• среда, 15 јануари 2025
МИА Општински пул

6 август 2024

 

Тетово - Деновиве тетовци добија нови решенија за наплата на Данок на имот кои се за 100 проценти па и повеќе повисоки од досега. Поради тоа голем број тетовци секојдневно доаѓаат во Општина Тетово каде бараат информации зошто се покачени сметките. Од секторот за финансии на Општината велат дека не се работи за покачување на сметките туку е направена валоризација на имотот, нешто што со години наназад Општината не го извршила.

- Ние како Општина со Закон сме обврзани секои четири години да извршиме ревалоризација на сите имоти кои се под Општина Тетово. За ова да го направиме ни е дадена и препорака од Државниот завод за ревизија. Всушност нема зголемување на даноците бидејќи ставките се исти. Така ако еден имот, на пример стан, некогаш е проценет на 200 или 300 евра за метар квадратен и до сега не била направена нова процена, односно тој податок и кој со години не бил променет, сега со новата процена, која е врз основа на пазарната вредност, добиваме реална вредност на недвижностите во Општина Тетово. Значи станува збор само за ревалоризација на имотите, вели Нуредин Деари, раководител на секторот за финансии на Општина Тетово.

Сега со новите даночни решенија тетовци ќе мора освен за просторот каде живеат, да и плаќаат данок на општината и за подрумите, за дворовите, гаражите кои ги поседуваат на нивно име.

- Вистина е дека дел од нив плаќаат повисоки сметки, но тоа е резултат и на опфатот, односно досега не биле опфатени сите имоти кои ги поседуваат, а имаат обврска да ги пријават после добивање на решението. Ревалоризацијата е извршена по Закон, а ја направиле нашите лиценцирани проценители и тие се надлежни за висината на процената на имотите. Свесни сме дека има и направено и грешки, бидејќи податоците се преземи од Катастарот, па затоа за граѓаните имаме отворено три шалтери каде ќе можат да се информираат и да поднесат жалби и приговори и каде може да се извршат евентуални корекции, појаснува Деари.

Според Секторот за финансии во Општина Тетово со оваа процена се опфатени 709.000 метри квадратни само станбен простор. Оданочено е и земјоделското земјиште кое не се обработува, но ако некој сопственик донесе изјава дека нивата што е оданочена се обработува тогаш ќе се ослободи од праќање данок за тоа земјоделско земјиште. 

 

Македонски Брод - Пожарот кај селата Брезница и Тажево во Македонски брод е активен 20-тина дена и уништува борова шума на големи површина. На терен се пожарникарите, припадниците на АРМ, странските доброволци и хеликоптерската поддршка. Засега стихијата е далеку од викенд населбата.

-Во однос на селото Брезница, имаме едно противпожарно возило со двајца пожарникари кои го обезбедуваа теренот. Всушност, цела ноќ се дежураше пожарот да не префрли во селото. Пристигнуваат две возила со припадници на АРМ. Просторот е надлетан, пожарот е локализиран. Ќе имаме поддршка од воздух за пламените да не се префлат преку појасот. Во однос на викенд-населбата, изутрината имаше надлетување од хеликоптерските единици. Пожарот е сѐ уште далеку, сега станува збор за деградирана шума. И таму ќе имаме поддршка од воздух во текот на денот. Инаку, унгарските специјални единици се веќе упатени. Тие ќе направат соодветен појас за да може да се обезбеди викенд –населбата, изјави градоначалникот на Македонски Брод, Жарко Ристески.

Пожарот кој вчера избуцвна кај селото Слартина, синоќа е ставен под контрола и локализиран, но се дежура на теренот.

-Пожарот во селото Слатина уште во вечерните часови беше локализиран и ставен под контрола. Имаме двајца пожарникари кои го обезбедуваат теренот поради ветрот. Тоа е позитивната ситуација на теренот, рече Ристески.

 

Прилеп - Од утре (7 август) до петок (9 август) во близина на Прилеп ќе се одржува Светското првенство во спортско воздухопловно моделарство. 

Ќе се натпреваруваат околу 150 јуниори од 16 земји од светот во повеќе категории. Ќе се натпреваруваат и ќе очекуваат највисоки одличја.

- Денеска е регистрацијата на тимовите и нивните модели за натпревар. А вечер во центарот на Прилеп на плоштадот Александрија е свеченото отворање на првенството. Денес, воедно, ќе ја промовираме и воздухопловната поштенска марка, која е и јубилејна. Изразуваме голема благодарност до „Македонски пошти“ за овој гест. Утре, рано наутро почнуваат натпреварувањата на теренот кај селото Веселчани, каде досега се одржуваа и параглајдферските надлетувања.  Утре се натпреварите во едриличарството, в четврток се натпреварите со модели на гумен мотор со елиси, а в петок се натпреварувањата со моделите на класичен мотор со внатрешно согорување. Задоволството е големо како и честа што кај нас се одржува светското првенство. Ова е врвен светски настан, изјави Здравко Тодороски, претседател на прилепскиот клуб „Фил феникс“ кој со македонската воздухопловна асоцијација е организатор на ова првенство, на денешната прес-конференција.

Ова е петто меѓународно првенство што се организира во Прилеп.

Инаку, од меѓународната воздухопловна организација, на Прилеп и на Македонија им е доделено првенството повторно во 2026 година. 

 

Струга - Меѓународниот ракометен турнир Струга 2024 денес ги објави групите на учесниците на претстојното 52. издание што ќе се одржи од 14 до 17 август на отвореното ракометно игралиште „Горан Попоски Бабец“.

Во групата А бранителот на пехарот Вардар ќе се соочи со Ескилстуна Гуиф од Шведска и Тиквеш од Кавадарци.

Во Б групата силите ќе ги одмерат Еурофарм Пелистер, грчки ПАОК, кој доаѓа како замена за АЕК кој го откажа учеството поради организациски причини, и домаќинот Струга.

 

Струга - Во Паркот на поезијата в четврток, уметницата Река Самир од Обединетото Кралство ќе одржи предавање на тема „In situ (site specific art) во уметничките практики“.

Предавањето е во рамките на уметничката резиденција „Ластар 2024“ поддржанa од Министерство за култура, во соработка со здружение ИНКА и развојниот хаб во селото Вишни.

Река Самир, како што соопшти Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, ги истражува различните аспекти да се биде уметник користејќи различни медиуми и теми.

Работи како куратор и е учесник на уметнички резиденции низ целиот свет. Предавала уметност на додипломци и средношколци и била ментор во многу резиденции. Како уметник се труди да ги помести границите надвор од комфорната зона, проширувајќи го својот начин на изразување и преку пишување, стои во информацијата за Самир. 

 

Охрид – Никола Петровиќ Његош, принц на Црна Гора, е добитник на Светската награда за хуманизам за 2024 година, со која Охридската академија на хуманизмот го слави името на Свети Климент на сите светски меридијани.

Принцот е претседател на Фондацијата Његош, која е во тесна соработка со Обединетите нации и УНЕСКО во реализација на значајни меѓународни проекти од областа на хуманизмот и го организира Интернационалното биенале на уметноста во Кралскиот дворец во Цетиње.

Принцот Никола Петровиќ Његош е осумнаесетти добитник по ред на ова исклучително признание со кое што Охрид, градот на УНЕСКО, веќе ги овенча нобеловците Александр Солжењицин, Херта Милер, светските легенди Даисаку Икеда, Рави Шанкар, Питер Брук, Маноел Де Оливеира, Романо Проди, будејќи ги изворите на духовната меморија од првата средновековна школа на хуманизмот, основана од учениците на Св. Кирил и Методиј, заштитниците на Европа.

„Чест и задоволство ми е да ја прифатам номинацијата за оваа престижна награда и да се приклучам кон меѓународната плејада истакнати добитници од минатото, кои создадоа од оваа награда признание со кое се гледа со огромен респект насекаде во светот“, стои во писмото на лауреатот испратено до претседателот на интернационалното жири, амбасадорот Јордан Плевнеш.

 

Неготино - Со тешки повреди се здобило едно лице, откако возило удрило во паркиран автомобил во Неготино, информираат денеска од Секторот за внатрешни работи - Велес.

-Вчера во 15.30 часот во Полициската станица - Неготино, пријавено било дека на улицата „Маршал Тито“, патничко возило „фолксваген голф“ со неготински регистарски ознаки, управувано од С.П.(49) од Неготино, удрило во паркирано патничко возило „фолксваген поло“ со велешки регистарски ознаки, сопственост на Љ.Т.(55) од Неготино, појаснија од СВР - Велес.

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот С.П., а неговите сопатници А.П.(43) од Охрид и З.А.(48) од Неготино се здобиле со телесни повреди, констатирани во неготинската болница. 

Увид на местото на несреќата извршила увидна екипа од Полициската станица - Неготино.

 

Кавадарци - Кавадарчани се во голем број против рециклажен центар за собирање и третман на отпадни гуми, порачаа голем број на кавадарчани на денешната јавна расправа организирана од Министерството за животна средина. Тие се исплашени за сопственото здравје, земјоделството, винскиот туризам и развојот на регионот. Јавната расправа беше за животна средина во врска со Г-1 зона. 

- Инвеститорот ДССУООТУ „ЕКОВАТИВ ОИЛ" ДООЕЛ од Скопје ја достави Студијата за оцена на влијание врз животната средина за проект Еколошки рециклажен центар за собирање и третман на отпадни гуми во општина Кавадарци, информираа претставниците на Министерството, кои соопштија дека Општина Кавадарци дала  позитивно мислење. 

Претставниците што учествувале во изработката на студијата, рекоа дека со ова се решава голем проблем со отпадна гума во државата, станува збор за капацитет што нема оџак, нема отпадни води, дека станува збор за затворен систем и зелена технологија, дека Кавадарци бил избран град бидејќи е во Централна Македонија и со идеална местоположба. 

Советникот во Совет на Општина Кавадарци од СДСМ, Вуко Мелов кој е и координатор на советничка листа, рече дека стравот кај населението е оправдан поради фактот што секојдневно се зголемува бројот на лицата со канцер во регионот.

- Покрај досегашната загадувачка индустрија не ни е потребен уште еден објект во Г-1 зона, нагласи Мелов.

 

Куманово - Родилиштето од кумановската општа болница ја одбележува Светската недела на доење со промотивни активности, информираа денеска надлежните. Годинешното мото на светската алијанса за доење е „Затворање на празнината" што подразбира постигнување висок процент на екслузивно доени бебиња. Во кумановската болница, здравствените работници делат промотивен материјал, разговараат со мајките за важноста од доењето, ја промовираат неделата на социјалните мрежи и ги поттикнуваат семејствата и компаниите да ја поддржат мајката при доењето.

-Целта на кампањата е да се подигне свеста за важноста на доењето, со кое се  обезбедува внес на нутриенти, раст и напредок на новороденото во првите денови,  внес на имунолошки фактори како ензими, антитела, важни за доброто здравје на бебето. Го штити новороденото од болести, а мајката од дијабетес тип 2, карцином на јајчници и карцином на дојка. Ја подобрува емотивната врска меѓу  мајката и новороденото, изјави, супспецијалист доктор Александра Христова, раководител на оддел за новородени од општа болница Куманово.

Ексклузивното е доење до првите шест месеци, без воведување на други напитоци и воведување на мешовита исхрана на бебето, освен мајчино млеко. Според  СЗО и УНИЦЕФ, ова е основна превентивна интервенција во намалување на смртноста во рана детска возраст, опфаќа иницијација на доењето во првиот час по раѓањето, па се до втората  година од животот.

Ексклузивното доење е камен темелник за намалување на стапката  на смртноста кај децата и процентот на болестите кај децата, бидејќи обезбедува есенцијални, незаменливи хранливи материи важни за растот и развојот на детето и ја обезбедува првата имунизација на новороденото, заштита од потенцијални агенси ( респираторни инфекции, дијареа).

-Преку 120 земји се вклучени во кампањата за поддршка на доењето, која се одржува секоја година во рамките на Светската недела на доење од први до седми август. Првпат  е одбележана 1992 година.

Скопје - Над 100 кубни метри или околу девет тона кабаст отпад се собрани досега во бесплатната акција што Општина Аеродром ја започна минатиот месец, а ќе трае и во текот на август и септември, при што ќе се реализира на 40 пунктови на ниво на целата територија.

Како што соопштија од Општина Аеродром, акцијата што се спроведува во соработка со ЈП за комунални дејности на општината, досега се реализира во населбите Мичурин, Острово и 13 Ноември. 

На 8. и 9. август, кабаст отпад ќе се собира на големиот паркинг кај градинката „Калинка“ и на улица „Милан Зечар“ кај воените кули, додека од 10. до 12. август (сабота, недела и понеделник) ќе бидат опфатени зградите на улицата „1615“ во близина на кулите Џевахир и кај „Меѓаши зад пунктот на ЈП
„Паркови и зеленило“.

- Паралелно со акцијата за собирање кабаст отпад, ЈП за комунални дејности на Општина Аеродром неодамна спроведе и реорганизација на начинот на чистење, при што темелно се метат и мијат јавните површини, се косат тревниците и се кастрат гранките од дрвјата. Општина Аеродром повикува на совесно однесување, а доколку се забележи дека граѓани фрлаат кабаст и друг вид отпад на локации што не се наменети за тоа, ќе се применуваат најстроги казни. Со несовесното третирање на животната средина се создаваат лоши слики за општината и се нарушува квалитетот на животот на аеродромци, се наведува во соопштението од Општина Аеродром.

Денеска и утре садовите за собирање кабаст отпад се поставени на големиот паркинг кај пензионерскиот дом „Аеродром“ и на ул „Коста Новаковиќ“ број 42, кај контејнерите.

Остани поврзан