• недела, 19 мај 2024
МИА Радио флеш

5 април 2024 

-Исплата на финансиска поддршка се врши врз основа на евиденцијата на корисници на право на надоместок заради попреченост, при што за сите лица корисници на право на надоместок заради попреченост е извршена исплата без оглед на возраста на корисникот. Вака одговорија од Министерството за труд и социјална политика за МИА, откако Уставен суд го поништи делот од Законот за финансиска поддршка за социјално ранливи категории со попреченост, од законското решение во декември 2023 година, кој ограничуваше дека ваква поддршка може да се добива до 65-годишна возраст. Станува збор за член 4 став 1 од Законот, според што, финансиската поддршка изнесува 2.000 денари месечно, за период од пет месеци, започнувајќи од декември 2023 година. Исплатата е започната, а ќе се врши заклучно со месец април. Вкупниот број лица корисници на правото на надоместок заради попреченост, кои се евидентирани во меснонадлежните центри за социјална работа и на кои им е извршена исплата на финансиска поддршка, изнесува 10.331 корисник.

-Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластување и припадници на затворската полиција, поднесе кривична пријава против М.И. и К.С., полициски службеници во Полициската станица за граничен премин Долно Блаце при Регионалниот центар за гранични работи Север поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“ по член 353-в oд Кривичниот законик, соопшти МВР.

-Во текот на вчерашниот ден казнети се 190 возачи во акциската контрола на Министерството за внатрешни работи спроведена на територија на цела држава. Како што соопшти МВР, 14 возачи се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а четворица возачи се движеле со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа 53 возачи ја пречекориле брзината во населено место, а 137 надвор од населено место.

-Меѓународниот ден на Ромите 8 Април (понеделник), е неработен ден за припадниците на ромската заедница во Република Северна Македонија, соопшти Министерството за труд и социјална политика.  
Од Министерството на припадниците на ромската заедница во Република Северна Македонија им го честитаат Меѓународниот ден на Ромите.

- На претстојните европски избори во јуни, Нова демократија би освоила 31,3 отсто, СИРИЗА 15,9, а ПАСОК 13,4 проценти од гласовите, според процените на агенцијата „MRB“ по истражувањето на јавното мислење спроведено од за грчката телевизија „Open“, јави дописничката на МИА од Атина. На четвртата позиција е радикално десничарската Грчко решение со 9,9 отсто, двојно повеќе од гласовите што ги доби на ланските парламентарни избори, а Комунистичката партија падна на петтата позиција. Осум од десет испитаници (80,6 проценти) рекле дека ќе гласаат на изборите, од нив 47,1 отсто како критериум ги одбрале внатрешните проблеми, а 33,5 проценти ќе гласаат за да придонесат за изнаоѓање решенија поврзани со ЕУ.

-Во Србија додека се уште трае потрагата по телото на убиената двегодишна Данка Илиќ, а граѓаните палат свеќи, паралелно се води дебата за колективната траума од информирањето на таблоидите, порталите, социјалните мрежи и јавноста во Србија за овој случај, јави дописникот на МИА од Белград. - Ова беше тежок ден за сите кои се занимаваат со ментално здравје и кај сите што ги следеа вестите за Данка Илиќ психолошката рамнотежа беше нарушена, изјави психологот Бранислава Стевиќ. Таа додаде дека дополнителна отежнувачка околност беа огромниот број сензационалистички вести, кои значително го нарушија психолошкиот баланс на луѓето кои секојдневно ги следеа и читаа вестите.

-Министерот за надворешни работи во техничкиот мандат Ивица Дачиќ денеска изјави дека за приемот на Приштина во Советот на Европа (СЕ) нема да се одлучува според правдата и правото, туку по силата, јави дописникот на МИА од Белград. -Немаме дилеми. Правдата и правата нема да се видат овде. Овде ќе ја гледаме силата – односно дали некој тоа сака на сила да го наметне или не, рече Дачиќ. Тој додаде дека Советот на Европа е организација која првенствено треба да се занимава со човековите права и слободи. - Не може да се каже дека Советот на Европа од самиот почеток не беше политичка организација и дека беше политички обоен сите овие години. Но, сега веќе влегуваме во поле кое ја надминува правната рамка на самиот Совет на Европа, каде што се прекршуваат основните принципи на кои тој функционира, рече Дачиќ.

-Турција не ја одобрува трилатералната средба меѓу Ерменија, САД и ЕУ, закажана за денеска во Брисел, поради отсуството на Азербејџан, што, според официјална Анкара,  го поткопува неутралниот пристап на регионот кон сложените прашања, потенцијално поттикнувајќи геополитичка конфронтација, јави агенцијата Анадолија. На трипартитниот состанок денеска во Брисел ќе учествуваат претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, и ерменскиот премиер, Никол Пашинјан. „Наша одговорност е јасно да нагласиме дека трилатералната средба меѓу Ерменија, ЕУ и САД на 5 април ќе го поткопа неутралниот пристап што треба да биде основа на решението на сложените проблеми во регионот“, соопшти турското Министерство за надворешни работи.

-Бугарите, Романците, Србите и Украинците се главните учесници во најопасните криминални мрежи за трговија со луѓе во ЕУ со цел трудова и сексуална експлоатација, покажуваат податоците во извештајот на Европол, претставен денеска. Во документот се забележува дека во ЕУ дејствуваат 821 опасна криминална мрежа, поврзани со трговија со наркотици (главно кокаин), цигари, трговија со луѓе и изнуда. „Најчесто учесниците во оваа организација доаѓаат од Западен Балкан, главно од Албанија, но и од Турција и Мароко“, истакна на прес-конференцијата белгиската министерка за внатрешни работи Анелис Верлинден. Според неа, пазарот на дрога е еден од главните извори на насилство во ЕУ и на приход за организираниот криминал.

-Американските републиканци и нивниот претседателски кандидат Доналд Трамп мора да имаат на ум дека тие се партија на (поранешниот американски претседател) Роналд Реган и дека треба да поддржат Украина во време кога руските сили се подготвуваат за голема офанзива во мај или јуни, рече Андриј Јермак, шеф на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тој во интервју за Политико рече дека не е загрижен поради фактот што Трамп би можел да биде реизбран за претседател на САД и дека верува дека пакетот помош од 60 милијарди долари за Украина на крајот ќе биде усвоен во Претставничкиот дом под контрола на републиканците, каде што со месеци е блокиран од конгресмените лојални на Трамп.

-Европската комисијата го поздрави политичкиот договор постигнат вчера меѓу Европскиот парламент и Советот на ЕУ за Механизмот за реформи и раст на Западниот Балкан, во вредност од шест милијарди евра, како поддршка на Планот за раст на регионот, што таа го предложи лани во ноември. Според претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен договорениот финансиски Механизам од шест милијарди евра е клучен чекор во процесот на проширување, што е клучниот геостратешки приоритет на ЕУ.  - Со комбинирање на зголемената финансиска помош и реформи ќе се забрза напредокот на нашите партнери од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ, ќе се поттикне нивната економска конвергенција и подобро ќе се интегрираат во нашиот единствен пазар уше пред пристапувањето. Сакаме Западен Балкан побрзо да го приближиме до нашата Унија, порача Фон дер Лајен. 

-Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека Израел ќе возврати на сите обиди да и се наштети на земјата, во момент кога таа се подготвува за можен одговор на Иран на убиството на главниот командант на Исламската револуционерна гарда во Сирија, за што Техеран го обвини Тел Авив. „Иран дејствува против нас со години, директно и преку полномошници. Затоа Израел дејствува против Иран и неговите застапници дефанзивно и офанзивно“, рече Нетанјаху на состанокот на кабинетот за безбедност, по телефонскиот разговор со американскиот претседател Џо Бајден, пренесува Тајмс на Израел. Тој додаде дека Израел ќе знае како да се одбрани и дека ќе се однесува по едноставен принцип „да им наштети на оние кои му штетат или планираат да му наштетат“.

-Судот во Њујорк на 22 април ќе одржи сослушување за гаранцијата од 175 милиони долари што поранешниот американски претседател Доналд Трамп ја уплати како дел од неговата жалба за пресудата за измама од 454 милиони долари, соопшти канцеларијата на државниот јавен обвинител. Канцеларијата на њујоршката обвинителка Летиција Џејмс соопшти дека Трамп мора да обезбеди доказ дека компанијата што ја именуваше за прокнижување на гаранцијата-„ Knight Special Insurance Company“, има доволно средства да ја плати сумата доколку неговата жалба биде одбиена, пренесуваат британските медиуми. Трамп за влакно спречи можно заплена на имотот кога Апелацискиот суд на 25 март се согласи да нареди одложување на извршувањето доколку во рок од 10 дена плати кауација во износ од 175 милиони долари, што тој го направи на 1 април.

Остани поврзан