• недела, 21 декември 2025
МИА Радио флеш

10 јуни 2025 

Скопје - Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на третата конференција на Обединетите Нации за океанот што се одржува во Ница, го потпиша Договорот според Конвенцијата на ОН за правото на морето за зачувување и одржливо користење на морската биолошка разновидност на области надвор од националната јурисдикција (Договор BBNJ).

Како што денеска соопштија од Кабинетот на Сиљановска-Давкова, целта на договорот е преку зајакнување на меѓународната соработка и координација, да се сопре губењето на биолошката разновидност и деградацијата на екосистемите.

Скопје - МВР, УЈП и Финансиската полиција се должни да го заштитат колективниот интересот на граѓаните и оние кои се обидуваат на сметка на другите граѓани да не ги завршат своите обврски кон државата очекувам да бидат санкционирани и соодветно казнети, изјави претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.  

-Се надевам дека тековно ги завршува своите обврски и дека најголемиот дел од граѓаните со исклучок на малкумина кои што беа предмет на вчерашната акција, ги плаќаат своите обврски кон државата. Но, за жал видовте дека имаме и граѓани кои успеале да затаат данок од рекордни неколку десетици милиони евра. Се надевам дека тоа ќе е случај кој што е исклучок, а не правило. Но, МВР, УЈП и Финансиската полиција се должни да го заштитат колективниот интересот на граѓаните и таквите граѓани кои се обидуваат на сметка на другите граѓани да не ги завршат своите обврски кон државата да бидат санкционирани и соодветно казнети, рече Мицкоски на новинарско прашање за коментар во врска со функционирањето на УЈП во Струмица после приведувањето на неколкумина инспектори осомничени за „несовесно работење во службата“.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска истакна дека најголем дел од европратениците, пред се, оние кои се залагаат за вистинските европски вредности, му дале шанса на Предлог-извештајот за земјава, чие гласање Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) на 4 јуни беше одложени за 24-ти овој месец. Доколку не биде изгласан и тогаш, нагласи Мицкоски, тогаш македонските граѓани треба да бидат свесни дека не станува збор за внесување на неколкуте стотини граѓани со бугарска самосвест во Уставот, туку дека проблемот се посебниот македонски идентитет и македонски јазик. 

-Најголемиот дел од европратениците, оние кои вистински ги застапуваат европските вредности, одлучија да му дадат шанса на процесот и на 24 јуни повторно да биде на седница и ако не помине, ако повторно се одложи, тогаш македонските граѓани треба да бидат свесни дека проблем не се неколкуте стотини граѓани, кај нас, кои се дел од бугарската заедница да бидат во нашата Преамбула, туку дека се посебниот вековит македонски идентитет и македонскиот јазик. Тоа е суштината, тоа е проблемот, се останато нема никаква врска со реалноста, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања по пуштање во употреба на реконструираното Одделение за управни работи – Скопје.

Скопје - Директорот на Инспекторатот за употреба на јазиците, Арсим Идризи добил уште една шанса од премиерот Христијан Мицкоски откако во Собранието тој одби на новинарите да им одговори на македонски јазик. Мицкоски раговарал со него и како што вели, не верува дека тоа ќе се повтори, но потенцира дека ќе го разреши директорот доколку се повтори.

-Ако мислите на моментот кога во рамките на Парламентот, директорот не се обраќаше на македонски јазик, јас разговарав со него и не очекувам дека тоа ќе се повтори. Ако се повтори, ќе биде разрешен, рече Мицкоски на пуштањето во употреба на реконструираното Одделение за управни работи – Скопје (зграда МРТВ).

Скопје -  Во јавноста имаше обид за девалвација на процесот за набавка на униформи за полициски службеници, оцени министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во одговорот на новинарско прашање денеска по пуштање во употреба на реконструираното Одделение за управни работи – Скопје.

Тој посочи дека полициските службеници, во времето кога бил во техничката влада немале соодветни униформи и различно се облекувале.

Скопје - Гасоводот со Грција е отпочнат да се гради, откако бил закочен, поради тоа што претходната Влада на СДСМ и ДУИ креирале спецификација, која не одговара на критериумите, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, кој одговараше на новинарско прашање за дали се гради гасоводот со Грција и какво значење ќе има за нашата држава.

- Како Влада затекнавме еден проект, којшто седум години не беше поместен од место и кога беше извршена некаква евалуација, тогаш заемодавателите одлучија да го прекинат. Поради тоа што претходната Влада на СДСМ и ДУИ креирала спецификација таква што не одговара на критериумите, коишто ги даваат заемодавателите. На брза трака го ставивме тој проект, го корегиравме со новото раководство на НОМАГАС и тендерската документација, изјави Мицкоски по пуштањето во употреба на реконструираното Одделение за управни работи во Скопје

Скопје - Како се носат законите, локални проблеми, намалување на иселувањето на младите, вештачка интелигенција, дали Парламентот има стратегија, лични проблеми... се само дел од прашањата што во изминатиот месец ги слушнале пратениците кои беа дел од парламентарниот карван кој што се одржуваше под мотото „Собранието за граѓаните, отворено и одговорно“, а којшто денеска имаше завршен настан во Скопје. 

Во Жена паркот во Скопје, каде се одржуваше настанот, се собраа повеќе граѓани, ученици, претставници на граѓански организации, минувачи... кои разговараа со пратениците и со претставници на други служби во Собранието. Тие имаа можност да се запознаат од поблиску со работата на законодавната власт и да се сретнат со пратениците од своите општини.

Кочани - Вкупните приходи за една година во Царинската управа изнесуваат 177,3 милиони евра, а само кај наплатените царински такси за увоз на возила е регистриран пораст од 20 проценти, истакна директорот Бобан Николовски на денешната прес-конференција на која направи пресек за едногодишното работење на Управата.

-Царинската управа во мај наплати приходи во износ од 177,3 милиони евра, што е за 7,3 проценти или 12,1 милиони евра повеќе од лани истиот период. Притоа раст на приходите има по секој основ. Приходите од данок на моторни возила бележи раст од 16,7 проценти, од царина за 22,7 проценти и од акциза за 5,2 проценти. Растот на приходите се должи на зголемен пријавен увоз на тутунски производи, односно за 31 процент повисоки приходи од лани и на зголемен пријавен увоз на автомобили – или 20 проценти повисоки приходи од лани, истакна Николовски.

Скопје - Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје од денеска ќе располага со ново современо и уникатно возило целосно развиено во Македонија и дрон за гасење на пожари, а беа промовирани и новата генерација пожарникари. Влатко Николовски координатор на проектот на Бригадата на денешната презентација на проектот „Гасење на пожари со употреба на современи техники“ го претстави новото современо возило како и новиот дрон за гасење пожари.

-Ако продолжевме да се жалиме ќе останевме без возила, без центри и можност за некои од вас да го најде своето место во делот на развој на дронови и заштита од пожари. Денеска ќе го претставиме првото целосно развиено македонско возило кое е уникатно и универзално, направено е благодарение на 30 - годишното знаење на командниот тим на Скопската бригада благодарение на командантот и неговиот тим. Целиот развој е направен без никаква владини, невладини фондации или фондови, сме го развиле независно, прво да си докажеме дека Македонија може да развива мобилно и моќно возило, после него следува многу брзо, многу поголемо возило за шумски пожари кое е полесно за производство. Во исто време успеавме први во Европа и во Америка да развиеме дрон кој гаси пожари и кој многу пати досега покажал феноменални резултати, рече Николовски.

Скопје - Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во врска со случајот „Крмзов“ води постапка против 23 физички и 15 правни лица, осомничени за злосторничко здружување, даночна измама, перење пари и несовесно работење. Според првичните проценки, штетата изнесува околу 90 милиони евра, а незаконските активности се реализирале преку фиктивни договори, манипулации со ДДВ и продажба на недвижности.

Како што информираа на денешниот брифинг со новинари во ОЈО ГОКК, иницијативата за истрагата потекнува од Управата за јавни приходи, а предметот опфаќа период од 2019 до 2024 година. 

Скопје - Со воена свеченост која се одржа во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец, припадниците на воздухопловниот ВИНГ (вВИНГ) од составот на Командата за операции (КО) го одбележаа, 10 Јуни – Денот на единицата, ден кој симболично го одбележува првиот воен лет во историјата на Армијата во 1992 година и кој денес е институционален белег на военото воздухопловство на Армијата.

На свеченоста покрај началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, присуствуваа командантот на Команда за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, директорот на Генералштабот на Армијата, бригаден генерал Орце Јордев, претставници од Министерството за одбрана, Генералштабот на Армијата, Командата за операции, команданти на единиците, поранешни команданти кои ја предводеле оваа структура во различни фази од нејзиниот развој, претставници од Министерството за внатрешни работи, Асоцијацијата на одбранбените аташеа, како и претставници од локалната самоуправа.

Белград - Во македонскиот Културно-информативен центар во Белград вечерва во 19 часот ќе може да погледне нешто ново од современата македонска уметност и прва македонска изложба од ваков вид . 
Изложбата насловена како „Живи артефакти (АР) тистика" претставува средишно место во кое се среќаваат традицијата, технологијата и новите медиуми. На оваа повеќе-димензионална, интерактивна и мултимедијална интервенција во просторот, презентирани се уметнички дела инспирирани од нашето богато материјално и нематеријално културно наследство, како и од мотивите на македонските народни носии, а делата се транс-дисциплинарни и меѓусебно поврзуваат повеќе уметности: архитектура, скулптура, музика, филм, дигитална анимација, поезија и визуелна уметност.
Тие се претставени на повеќе нивоа на реалност: едно е физичкото кое се гледа веднаш и непосредно штом се застанува пред делото, а другото е виртуелно (дигитално) - кое може да се види со помош на апликација на мобилниот телефон. 

Скопје - Министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани во рамки на посетата на Република Австрија оствари работна средба со Кристијане Тешл-Хофмајстер, советничка за образование на Владата на Австрија.

Во фокусот на средбата, како што соопшти Министерството за социјална политика, демографија и млади, биле предучилишното образование и згрижување, искуствата на двете држави на ова поле и можностите за продлабочување на соработката.

Сплит - Пожар избувна синоќа во затворот „Билице“ во хрватскиот град Сплит, а неколку затвореници беа хоспитализирани поради вдишување чад, соопшти локалната противпожарна служба.

Пожарот, кој избувна во една од ќелиите околу 21:30 часот, беше главно изгаснат од затворските службеници пред пристигнувањето на пожарникарите.

Виена - Во училиштето БОРГ во Грац, Австрија, утрово се случи масовно пукање во кое загинаа најмалку девет лица, додека напаѓачот, кој е десеттата жртва, извршил самоубиство, соопштија локалните власти, пренесе агенцијата АПА.

Најмалку 28 лица, меѓу кои ученици и наставници, се повредени. Напаѓачот, 22-годишен поранешен ученик на училиштето, бил пронајден мртов во тоалет, каде се заклучил и си го одзел животот по нападот. Според австриските медиуми, тој поседувал легално оружје – пиштол и пушка – и пукал во две училници, од кои една наводно била неговата поранешна училница. На социјалните мрежи се појави видео од друга училница во која се слушаат истрели.

Париз - Вработена во француско средно училиште била смртно избодена од 15-годишен ученик. Ученикот е уапсен. Нападот се случил за време на претресот на чантата на ученикот во средно училиште источно од Париз.

Полициски службеник кој помогнал во претресот на торбите бил полесно повреден за време на апсењето на ученикот, соопшти жандармеријата. Мотивот за нападот е под истрага.

Брисел -  Не е предвидена билатерална средба меѓу претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и американскиот претседател Доналд Трамп за време на самитот на НАТО на 24-25 јуни во Хаг, соопшти портпаролот на ЕК на прес-конференција, одговарајќи на прашање поврзано со трговските преговори меѓу Брисел и Вашингтон.

Портпаролот повика да се почека до Самитот за дополнителни информации.

Грац - Бројот на загинати во нападот во училиште во австрискиот град Грац достигна 10, соопшти австриската агенција АПА.

Меѓу жртвите има ученици, најмалку еден возрасен и осомничениот напаѓач, потврди градоначалничката на Грац, Елке Кар, додавајќи дека има и многу повредени.  Според локални медиуми, напаѓачот е најверојатно ученик во училиштето и си го одзел животот во тоалетот. 

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп ги отфрли обвинувањата на гувернерот на Калифорнија Гавин Њусом дека неговата администрација „сака граѓанска војна на улиците“, во услови на протести во Лос Анџелес против имиграциските рации на федералната агенција ICE. 

На новинарско прашање за изјавата на Њусом, Трамп одговори: „Не, напротив. Јас не сакам граѓанска војна. Граѓанска војна би се случила ако луѓе како него одлучуваат за сè“.

Остани поврзан