• недела, 21 декември 2025
МИА Радио флеш

 4 октомври 2023

 

- Предлог-законот за помилување е доставен во владина процедура, соопшти денеска Министерството за правда. Меѓу клучните новини содржани во овој Предлог-закон, како што информира Министерството за правда е прашањето за правото на претседателот да помилува лица од казна и од кривично гонење. Ова, како што се наведува, беше едно од најекспонираните прашања за што работната група застана зад решението согласно кое претседателот може да даде помилување само за казна, а не и за кривично гонење на поименично определени лица.

- Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, која е претседател на Анкетната комисија за случајот во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, во изјава за медиумите најави дека првата седница на комисијата ќе биде закажана за утре. Таа порача дека како претседател на Анкетната комисија ќе ги заложи сите свои знаења, умеење, труд и со сите останати колеги од комисијата како и новинарите, за да се извади вистината на виделина. - Во текот на вчерашниот ден беше изгласана одлука за избор на членови и заменици членови на комисијата, а денеска предмалку, официјално од страна на Генералниот секретар се назначени и собраниските соработници и службеници кои ќе бидат дел од оваа Анкетна комисија, со што целосно се исполнија условите за почеток со работа на оваа Анкетна комисија, изјави Мизрахи.

- Северна Македонија и Грузија имаат многу заеднички работи, делат слични приориритети и погледи. Вие веќе сте членка на НАТО и земја кандидат за членство во ЕУ. Грузија очекува многу скоро да добие кандидатски статус за членство во Унијата и вашето искуство на приближување кон европските институции за нас е многу важно, вели новоименуваниот амбасадор на Грузија за Република Северна Македонија, Отар Бердзенишвили.   Амбасадорот Бердзенишвили деновиве ги предаде акредитивните писма на претседателот на државата Стево Пендаровски со што и официјално ја почна неговата дипломатска мисија, а посетата на Скопје беше можност за средби со официјални лица на кои, како што вели, биле разменети мислења за вредностите што ги споделуваат, билатералните односи, за нивните стратешки аспирациите за членство во ЕУ и НАТО.   Осврнувајќи се на политичките ралации во изминатите три години, тој ја издвои посетата на грузиската претседателка пред 3-4 години прва на висок државен претставник на Грузија на земјава, по што следеше и визната либерализација меѓу двете земји. На средба со новинари, тој се осврна и на можностите за размена на искуствата меѓу двете земји во делот на реформите на патот кон ЕУ. 

- На првата нова пленарна седница ќе биде ставена на дневен ред интерпелацијата за јавниот обвинител Љубомир Јовески поднесена од пратениците на Беса, Демократско движење и Алтернатива. Од Кабинетот на претседателот на Собранието Талат Џафери информираат дека одговорот на Јовески пристигнал до законодавниот дом во рокот даден во Деловникот односно вчера попладне по пошта, така што тој денеска се дистрибуира до пратениците, а интерпелацијата ќе се најде на дневен ред на првата наредна нова седница. - Одговорот од страна на јавниот обвинител е доставен на време. И во моментот службата работи на тоа, и за кратко време ќе го добијат сите пратеници. Според наведените членови од Деловникот, интерпелацијата ќе биде на првата наредна ова седница. Претседателот на Собранието ги почитива сите рокови и постапува по Деловникот, информираат од Кабинетот на претседателот на Собранието. Јавниот обвинител, како што наведуваат, ја примил интерпелацијата на 18 септември Треба да се достави одговор во рок од 15 дена од денот на приемот, односно до 2 октомври.

- Пратеничката на Алтернатива, Сафије Садику Шаини во името на албанските опозициски партии на денешната прес-конференција информира дека тие на 14 септември 2023 година поднеле интерпелација за работата на државниот јавен обвинител Љубомир Јовески за, како што рече, негвата улога во поинакво насочување на судскиот процес што се водел во врска со пожарот на модуларната болница во Тетово каде загинаа 14 лица. Таа упати прашање до претседателот на Собранието, Талат Џафери зошто не ја ставил на пленарна седница неговата интерпелација иако, како што рече, помина предвидениоот законски рок за закажување на седница од 15 дена од поднесувањето.

- Штрајкот во обвинителствата ќе продолжи понатаму, соопшти денеска претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) Трпе Деаноски, на прес-конференција пред Основното јавно обвинителство. Тој ја поздрави вчерашната одлука од седницата на Влада, каде се формираше работна група за преговори составена од министрите за финансии, за информатичко општество и  администрација, и за правда, вицепремиерот за економски прашања и претставници на Синдикатот на УПОЗ, како репрезентативен синдикат, на која што ќе се решава за барањата за покачување на платата за 78 отсто и враќање на додатоците на плата. Се очекува оваа работна група да почне со работа во рок од седум дена, како што е наведено во информацијата на Влада.

- Ги повикувам лидерите на сите партии да ја направат вистинската работа за земјава и за овие деца, изјави денеска американската амбасадорка Анџела Агелер, одговарајќи на новинарско прашање во врска со процесот на уставните измени, кои се предуслов за продолжување на преговорите со ЕУ и ставот на опозицијата дека не прифаќа измени на Уставот под бугарски диктат. -Тука денеска гледајќи ги овие деца уште поцврсто сум убедена дека е многу важно за оваа земја да биде во Европската Унија. Вие веќе сте дел од Европа и тоа треба да се формализира, придвижувајќи ја земјава кон ЕУ и почнувајќи ги тие дискусии, рече Агелер денеска за време на посетата на селото Радово по повод пуштање во употреба на предучилишен едукативен центар во Босилево, преку програма на УСАИД. Таа истакна дека придвижувањето на земјата кон ЕУ е во интерес на сите, а особено на најмладите, кои ќе бидат мотивирани да останат во државата и во неа да бараат можности.

- Основното јавно обвинителство Скопје до надлежниот суд поднесе Предлог за издавање казнен налог против едно физичко и едно правно лице, кои се обвинети за три кривични дела „злоупотреба на лични податоци“. -Обвинетиот 34-годишник, како одговорно лице во правното лице, во периодот од ноември 2022 до април 2023 година, спротивно на условите утврдени во член 10 и член 96 од Законот за заштита на лични податоци, без согласност на тројца оштетени лекари, ги користел нивните лични податоци – слика, име и презиме за он-лајн продажба на два производа, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство. Од Обвинителството посочуваат дека личните податоци на секој од оштетените лекари биле злоупотребени како тие со својот професионален авторитет да ги рекламираат и препорачуваат чаевите Паразол (Parazol) и Хипертеа (Hypertea), кои на територијата на државава ги увезувало и дистрибуирало обвинетото правно лице.

- Во рамки на советувалиштето на Сојуз - Национален совет за родова рамноправност, покрај бесплатната поддршка која се нуди за жени - жртви на семејно насилство (во форма бесплатна СОС линија, 141-700, достапна 24 часа), како и бесплатно советување со психолог, социјален работник и правен советник со физичко присуство во нашите простории, воведена е нова услуга - бесплатно онлајн советување преку видео или аудио повик. Како што наведуваат од тимот на НСРР, терминот од 45 минути се закажува преку меил адресата sovetuvaliste@nsrr.org.mk., а целта на сето ова е, проширување на достапноста до сите оние жени  кои имаат потреба од психо-социјална или правна поддршка, а не се во можност физички да го посетат советувалиштето.

- Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, се обрати на втората јавна расправа за нацрт Стратегијата за транспарентност 2023-2026, што денеска се одржува во Велес, организирана од Кабинетот за политики за добро владеење, во соработка со Фондацијата Метаморфозис. - Ако корупцијата е болест, транспарентноста е централен дел во нејзиното лекување“. Со овој цитат на поранешниот генерален секретар на Обединетите нации Кофи Анан, вицепремиерката Грковска ја илустрираше огромната важноста на транспарентноста, како принцип на доброто владеење, во справувањето со разорните коруптивни појави во општеството, стои во соопштението од владината прес-служба.

- Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и претставници од Министерството денеска се сретнаа со тим експерти на Меѓународната организација на трудот (МОТ) и експерт за слобода на здружување кои се во неколку дневна посета на земјава со цел реализација на Мисија за директен контакт помеѓу Комитетот за примена на стандардите на МОТ и претставници од МТСП.  Како што информираат од МТСП, во рамки на мисијата, тимот од Меѓународната организација на трудот и експерт за слобода на здружување во текот на неколкудневната посета, ќе остварат серија на состаноци покрај со Министерството за труд и социјална политика и други институции и организации кои се вклучени во областа на трудот. Целта на состаноците е согледување на примената на Конвенцијата за правото на организирање и колективно договарање, 1949 г. (бр. 98) од страна на Република Северна Македонија во закон и пракса, идентификување на предизвиците и поддршка во примената на препораките на Комитетот за примена на стандардите.

– Поголема транспарентност во работата на Судскиот совет, јасни и прецизни законски одредби со кои ќе се регулира постапката за разрешување на претседател на Судскиот совет, законски одредби за одговорност на членовите на Судскиот совет што ги избира Собранието и нивна можност за разрешување од органот кој ги избрал, Транспарентност на правосудството што ќе подразбира да може да биде извршена граѓанската контрола, се само дел од препораките и заклучоците на дебатата „Изборот и напредувањето во правосудните институции – Преку поголема транспарентност и квалитет, до зголемување на довербата на граѓаните во правосудството“. Дебатата се одржа во рамки на 12 сесија на Работната група 3, Правосудство и основни права на Националната конвенција на ЕУ во РСМ, во организација на Европското движење. Заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска Мадиќ на сесијата истакна дека транспарентноста е основната карактеристика на модерните демократии и оти особено е важна во правосудните институции, бидејќи промовира ефикасност, одговорност, поголема правна заштита и активна борба против корупцијата.  

– Транзицијата која се случува во светот на енергетиката на глобално, европско и на македонско ниво, како и начинот како да се спроведе праведна, еднаква и фер енергетска транзиција за сите инволвирани, се клучните цели на  Форумот за праведна транзиција на Енергетската заедница што денеска се одржува во Скопје под мотото „Патот кон одржлива и праведна енергетска транзиција“. -Северна Македонија е во процес на трансформирање на нејзиниот енергетски сектор во многу аспекти како што е инсталирањето на фотоволтаични централи и ветерни електрани. Тоа е само почеток на трансформацијата со која дефинитивно ќе се промени енергетскиот микс на земјата. Форумот за праведна транзиција е токму местото на кое ќе дискутираме како сите влијанија на трансформацијата можат да се дизајнираат на прифатлив начин за популацијата на земјата да се чувствува како победник заедно со целата земја, изјави за МИА заменик директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница Дирк Бушле пред почетокот на Форумот.

- Директорот на ЈП за железничка инфраструктура-Железници на РСМ, Зоран Трифуновски  и амбасадорот на  Бугарија во државава Ангел Ангелов одржале средба на која дискутирале за спроведувањето на активностите за изградба на железничкиот Коридор 8. - На средбата беше дискутирано за железничкиот Коридор 8, односно за неговата имплементација во наредниот период. На состанокот се потврди заедничката волја и подготвеноста на сите засегнати страни за изградба и развој на источниот крак од железничкиот Коридор 8, соопшти по средбата ЈП за железничка инфраструктура -Железници на РСМ.

- Во владина постапка се законот за вработени во јавниот сектор и законот за административни службеници кои ќе се носат по скратена постапка и со европско знаменце, а треба да придонесат кон целиот екосистем во јавната администрација во државава, информираше денеска министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу.   Законите се очекува да бидат изгласани на седница на Владата наредниот вторник, по што на прес-конференција ќе бидат презентирани сите детали поврзани со новините во овие закони.   Кај Законот за вработени во јавниот сектор, Алиу нагласи дека има значителни промени и подобрувања во споредба со стариот закон за вработени во јавниот сектор. Меѓу нив позначајни се воведување стриктна процедура при вработувањата да биде избран најдобриот, односно првиот на листата на пријавени кандидати за вработување во јавниот сектор. Али потсетува дека тоа не беше случај со стариот закон каде што имаше можности и вториот, третиот од листа да биде вработен на таа работна позиција.

- Припадниците на Единицата за брзо распоредување при Бирото за јавна безбедност на МВР во изминатиот период во неколку наврати учествуваа во обука од областа на летна алпинистика и јазење, реализирана од страна на припадници на Баталјонот за специјални сили „Волци” при Армијата на Република Северна Македонија.Како резултат на спроведената обука, информираа денеска од МВР, во периодот од 26.09.2023 до 03.10.2023 година била извршена подготовка за завршна вежба со сценарио „Спасување на повредени лица од тешко прооден карпест предел”.- Вежбата беше реализирана на полигонот за летна алпинистика и јазење во Демир Капија, на која покрај припадниците на ЕБР и БСС „Волци“, како учесници, присуствуваа и раководните старешини од единицата во состав на БЈБ-МВР и баталјонот при АРСМ. Успешно реализираната вежба и драгоценото заедничко искуство покажа дека соработката на единиците во извршување на ваков вид на обуки и заеднички вежби е на многу високо ниво, што се очекува да се демонстрира и во реални услови при извршување на заедничките задачи, стои во соопштението од МВР.

- Повеќе од 550 учесници од девет земји утре ќе бидат дел од 11. издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ во Скопје. Фестивалот ќе се одржи во Младинскиот културен центар (МКЦ), Кинотеката и кино „Милениум“ до 10 октомври, каде џифонците ќе гледаат филмови, ќе дискутираат и ќе учествуваат на креативни работилници. Фестивалот утре вечер ќе се отвори со прикажување на филмот „Вратената“ во режија на Џузепе Бонито, снимен според истоимениот роман на Донатела ди Пјерантонио, во киното „Милениум“. Како што изјави на денешната прес-конференција директорот на фестивалот, Дарко Башески, годинава освен од нашата земја, на фестивалот се очекуваат 40 учесници од Италија, Србија, Хрватска, Косово, Босна, Грција, Бугарија, Романија и Франција. -Се враќаме со полна енергија, со преполни сали бидејќи местата за учество на фестивалот се пополнети уште пред две, три недели. Првата група се пополни за првите десет дена, и очекуваме дека ќе имаме преполни сали и нормален фестивал полн со живот на задоволство на нашите најмлади, рече Башески.

- Словачка ќе воведе привремена контрола на границата со Унгарија поради зголемениот број илегални мигранти, соопшти денеска словачката Влада. Бројот на илегални мигранти, претежно од Блискиот Исток и Авганистан и кои влегуваат во Словачка од Унгарија на пат кон Германија и Западна Европа, годинава е зголемен за 11 пати. Проверките на границата со Унгарија ќе започнат утре и ќе траат 10 дена. Мерката е донесена откако соседните земји Чешка, Полска и Австрија вчера воведоа привремени контроли на границите со Словачка.

- Претседателот на Комитетот на српското собрание за Косово и Метохија, Милован Дрецун денеска оцени дека официјален Белград, по конфликтот меѓу група Срби и косовската полиција во селото Бањска, „сега единствено може да спроведе само многу брза истрага“ за она што се случи. Белград, како што изјави Дрецун за РТС, мора да ги „отфрли сите обиди на Приштина и на многумина на политичкиот Запад да ја поврзат државата Србија со оваа вооружена група, со нејзината подготовка, обука, вооружување, уфрлувањето на северот на Косово“, јави дописникот на МИА од Белград. - Затоа што ако тоа не се направи, тогаш Белград ќе биде подложен на некои мерки кои веќе се бараат од многумина на политичкиот Запад, рече Дрецун.

– Косовската министерка за правда, Албулена Хаџиу, коментирајќи го ослободувањето на Милан Радоичиќ од страна на српски суд, изјави дека ниту една постапка на Србија не ја изненадува, бидејќи, како што рече, српската држава е „рај за воените злосторници и терористите“. Хаџиу изјави дека Србија никогаш не ги предала воените злосторници и нема да ги предаде терористите, алудирајќи на Радоичиќ, кој откако вчера беше уапсен од властите во Белград, беше ослободен откако мина 24 часа во затвор.

- Поранешниот министер за надворешни работи на Косово, Енвер Хоџај, изјави дека по чинот на агресија на 24 септември, приоритет на Косово е воспоставувањето безбедност пред нормализацијата на односите со Србија и определбата за членство во НАТО пред членството во ЕУ. Хоџај, кој е актуелно потпретседател на косовското Собрание од редовите на опозициската Демократска партија на Косово (ПДК), преку статус на социјалната мрежа Фејсбук, порача дека на Косово му е потребна нова безбедносна политика, „во време кога во Србија воената опција против Косово е реална опција“.

- Украина ќе направи се за да ја добие војната против Русија, изјави денеска претседателот Володимир Зеленски, додавајќи дека неговата земја се стреми да ги помине зимските месеци без да ја изгуби иницијативата на бојното поле, пренесуваат британските меидуми. -Има замор, но ќе направиме се што е можно за да победиме против нашиот непријател, а нашата контраофанзива продолжува, иако бавно, правиме се за да го потиснеме непријателот, рече претседателот за италијанскиот „SkyTg24“. Зеленски истакна дека Украина ја чувствува поддршката на САД „во овие многу тешки времиња“ и е убеден дека така ќе биде и во иднина.

- Русија разменила мислења со САД и ЕУ за ситуацијата во регионот Нагорно-Карабах пред воената операција на Азербејџан минатиот месец, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова. Претходно беше објавено дека високи претставници на САД и ЕУ се сретнале со нивните руски колеги во Турција на итни разговори за Нагорно-Карабах, само неколку дена пред Азербејџан да ја започне својата операција во сепаратистичкиот регион. „САД и ЕУ побараа да се сретнеме“, изјави Захарова.

Остани поврзан