МИА Радио флеш
- 8 јануари 2025
8 јануари 2025
Скопје - Скопје и утрово е меѓу 10-те градови со најголемо аерозагадување во светот. Според табелата на платформата за мерење на аерозагадувањето „Ај кју аир“, во 9 :45 часот главниот град се наоѓа на седмо место во светот и е најзагаден град во Европа.
Со вредност на нивото на штетни ПМ честички од 164 единици воздухот во Скопје е во категоријата означена со црвено како „нездрав“ воздух.
Листата на најзагадени градови ја предводат Дака (197) во Бангладеш, Лахор (180) во Пакистан и Делхи во Индија (174),
Од градовите во Европа, по Скопје, според загаденоста на воздухот се Сараево на 35 место, Букурешт на 36. место и Приштина на 37 место.
Скопје - Министерството за животна средина и просторно планирање информира дека според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 150 mg /m3 во текот на два последователни денови) е надминат на мерното место Струмица.
-Прагот на алармирање е дефиниран во Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели, велат од Министерството.
Скопје - Вкупно 1.359 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи - 112 се евидентирани изминатото деноноќие. Пожарникарите гаснеа пожари во урбани и населени места. Не се регистрирани пожари на отворен простор. Кога станува збор за проодност на патишта, мостот на реката Вардар кај Башино Село е затворен за секаков вид сообраќај, се потенцира во денешното соопштение на Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Од повиците на 112 изминатите 24 часа, како „реални“ биле категоризирани 54.38 отсто. Останатите 45.62 отсто биле за други потреби на граѓаните, што не се сметале за итни.
- Кон полиција биле упатени 69,64 отсто, кон Итната медицинска помош - 27,53 проценти, а кон пожарникарите - 1,62 отсто од реалните повици кон 112 во ЦУК, се додава во соопштението.
Брисел - Европскиот суд за човекови права оцени дека Бугарија ја прекршила презумпцијата на невиност и правото на правично судење на европратеничката Елена Јончева и мора да и плати отштета од 8.000 евра.
Станува збор за случај од 2019 година, кога бугарското Јавно обвинителство започнало кривична постапка против Јончева под сомнеж за перење пари преку „Корпоративната комерцијална банка“, која банкротира пред една деценија.
Според Судот во Стразбур, Обвинителството обелоденило детали за случајот со кои сугерирало дека Јовчева била вклучена во голема операција за перење пари, наместо тоа да го направи на „дискретен и воздржан начин“, почитувајќи го принципот на презумпција на невиност.
Виена - Претседателот на Австрија, Александер Ван ќе именува привремен канцелар, а според локалните медиуми најверојатно ќе биде назначен министерот за надворешни работи Александар Шаленберг од конзервативната Народна партија (ОВП).
Ван дер Белен името на привремениот канцелар ќе го соопшти во текот на денот. Шаленберг на 11 октомври 2021 година ја извршуваше функцијата канцелар откако Себастијан Курц поднесе оставка. Канцеларот во заминување Карл Нехамер на 10 јануари ќе поднесе оставка.
Париз - Европската унија нема да дозволи други нации да ги напаѓаат нејзините суверени граници, рече францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро како одговор на коментарите на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за Гренланд во врска со „сопственоста и контролата“ на огромниот арктички остров што е дел од Данска повеќе од 600 години.
-Очигледно не постои сомнеж дека Европската унија би дозволила другите нации во светот да ги нападнат нејзините суверени граници, кои и да се тие... Ние сме силен континент, рече Баро.
Новоизбраниот претседател Доналд Трамп вчера рече дека нема да ја исклучи употребата на воена сила за преземање на контролата врз Панамскиот канал и Гренланд, бидејќи ја прогласи контролата на САД врз нив за витална за американската национална безбедност.
Лос Анџелес - Канцеларијата за образование на округот Лос Анџелес денеска соопшти дека училиштата во 19 окрузи во тој дел на Калифорнија денеска се затворени поради ширење на шумски пожари. На повеќе од 30.000 луѓе им е наредено да се евакуираат во Јужна Калифорнија откако избувна шумски пожар во населбата Пацифик Палисадес во близина на Лос Анџелес, кој досега остави една жена пожарникар тешко повредена, а неколку други со изгореници, објави Еј-Би-Си Њуз.
Најмалку 220.916 корисници се без струја во округот Лос Анџелес поради пожарот, кој проголта повеќе од 2.900 хектари земја. Поради силните ветрови во Санта Ана, пожарот во Пацифик Палисадес наводно се шири со брзина од пет фудбалски игралишта во минута.