МИА Општински пул
- МИА Општински пул
6 август 2024
Неготино - Со тешки повреди се здобило едно лице, откако возило удрило во паркиран автомобил во Неготино, информираат денеска од Секторот за внатрешни работи - Велес.
-Вчера во 15.30 часот во Полициската станица - Неготино, пријавено било дека на улицата „Маршал Тито“, патничко возило „фолксваген голф“ со неготински регистарски ознаки, управувано од С.П.(49) од Неготино, удрило во паркирано патничко возило „фолксваген поло“ со велешки регистарски ознаки, сопственост на Љ.Т.(55) од Неготино, појаснија од СВР - Велес.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот С.П., а неговите сопатници А.П.(43) од Охрид и З.А.(48) од Неготино се здобиле со телесни повреди, констатирани во неготинската болница.
Увид на местото на несреќата извршила увидна екипа од Полициската станица - Неготино.
Скопје - Општина Кисела Вода денеска информира дека од новата учебна година ќе ги субвенционира месечните сметки за дневниот оброк во продолжен престој во општинските основни училишта, а средства се обезбедени и за целодневниот престој на деца од семејства во социјален ризик во јавните детски градинки во оваа локална самоуправа.
Појаснуваат дека се работи за деца од еднородителски семејства и самохрани родители, деца сместени во згрижувачко семејство, деца под старателство, деца без родители и родителска грижа, деца од семејства корисници на гарантирана минимална помош, деца од семејства со ниски приходи, материјално-необезбедени семејства, семејства чии вкупни месечни приходи не го надминуваат износот на минималната плата по вработен...
Според градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, овие мерки се во насока на заложбите за создавање еднакви можности за сите деца.
- И оваа година обезбедивме субвенционирање на месечните сметки за дневниот оброк во продолжениот престој во општинските основни училишта, како и средства за субвенции за целодневниот престој на децата од семејства во социјален ризик во јавните детски градинки. Оваа мерка е посветена на децата од еднородителски семејства, самохрани родители, деца сместени во згрижувачки семејства и деца под старателство, како и за сите други социјално ранливи категории. Нашата цел е да креираме образовни установи каде што децата ќе се надградуваат и натпреваруваат во знаење, без да се грижат за меѓусебните финансиски разлики, изјавил градоначалникот Ѓорѓиевски.
Тој потсетува дека покрај субвенционирањето на оброците и престојот во градинките, обезбедуваат бесплатни ранчиња за сите првачиња и бесплатни униформи за сите ученици во општинските основни училишта.
Сите критериуми и потребната документација за остварување на овие права ќе бидат достапни на веб-страницата на Општина Кисела Вода во наредниот период, кога ќе биде објавен и јавниот повик за аплицирање.
Дебар – На граничниот премин „Ќафасан“ на македонско – албанската граница, кај Струга, од 30 јули до 4 август регистрирани се над 70 илјади патници, што е за 20 отсто повеќе споредено со истиот период минатата година.
- Поради летната туристичка сезона и пристигнувањето на иселениците во родните места, во двете земји, нивниот број е во постојан раст. Според информациите од надлежните на преминот се работи со полн капацитет и често со забрзана постапка за да не се создаваат редици и чекање, пренесоа албанските медиуми.
Додаваат дека зголемен проток се бележи во утринските и попладневните часови на денот.
Најголема фреквенција е забележана во неделата, на трети август кога границата ја минале 13.828 патници од нив за влез на албанска територија 8.217 додека на излез 5.611 патници.
Дебар - Со доделувањето на пехарите на најдобрите, синоќа заврши традиционалниот турнир во мал фудбал „Дебар 2024“, што е една од повеќе спортски и културни настани во рамки на манифестацијата „Дебарско културно лето“.
Во изминатите денови силите ги одмерија осум екипи а најдобра беше екипата „Делиши компани“, второто место и припадна на екипата на „Ресторан Дрилон“, додека третото на „Сем Терм“.
За најдобар фудбалер беше прогласен Фатјон Леши, најдобар голман Фатих Ќоку, додека за најферпеј Дегрим Каја.
Пехарите и медалите им ги врачи градоначалникот Хекуран Дука, кој не го криеше задоволството од фактот што турнирот минал во спортски дух.
- Задоволство ми е да оценам дека овој спортски настан заврши успешно во импозантна и радосна атмосфера каде беше прикажана спортската култура на натпреварувачките екипи, како и на публиката која ги следеше и ги поддржуваше нивните тимови. Се беше во ред, се фер-плеј, радост, дружба и младешко уживање. Им честитам на победниците за освоените места но и на сите за учеството, секако и на публиката што во голем број беше секоја вечер да ги следи натпреварите, рече Дука.
Турнирот се одржа под покровителство на општина Дебар, а градоначалникот најави дека и понатаму ќе бидат поддржувани вакви и слични настани.
Охрид – Дваесет и шестиот ден од програмата на годинешното „Охридско лето“ е резервиран за промоцијата на книгите „Радио“ и „Неправилен ритам“ на нашиот автор и новинар „Љупчо Јолевски
Љупчо Јолевски професионалната новинарска кариера ја започнал во почетокот на 1980-те во весникот на младите на Македонија – „Млад борец“. Безмалку едновремено со почетокот од Интердисциплинарните студии по новинарство на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.
Една деценија подоцна, во 1990-те се префрла во Втората програма на Македонското радио, каде бил новинар и водител на неколку контактни и музички емисии, за од 1995 година покрај редовните програмски обврски, цели четири години да биде уредник – координатор на култната Стотројка (Музичкото радио – Канал 103), која во тој период за своите програмски дострели ја добива и Годишната награда на МРТВ.
Истото ова признание што го доделуваше МРТВ Љупчо Јолевски, како новинар и уредник, ќе го добие во 1998 година.
Во таа декада и половина, тој со своите текстови бил присутен во ревијата Екран, магазините „Рок“, „Време забаве“, „Македонско време“, „Град“…
Јолевски има објавено две книги „Радио“ и „Неправилен ритам – Приказни од современата македонска музичка сцена“ и за својата долгогодишна работа во новинарството минатата година ја доби наградата „13 ноември“ што ја доделува Град Скопје.
Промоцијата ќе се одржи во ПРедворјето на „Света Софија“ од 21 часот.
Скопје - Авионска и терестрична дезинсекција против ларви од комарци ќе се реализира утре на скопската територија, соопштија од Град Скопје на нивната веб-страница.
Како што се појаснува, авионската дезинсекција ќе се реализира во раните утрински часови, а терестричната во текот на денот.
- Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, ќе се прска првиот нареден ден, кога ќе бидат поволни временските услови, во истиот термин, се додава во соопштението.
Се советува пчеларите навреме да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Скопје - Корисниците на дел од улиците „29 Ноември“, „Радњанска“ и „Дане Крапчев“ во општина Центар денеска од 8 часот ќе немаат вода.
Како што соопшти ЈП Водовод и канализација-Скопје, прекинот на водоснабдувањето е поради водоводен приклучок од ф 100мм на ул. „Дебарца“ бр. 64 и ќе трае до завршување на интервенцијата.
Кавадарци - Јавна расправа за животна средина во врска со Г-1 зона ќе се одржи денеска во Кавадарци. На веб страницата на кавадаречката локална самоуправа е објавено известување до заинтересираната јавност од Министерството за животна средина и просторно планирање.
- Инвеститорот ДССУООТУ "ЕКОВАТИВ ОИЛ" ДООЕЛ од Скопје ја достави Студијата за оцена на влијание врз животната средина за проект Еколошки рециклажен центар за собирање и третман на отпадни гуми во општина Кавадарци, се вели во известувањето.
Јавната расправа по Студијата за оцена на влијание врз животната средина, ќе се одржи во просториите на општина Кавадарци со почеток во 12 часот.