаа кандидатурата на поранешниот холандски министер за надворешни работи, Вопке Хоекстра, за висока позиција во ЕУ за климата, и покрај загриженоста за неговите минати врски со нафтената индустрија. Европратениците од Комитетот за животна средина, исто така, му дадоа зелено светло на словачкиот комесар Марош Шефчович да го надгледува амбициозниот климатски пакт познат како Европски зелен договор, рече Паскал Канфин, шеф на комисијата во објава на социјалните мрежи. Именувањата утре треба да бидат одобрени од сите пратеници.
– Шефицата на француската дипломатија Кетрин Колона синоќа во Ереван најави дека Париз ќе испорача воена опрема за Ерменија. - Франција се согласи да склучува идни договори со Ерменија, кои ќе овозможат испорака на воена опрема за Ерменија да може да ја обезбеди својата одбрана. Не можам да дадам многу детали. Ако треба да одам малку подалеку, знајте дека има работи кои се веќе договорени меѓу Ерменија и Франција и се во тек, наведе Колона. Таа додаде дека четворица повредени Ерменци повредени во минатонеделната експлозија на гориво во Нагорно-Карабах, ќе се лекуваат во Франција. При експлозијата загинаа најмалку 170 луѓе, а повредени се 300 лица.