МИА Радио Флеш
- МИА Радио Флеш
13 септември 2024
Скопје - Претседателката на Северна Македонија Гордана Сиљановска Давкова денеска ќе биде во посета на Софија, каде ќе присуствува на операта „Набуко“ од Џуепе Верди, во изведба на Националната опера и балет. Во рамки на посетата, Сиљановска Давкова во Софија ќе оствари средба и со претседателот на Бугарија, Румен Радев.
Во македонската делегација ќе биде министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Во пресрет на посетата, премиерот Христијан Мицкоски вчера во одговор на новинарско прашање што очекува од истата, повтори дека државава сака да гради добрососедски односи и дека тука нема никаква дилема.
Скопје - Бугарија отсекогаш била отворена за дијалог со Република Северна Македонија и очекувам овој дијалог да придонесе кон нашето културно зближување, но и да ја поттикне економската соработка. Очекуваме Северна Македонија да ги исполни сите свои обврски и кон нас и кон Европската Унија, изјави денеска претседателот на Бугарија Румен Радев пред средбата со претседателката на Северна Македонија Гордана Сиљановска Давкова, која е во посета на Бугарија.
Според Радев, Владата на Северна Македонија сè уште не ја напуштила изборната реторика.
-Владата на Република Северна Македонија сè уште не ја напуштила изборната реторика. Потребно е да се вратиме во реалноста, Нашите односи ќе зависат од склучените договори, изјави Радев.
Скопје - За денеска во 10 часот е закажана седницата на собраниската Комисија за финансирање и буџет на која треба да се разгледа Предлог-законот за заем од половина милијарда евра од унгарската Влада, кој се носи по скратена постапка.
Седницата ја закажа претседателот на Собранието Африм Гаши откако беше објавено дека претседателката на Комисијата Сања Лукаревска нема да закаже седница бидејќи законот се носи по скратена постапка. Со денешната седница треба да претседава пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојановски.
Скопје - Пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со парламентите на земјите од Латинска Америка и Карибите денеска ќе има средба со нерезидентната амбасадорка на Република Куба во државава, со седиште во Софија, Мариета Гарсија Хордан.
Скопје - Со средба со министерката за европски прашања Маида Горчевиќ, денеска министерот за европски прашања на Северна Македонија, Орхан Муртезани ја започнал работната посета на Црна Гора. На средбата, соопштија од Министерството за европски прашања, биле разменети мислења за следните чекори во напредокот на процесот на пристапување кон Европската Унија и зајакнувањето на регионалната соработка во Западен Балкан.
Министрите Муртезани и Горчевиќ разговарале за ангажманот на Европската Унија со Западен Балкан, кој добива нова динамика со новата Европска комисија.
Скопје - Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска преку пост на својот фејсбук профил им се заблагодарува на сите што учествуваа во вчерашната акција во Струмица и во други градови во земјава за откривање сторени кривични дела од областа на финансискиот криминал, односно „даночно затајување“, „даночна измама“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“ на група субјекти и додава дека со акцијата покажале дека сплотениот тим е посилен од сѐ.
Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија, Тимчо Муцунски, вчера остварил средба со група нерезидентни амбасадори, акредитирани за нашата земја, со седиште во Софија. На состанокот, како што соопшти Министерството, присуствувале амбасадорите на Мароко, Египет, Кувајт, Монголија, Грузија, Молдавија, Индија, Куба и Пакистан.
На средбата, министерот Муцунски ја истакнал важноста од продлабочување на билатералните врски со овие земји, а била разгледана и можноста од нивно резидентно дипломатско присуство, што би овозможило подиректна и поефикасна комуникација.
Скопје - Министерството за дигитална трансформација е фокусирано на институционална изградба на системот за сајбер безбедност, бидејќи како држава веќе подолго време бевме мета на сајбер напади коишто граѓаните делумно ги почувствуваа, вели министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
-За жал, како држава веќе подолго време бевме мета на сајбер напади коишто граѓаните делумно ги почувствуваа. Тоа се заканите за бомби кои доаѓаа на хибриден начин кон основните и средните училишта, па потоа и во трговските центри, а сличен вид на напади се случуваа и во државни институции. Затоа, како Влада, со формирањето на Министерство за дигитална трансформација многу сериозно и посветено се фокусиравме на институционална изградба на структури коишто ќе превенираат, кои ќе информираат за потенцијални сајбер-закани, а потоа и во случај на сајбер-напад ќе можат и да реагираат, истакна Андоновски на интервјуто за „Гласот на Америка на македонски".
Скопје - Министерството за образование и наука информира дека на владиниот ЕНЕР систем и на веб страната на МОН објавени се пет предлог закони од областа на образованието и јавноста може да учествува во креирањето на најквалитетните решенија со кои ќе се унапредат образовните услуги и ќе се обезбедат повеќе права и можности за чинителите на воспитно – образовниот процес.
Скопје - Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска ќе престојува во посета на Гостивар.
Во рамки на посетата, министерот Дурмиши ќе се сретне со градоначалникот Валбон Лимани, а ќе има и состанок со претставници од регионалните стопански комори и здруженија на занаетчии на кој ќе ги презентира мерките за поддршка што ги дава Министертството за економија и труд.
Скопје - Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска престојува во посета на Република Бугарија, како дел од делегацијата предводена од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски.
Во рамките на посетата, како што соопшти Министерството за култура, министерот Љутков претпладне ќе оствари прва билатерална средба со министерот за култура на Бугарија Најден Тодоров, со кого ќе разговара за досегашната соработка и за можностите за унапредување на културните врски меѓу двете држави.
Скопје - Питомци од Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ со симптоми на мачнина и повраќање побарале лекарска помош на Инфективната клиника во Скопје.
Директорот на Клиниката за инфективни болести Фадил Цана во изјава за МИА вели дека 10 лица побарале лекарска помош и сите имале лесни симптоми, освен едно лице кое е задржано на лекување, но е во добра здравствена состојба. Останатите по укажаната медицинска помош се вратени во Академијата.
Информацијата ја потврдија и од Министерството за одбрана од каде соопштија дека вчера во раните утрински часови 20 питомци и двајца офицери на Центарот за обука на питомци се пожалиле на мачнина проследена со повраќање.
Скопје - Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски од денеска ќе престојува во работна посета на Прага.
Генералот Лафчиски во текот на утрешниот ден, за првпат од назначувањето на новата должност, ќе учествува на конференција на Воениот комитет на НАТО, во формат на началници на Генералштабови, каде е предвидено негово обраќање на дел од сесиите.
Скопје - Општина Аеродром денеска упати реакција на одлуката да се укине единствената линија со број „33“ што го поврзува Долно Лисиче со останатиот дел од Аеродром и бараат веднаш да се изнајде решение и да се пушти автобус на оваа и онака ретка линија.
- Остро реагираме на одлуката да се укине единствената линија со број „33“ што го поврзува Долно Лисиче со останатиот дел од Аеродром, поради, како што велат од Град Скопје во демант до медиумите, техничка неисправност на автобусот. Оттаму тврдат дека ЈСП има средства за регистрација на возилото, но тоа е исклучено од сообраќање поради неисправност. Нас како Општина, но и граѓаните на Долно Лисиче не нè интересираат причините за прекинот на градскиот превоз до овој дел од Аеродром, и не планираме да навлегуваме во работата на Градот и на ЈСП, туку бараме веднаш да се изнајде решение и да се пушти автобус на оваа и онака ретка линија, стои во реакцијата од Општина Аеродром.
Скопје - Кренар Лога потпретседателот од фракцијата на Зијадин Села од Алијанса за Албанците вели дека „ и по притисокот на Таравари и неговиот газда, тој не го добил предметот за печатите на АА“.
-Предметот за легитимноста на Алијансата за Албанците се вратил на повторно судење во Основниот суд во Тетово. АУМ - Алијанса за услуги на Мицкоски би било во право да се нарече новиот субјект по разделбата од нашата партија. Сто дена владеење со ВМРО-ДПМНЕ се докажала квислиншката активност во секоја секунда. И во Апелациониот суд во Гостивар сменета е судијката, ама... нема врска друже, не спомнувај бидејќи во наша корист е, пишува Лога.
Скопје - Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) постапува по настан пријавен од Давателот на навигациски услуги М-НАВ за избегнат судир на два авиона над Скопје на 7. месецов.
-Давателот на навигациски услиги М-НВ уредно го пријави настанот и АЦВ ќе постапи по истиот, потврдија денеска за МИА од АЦВ.
Како што објави претходно порталот СДК.мк, повикувајќи се на сајтот за следење летови Флајтрадар24, авиони на „Туркиш ерлајнс“ и на „Санекспрес“ за малку ќе се судреле на небото над Меѓународниот аеродром во Скопје на 7 септември во 18.32 часот.
Скопје - Од фракцијата на Арбен Таравари од Алијанса за Албанците денеска информираа дека Апелациониот суд во Гостивар го вратил на повторно судење предметот за печатите на партијата.
- Апелациониот суд го враќа предметот на повторно судење по претходната одлука донесена од Основниот суд Тетово, каде што се одолговлекуваше и се менуваа неколку судии додека не се донесе скандалозната одлука под притисок на поранешниот министер за правда Кренар Лога, партиските печати да и припаднат на фракцијата што и се придружи на ДУИ. Имајќи ги предвид доказите депонирани во Апелациониот суд во Гостивар, се очекува конечната одлука да биде во наша корист и партијата заедно со печатите да остане кај нејзиниот легитимен претседател Арбен Таравари, се вели во соопштението.
Скопје - Друштвото на писатели на Македонија денеска соопшти дека во понеделник ќе бидат доделени традиционалните годишни награди на ДПМ.
- Во понеделник, во 11:00 часот, во просториите на Друштвото на писателите на Македонија ќе бидат прогласени добитниците на традиционалните годишни награди на ДПМ за 2023 година, чијшто конкурс минатата година беше одложен поради случувањата во Друштвото, односно долгата промена на раководството, се вели во најавата.
Од ДПМ претходно информираа дека за најдобро прозно дело во финалето се влезени романот „Ако се родат некакви чувства“ од Блаже Миневски (издание на „Матица“), романот „Заборав“ на Томислав Османли (издание на „ВиГ Зеница“); и збирката раскази „Вонземјанки“ од Влада Урошевиќ (издание на „Или-или“).
Скопје - Изложба на Андреј Медиќ Лазаревски, насловена „Црно под ноктите“ ќе биде отворена вечерва во кафе-книжарницата „Буква“. Изложбата се состои од колажи и мини-инсталации изработени во последната година.
Дел од колажите се инспирирани и посветени на песни од поети и поетеси од домашната и светска книжевност (Сергеј Есенин, Жак Превер, Имануел Мифсуд, Владимир Мартиновски, Ѓоко Здравески, Јулијана Величковска, Ива Петреска, Александра Спасеска, Васил Ханџиски, Милена Сиљаноска, Ангела Бошкоска, Дамјана Видическа…).
Скопје - Во Културно-информативен центар (КИЦ) во Скопје вечер ќе биде отворена изложбата на фотографии „Портрети од темната комора“ на фотографот и хроничар Зденко Петровски.
Скопје - Во организација на Здружението на љубители на ромска фолклорна уметност „Романо ило" - Скопје, вечерва во средното училиште „Шаип Јусуф" во Шуто Оризари ќе се одржи првата Меѓународна ромска поетска вечер насловена „Ромска душа“.
На поетската вечер со свои литературни творби, како што е најавено, ќе настапат поети од Северна Македонија, Србија, Косово, Хрватска, Германија, Италија, Белгија и Шведска.
Скопје - „Лице в лице“ доби награда за најдобра кампања на годинешните награди што ги доделува Меѓународната мрежа за уличен печат кои се доделуваа завчеравечер во Ливерпул. Категоријата за Најдобра кампања е за уличните весници и списанија кои покренале свесност за проблемите со кои се соочуваат нивните продавачи или кои застапувале за промена со која ќе се подобри работата на нивните продавачи. Дел од натпреварот беа над 90 списанија од 35 земји од целиот свет.
Белград - Новиот шеф на канцеларијата на ЕУ во Косово, Аиво Орав, вчера на северот на Косово имаше повеќе средби со претставници на политичките партии и граѓанското општество од српската заедница.
„Посветен сум на блиска соработка со моите колеги со цел да се осигурам дека обврските на Косово кон сите заедници се целосно исполнети“, порача амбасадорот на ЕУ на платформата Х.
Орав во седиштето на Српската листа се сретна со лидерите на оваа партија, а во седиштето на Канцеларијата на ЕУ во Северна Митровица се сретна со претставници на невладините организации од српската заедница, пишува КоССев.
Приштина – Косовската полиција соопшти дека во рациите што вчера беа извршени во два објекта на српски паралелни структури во Лепосавиќ, во северно Косово, во банка и во филијала на Министерството за финансии на Србија, се запленети околу шест милиони српски динари и десетици илјади долари и евра, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во 24-часовниот извештај на полицијата се вели дека во случајот, кој е опишан како „перење пари и злоупотреба на економски овластувања“, се запленети и повеќе печати и документи, кои според полицијата, го докажуваат незаконското работење на тие институции.
Брисел - Романија најави дека заедно со Бугарија и Грција ќе побараат од Советот на ЕУ исплата на компензација поради „многу повисоките цени“ на електричната енергијата во регионот на Југоисточна Европа во споредба со оние во земјите од Западна Европа.
Според романскиот министер за енергетика Себастијан Бурдуја, цените на струјата во регионот веќе неколку месеци се значително повисоки отколку во Западна Европа, што се должи на неколку фактори, меѓу кои и сушната година, намаленото производство на електрична енергија од хидроцентралите и проблемите со интерконекцијата.
Берлин - Мнозинството Германци поддржуваат воведување построги правила на границите на земјата, јави ДПА, повикувајќи се на социолошко истражување на институтот „ЈуГов“.
Седумдесет и еден процент од испитаниците се за директно одбивање на границата за влез во земјава на странци на кои им е потребна виза кои не поднеле барање за азил, како и на лица со забрана за влез во државата.
Москва - Претседателот на руската Дума, Долниот дом на парламентот, Вјечеслав Володин, го обвини НАТО дека е страна во воениот конфликт во Украина, сугерирајќи дека пактот е веќе силно вклучен во донесувањето на воените одлуки.
Володин, како близок соработник на претседателот Владимир Путин, коментарот го даде само еден ден откако Путин предупреди дека Западот директно ќе се бори против Русија доколку и дозволи на Украина да ја нападне руската територија со западни проектили со долг дострел, потег што, според него, ќе го промени природата на конфликтот.
Москва - Русија им ја укина акредитацијата на шестмина британски дипломати, обвинувајќи ги за шпионажа.
Како што соопшти Службата за државна безбедност (ФСБ), акредитацијата на дипломатите била одземена бидејќи нивните активности ја загрозувале безбедноста на Русија.
„Врз основа на документите доставени од руската ФСБ, како одговор на бројните непријателски потези на Лондон, Министерството за надворешни работи на Русија ја укина акредитацијата на шестмина вработени во политичкиот оддел на британската амбасада во Москва, чии постапки открија знаци на разузнавање и субверзивна работа“, се вели во соопштението.
ФСБ не ги откри имињата на британските дипломати.
Москва - Руското Министерство за внатрешни работи распиша потерници за апсење на шестмина новинари поради илегално преминување на руската граница за да известуваат од регионот Курск, откако украинските сили упаднаа таму.
Руската безбедносна служба ФСБ минатиот месец соопшти дека отворила кривична постапка против неколку новинари, вклучително и британски дописник на американската Си-Ен-Ен, известувач на германскиот Дојче веле, известувач на италијанскиот јавен радиодифузен сервис РАИ и тројца Украинци кои работат за телевизискиот канал 1+1.
Вашингтон – Русија го започна конфликтот во Украина и може веднаш да го заврши, изјави британскиот премиер Кир Стармер откако рускиот претседател Владимир Путин синоќа изјави дека Москва ќе го смета истрелувањето западни ракети кон Русија за сериозна ескалација на војната, пренесува Би-Би-Си. .
Стармер денеска е во Вашингтон на разговори со американскиот претседател Џо Бајден, додека сојузниците на Киев разговараат да и дадат дозвола на Украина да истрела западни ракети со долг дострел врз цели во Русија.
Путин за руската државна телевизија изјави дека тоа „нема да значи ништо повеќе од директно учество на НАТО, САД и европските земји во војната во Украина“.
Пекинг - За да ја принуди Русија да преговара според моделот на Киев, НАТО планира да испрати војници во Украина, изјави денеска заменик-министерот за одбрана на Руската Федерација, Александар Фомин.
Зборувајќи на тридневниот безбедносен форум „Ксианшан“ што се одржува во Пекинг, Фомин рече дека на Киев му се обезбедува сеопфатна воена помош и поддршка за напади на руска територија, со цел да се обезбедат услови за насилно принудување на Москва да преговара според украинските формули.
Вашингтон - САД нема да дозволат Украина да користи балистички ракети со долг дострел АТАКМС (ATACMS), кои Украина ги користи во пограничните области со Русија, со цел да се спречи натамошна ескалација на конфликтот, објави „Тајмс“.
Според „Тајмс“, САД може да и дозволат на Украина да ги користи британските и француските ракети со долг дострел за да гаѓаат цели во Русија, а Лондон и Париз на тоа веќе се согласија.
Одлуката, додава магазинот, конкретно се однесува на францускиот еквивалент на АТАКМС, ракетите „Скалп“, како и на ракетите „Сторм Шадоу“, од британско-француско производство.
Вашингтон - Потпретседателката на САД и демократски кандидат за претстојните претседателски избори, Камала Харис, има мнозинска предност од 47 спрема 42 отсто пред поранешниот претседател на САД и републикански кандидат Доналд Трамп, покажуваат резултатите од анкетата спроведена од Ројтерс и Ипсос.
Дводневната анкета покажа дека Харис има пет проценти предност меѓу регистрираните гласачи, малку над предноста од четири поени што ја имаше пред Трамп во анкетата на Ројтерс/Ипсос од 21 до 28 август.
Вашингтон – Претседателската кандидатка на Демократската партија и актуелна американска потпретседателка, Камала Харис, на партиски митинг во Северна Каролина, една од американските држави клучна за исходот од ноемвриските избори, синоќа изјави дека верува дека на гласачите им должи уште една дебата.
Неколку анкети на јавното мислење покажаа дека Харис со својот настап го победи републиканскиот противкандидат Доналд Трамп во првата претседателска дебата, пренесува „Гласот на Америка“.
Трамп преку својата социјална мрежа „Трут“ претходно најави дека нема да учествува на уште една претседателска дебата.
Кабул - Вооружени напаѓачи убиле 14 лица и раниле четворица во централната авганистанска провинција Дајкунди, претежно населена со Хазари, објавија локалните медиуми.
Жртвите на нападот се жители на провинцијата Дајкунди, кои сакале да ги пречекаат аџиите.
Портпаролот на Министерството за внатрешни работи, муфтијата Абдул Матин Кани, синоќа го потврди инцидентот, но не даде повеќе детали.
Лос Анџелес - Механичарите вработени во компанијата „Боинг“ најавија дека ќе штрајкуваат бидејќи го отфрлиле договорот со кој во следните четири години ќе им се зголемат платите за 25 отсто.
Меѓународната асоцијација на механичари и работници во воздухопловството соопшти дека 94,6 отсто од работниците гласале за отфрлање на договорот, а 96 отсто гласале за штрајк. За организирање на штрајкот им беа потребни две третини гласови од вкупно 33.000 работници во компанијата.
Берлин - Шпанскиот тенисер Рафаел Надал се повлече од „Лејвер купот“ иако пред три недели најави дека ќе игра на егзибицискиот турнир што следната недела ќе се игра во Берлин.
Како причина за ваквата одлука искусниот тенисер ги наведе неговата здравствена состојба и желбата на теренот да има некој кој може повеќе од него да придонесе за победата на европската селекција, а организаторите одлучија тоа да биде Григор Димитров.
Барселона - Младата ѕвезда на Барселона, Ламин Јамал нема намера да го напушти „Камп Ноу“. 17-годишниот напаѓач, кој е проценет на 120 милиони евра, не е заинтересиран за евентуален трансфер во друг клуб.
-Не сакам да платат 120 милиони за мене, бидејќи тоа би значело заминување од Барса. Се надевам дека ова никогаш нема да се случи. Сонувам да станам легенда на Барселона, изјави Јамал во програмата „Ел Хормигуеро“.
Мадрид - Реал Мадрид објавил пониска официјална цена за трансферот на играчот од средниот ред Џуд Белингам од Борусија Дортмунд, пренесе „Билд“.
Според изворот, зделката за 21-годишниот Англичанец ги чинела Шпанците 133,9 милиони евра, додека Реал пријавил сума од 103 милиони евра.
Манчестер - Играчот од средниот ред на Манчестер Сити, Родри одговори на прашање за неговата номинација за освојување на „Златната топка“.
Шпанскиот фудбалер за „ЕСПН“ порача дека би било остварување на сонот да ја освои најпрестижната индивидуална награда во фудбалот.
- Тоа би било извор на гордост. На улица ми велат: „Ќе ја освоиш „Златната топка“, ја заслужуваш“. За мене тоа значи дека веќе сум победник, рече Родри.