• среда, 07 август 2024

МИА Радио флеш

МИА Радио флеш

  30 јули 2024

 

 

Скопје - Денот на Републиката, 2 август 2024 (петок) е неработен ден за сите граѓани на Република Северна Македонија, согласно со Законот за празниците на РМ, соопшти денеска Министерството за социјална политика, демографија и млади. 

-Министерството за социјална политика, демографија и млади на сите граѓани им го честита Денот на Републиката, се наведува во известувањето.

Скопје - Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова денеска ја примила австралиската пратеничка Касандра Фернандо, претседавач со Групата за пријателство вo Парламентот на Австралија, со која разговарала за севкупните македонско-австралиски билатерални односи, вклучувајќи ја соработката на парламентарно ниво.

-Претседателката Сиљановска Давкова оцени дека посетата на пратеничката Фернандо, втора по ред на нашата држава, е потврда за посветеноста за продлабочување на соработката. Сиљановска-Давкова на средбата истакна дека и покрај географската оддалеченост, двете држави продолжуваат да развиваат силни пријателски односи, посочувајќи на македонската дијаспора во Австралија, која дава силен придонес во севкупниот развој на австралиското општество и е важен мост на поврзување меѓу двете држави, информира Кабинетот на Сиљановска-Давкова.

Скопје - Мислења за политичките процеси во земјава и во регионот и за чекорите во однос на евроинтеграцијата, размениле денеска претседателот на Собранието Африм Гаши на средбата со Даниел Браун, официјален претставник на Фондацијата „Конрад Аденауер“ во Скопје.

Како што информираат од собраниската прес-служба, на средбата присуствувала и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска. 

Скопје - На 14 јули Владата ја усвои драфт верзијата со придружните елементи на Реформската агенда и истата е испратена до Европската комисија на внатрешна консултација. До 31 јули треба да добиеме повратни коментари за да може после Владата врз основа на тие коментари да ја усвои крајната верзија на Реформската агенда, изјави денеска на прес-конференција министерот за европски прашања Орхан Муртезани.

Тој додаде дека по усвојувањето, следува потпишување договор на Инструментот за реформи и раст и Договорот за заем, по што следи ратификација во Собранието.

Муртезани изрази очекување дека во втората половина на септември треба да стигне првата транша од Планот за раст на ЕК.

Скопје - Министерството за јавна администрација (МЈА) ги повлече од собраниска процедура Предлог-законот за административни службеници, Предлог-законот за вработени во јавниот сектор и Предлог-законот за стручно усовршување и обука на административните службеници поднесени од претходната влада и  отвора широка дебата за овие закони во рамки на кампања под мотото „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација“.

Како што изјави на денешната прес-конференција министерот за јавна администрација Горан Минчев, оваа обврска е согласно донесениот Закон за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа со која и се формира ова Министерство, а целта е да добие мислења и сугестии од сите засегнати страни.

Скопје - Немам намера да провоцирам ниту еден од нашите коалициони партнери. Ќе повторам, исклучиво спроведуваме закони, а еден од принципите на коишто е договорена оваа коалиција е и почитување на законите. Јас само спроведувам закони. Во Законот за вработени во јавниот сектор децидно пишува дека алатката балансер се применува исклучиво за граѓаните кои живеат на територија на Република Македонија, а тоа е резидентното население согласно податоците од последниот попис. Се надевам дека колегите од Вреди ќе се вразумат, ќе потрошат повеќе внимание на читање на постоечките закони и ќе се посветат на спроведување на овие закони, а нема да се занимаваат со дневно политички теми, изјави денеска министерот за јавна администрација Горан Минчев.

На прес-конферениција, Минчев одговарајќи на новинарски прашања повтори дека пресметката во балансерот, односно правичната застапеност на етничките заедници во јавната администрација, се однесува исклучиво на резидентното население, односно на сите жители кои живеат на територијата на државата.

Скопје - Без усвојување на уставните измени, нема да може да се одблокира пристапот на државава во ЕУ, изјави денеска министерот за европски прашања Орхан Муртезани, прашан дали го дели ставот на премиерот Христијан Мицкоски и на шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски за одложена примена на уставните измени.

– Мислам дека како што и амбасадорот на Европската делегација и сите амбасадори од нашите стратешки партнери на неколку наврати имаат посочено дека тоа е сериозен чекор, односно сериозна пречка пред нас која што ние треба да се нафатиме и залагаме да го решиме колку што е можно побрзо. Како што знаете, ние во предизборната кампања, зборувам сега како коалиција „Вреди“, сме нагласиле дека тоа е еден од клучните приоритети, а исто така ова е влезено и во Програмата на Владата како приоритет, рече Муртезани.

Скопје - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска остварил работна средба со амбасадорката на Украина, Лариса Дир, на која заеднички била изразена надеж дека соработката помеѓу двете полиции ќе се интензивира во наредниот период.- На средбата беше побарано да се зајакне билатералната соработка во делот на кризниот менаџмент. Амбасадорката, притоа изрази голема благодарност за украинските граѓани кои се под привремена заштита во нашата земја, со надеж дека нивната заштита ќе продолжи онолку колку што е потребно.

Скопје - Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денеска имал средба со шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килиан Вал на која се разговарало за продолжување на соработката за подобрување на нормативните решенија и капацитетноста на општините за поефикасно извршување на надлежностите, соопштија од Министерството за локална самоуправа.  

На средбата било потврдено дека поддршката на ОБСЕ е важна за Министерството за локална самоуправа во подобрувањето на системот на локалната самоуправа.

Скопје - Зајакнување на капацитетите за царински контроли во насока на подобрување на безбедноста на границите и сузбивање на криминалот и корупцијата, биле дел од темите на денешната средба на директорот на Царинска управа Бобан Николовски и Фалк Шрајбер, царински офицер за врски на Република Германија, кој покрај за нашата држава, задолжен е и за Бугарија и Романија.

Скопје – Вкупно 812 инспекциски надзори од кои се изготвени 166 решенија поради исто толку утврдени неправилности извршил Државниот инспекторат за животна средина во првите шест месеци од годинава. Од иницираните санкции во износ од помалку од 300 илјади евра, најмногу, односно 200 илјади евра, добила свињарска фарма во Гевгелија поради истекување на отпад.

Како што информираше директорот на ДИЖС, Сретен Стојковски, на денешната презентација на извештајот за периодот јануари-јуни, постапката за свињарска фарма во Гевгелија поради истекување на отпад од дејноста што ја вршат е спроведена пред Комисија за спогодување.

Скопје - Наскоро ќе бидат вратени во функција сервисите за електронско закажување и добивање документи преку порталот uslugi.gov.mk, најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски. Не прецизира кога, но очекува да биде во првите 100 дена од мандатот. 

Електронското поднесување на барањата за документи во МВР извесен период е прекинато и со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски тој веќе имал состаноци за враќање на оваа услуга за граѓаните.

Скопје - Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека до овој момент нема добиено нотификација преку Системот за брзо известување за безбедна храна и храна за животни на ЕУ (RASSF), дека на македонскиот пазар се пласирани небезбедни производи говедска и пилешка коцка за супа од хрватската компанија „Подравка“ од Копривница.

АХВ посочува дека ќе ја следи состојбата и доколку добие известување веднаш ќе ги спроведе потребните мерки и ќе ја информира јавноста.

Државниот инспекторат на Република Хрватска денеска повлече говедски и пилешка коцки тешки 120 грама со рок на траење до 2 и 3 јули 2025 година, поради можна контаминација поради механичко оштетување на машината.

Скопје - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, одговарајќи на новинарско прашање за иницијативата на коалицијата „Вреди“ да се формира Албанска академија на науки и уметности, рече дека станува збор за изборно ветување на коалицијата на последните парламентарни избори.

- Станува збор за изборно ветување, истото е напишано и ветено пред граѓаните. На овој проект не треба да се гледа како на тенденциозен, односно проект што е насочен кон одредена етничка заедница. Станува збор за проект што треба да создаде одреден простор за развој на науката, културата...Меѓутоа, останува да се види како тој проект, односно тоа ветување може да се реализира во склоп на законската регулатива, вели Муртезани.

Скопје - Нова национална стратегија за сајбер безбедност ќе има државава за периодот  2024-2028 година. Работната група што ќе ја изработи стратегијата денеска имаше прв состанок  кој го отвори ресорниот министер Стефан Андоновски, според кого дигиталнатата отпорност гарантира вистинска дигитална трансформација.

По состанокот тој нагласи дека новата стратегија за сајбер безбедност ќе биде клучен документ кој ќе ја трасира патеката за зајакнување на домашните капацитети во оваа област.

Скопје - Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски ја поздрави примената на дигиталната алатка Балансер за вработување во јавниот сектор согласно коригирани податоци од Пописот 2021 и новите пресметки на процентите според кои се зема предвид само резидентното население во државава.

Одговарајќи на новинарски прашања по состанокот на работната група за изработка на нова сајбер-стратегија, Андоновски го поздрави и амнгажманот на министерот за јавна администрација Горан Минчев за придржување кон новиот начин на примена на алатката Балансер.

Скопје – Директорот на Државниот инспекторат за животна средина Сретен Стојковски денеска информираше дека анализите од инспекцискиот надзор покажале дека водата во Велешкото езеро „Младост“ е лоша, а за хаваријата во Биогасната централа во Градско се очекува решението да биде доставено до правното лице. 

- Направен е инспекциски надзор на сите правни субјекти кои егзистираат таму како и увид на целиот колекторски систем. Земени се анализи кои покажаа дека водата во однос на физичко-хемиските карактеристики не е добра, со лош квалитет е и негативно влијае врз опстанокот на живиот свет во езерото и е опасна по здравјето на граѓаните и не треба да се користи, истакна Стојковски по презентацијата на шестмесечниот извештај за работата на ДИЖС.

Белград - Претставниците на српската опозиција најавија дека на денешната седница во Собранието ќе гласаат против зголемувањето на таксата за Јавниот медиумски сервис-РТС од 299 на 349 динари (3 евра), бидејќи сметаат дека тоа е „пропаганден билтен на власта на Александар Вучиќ“, јави дописникот на МИА од Белград.

Пратениците на Народното движење на Србија, Зелено левиот фронт, Партијата за слобода и правда (СПП), Еколошкото востание, коалицијата НАДА и движењето Ние-сила на народот-Бранимир Несторовиќ изражаа низа приговори за известувањето на Радио- телевизија на Србија (РТС) во своите информативни програми, „цензура на секое критичко мислење“, како и „промовирање на коцкањето во рекламите“.

Загреб - Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска соопшти дека утре, Претседателството на неговата Хрватска демократска заедница (ХДЗ) ќе одлучи кого да поддржи како кандидат за претседател на Републиката, пренесе ХРТ.

Редовните претседателски избори во Хрватска треба да се одржат на крајот на оваа година.

Мадрид - Шпанскиот премиер, Педро Санчез денеска сведочеше во случајот во кој неговата сопруга е обвинета за корупција и рече дека случајот е дел од кампањата за клеветење.

Групата наречена „Manos Limpias“, („Чисти раце“), која се опишува себеси како синдикат, тврди дека сопругата на Санчез, Бегоња Гомеш, ја искористила својата позиција за да влијае на деловните зделки. Многу случаи на оваа група главно неуспешно се насочени кон левичарските политичари.

Судијата Карлос Пеинадо, кој писмено го одби барањето на Санчез да сведочи, денеска дојде во резиденцијата на премиерот за да даде изјава.

Лондон - Британската полиција денеска потврди дека уште едно дете кое беше рането во напад со нож во градот Саутпорт во Англија, им подлегна на повредите, со што бројот на деца-жртви се зголеми на три.

По нападот со нож во училиште за танц во Саутпорт осум деца беа повредени, а пет се во критична состојба. Повредени се и двајца возрасни кои исто така се во критична состојба, соопштија официјални претставници.

„Деветгодишно девојче почина рано изутрината во болница“, соопшти полицијата, пренесе Скај њуз.

Хаг - Во операција предводена од романската полиција и граничната служба, со поддршка на Европол и учество на бугарската полиција, се уапсени осум лица и е разбиена организирана криминална мрежа која шверцувала мигранти долж балканската рута, соопшти денеска Европол.

Осомничените илегално превезувале мигранти од Бугарија и Романија во Западна Европа, се наведува во соопштението.

Брисел - Европската комисија иницира консултации со творците на вештачката интелигенција, компаниите и претставниците на граѓанското општество, властите и академската задница за изработка на Кодекс за употреба на вештачката интелигенција за општа намена. 

Кодексот, чија изработка е предвидена со Законот за вештачка интелигенција, ќе се однесува на транспарентноста, правилата поврзани со авторските права, идентификацијата, проценката и намалувањето на ризиците и нивно менаџирање. 

Франкфурт - Економијата на ЕУ порасна повеќе од очекуваното во вториот квартал од оваа година, но економската активност во Германија, водечката европска економија, се намали, пренесе Бета.

Бруто домашниот производ (БДП) на ЕУ порасна за 0,3 отсто во вториот квартал во 20-те земји кои го користат еврото, покажуваат официјалните податоци што денеска ги објави статистичката агенција Еуростат.

Германија, пак, имаше пад на БДП од 0,1 отсто.

Киев – Владата на Украина го покани шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји да го посети Киев, а Пекинг соопшти дека „има интерес“ за предлогот, се наведува во соопштението на украинското Министерство за надворешни работи.

- Подготвени сме да му посакаме добредојде на министерот Ванг Ји во Украина, за од прва рака да ги видиме последиците од руската агресија врз нашата земја и да водиме длабински билатерални преговори со него за голем број регионални и меѓународни прашања, изјави портпаролот на украинското МНР.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба минатата недела во Пекинг се сретна со Ванг.

Пекинг - Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска му честиташе на Николас Мадуро за неговиот реизбор за претседател на Венецуела.

„Откако ја презеде функцијата, претседателот Мадуро ја предводи владата и народот на Венецуела на патот на развојот на националниот просперитет“, се вели во честитката на кинескиот претседател.

Си истакна дека Кина и Венецуела се добри пријатели и партнери засновани на принципите на реципроцитет и доверба. 

Maнила - САД денеска најавија дополнително воено финансирање за Филипините во износ од 500 милиони долари за поддршка на напорите за зајакнување на одбраната на земјата во услови на зголемени тензии во спорното Јужно Кинеско Море, јави ДПА.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен и министерот за одбрана Лојд Остин најавија дополнително финансирање по четвртиот состанок „два плус два“ ​​со нивните филипински колеги, одржан за прв пат во Манила.

Остани поврзан