• понеделник, 23 декември 2024
МИА Радио флеш

11 ноември 2024 

Скопје – Фокусирани сме на вистински капитални инвестиции, а не на трансфери до јавните претпријатија кои претходната влада ги пријавуваше како капитални инвестиции поради што граѓаните не можеа тоа да го почувствуваат во својот стандард, посочи денеска премиерот Христијан Мицкоски. Следната година, како што кажа, ќе се реализираат автопати, водоводи, канализации,...

-За следната година во буџетот се предвидени околу 50,5 милијарди денари за капитални инвестиции и тука не се предвидени оние трансфери коишто шпекулативно претходната влада ги пријавуваше како капитални инвестиции. Ќе земат 200 милиони, 12, 13, 15 милијарди ќе ги префрлат на некои од јавните претпријатија за да можат да обезбедат ликвидност при тековното работење и тоа го декларираа како капитални инвестиции. Тоа се трансфери, тоа нема никаква врска со капиталните инвестиции и токму од тие причини граѓаните тоа не го чувствуваа во својот стандард. Ние имаме вистински и реални капитални инвестиции, посочи Мицкоски во одговор на новинарско прашање по денешната посета на Тутунскиот комбинат во Прилеп.

До 24 јуни, како што рече, буџетскиот дефицит и реализираните капитални инвестиции беа 3:1, 18 милијарди на шест милијарди, заклучно со октомври буџетскиот дефицит е под 24 милијарди, а капиталните инвестиции се околу 19 милијарди. 

Скопје - ​Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска оствари средба со директорот на Транспортната заедница со седиште во Белград,  Матеј Закоњшек.

Како што соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, во фокусот на разговорите беше посочена нашата посветеност на регионалната соработка во сите области од заеднички интерес, вклучително и Договорот за транспортна заедница со Западниот Балкан, кој има за цел целосно да го интегрира регионот во европската транспортна фамилија и да ја надополни политиката на проширување на заедницата. 

Скопје - Во почетокот на 2024 година, кога беа покачени цените на катастарските услуги, се зголемија и цените на услугите на приватните геодетски фирми. Ние сега ги намаливме нашите цени, на потег се геодетите - дали ќе се одважат и ќе побараат намалување и на нивните цени кон граѓаните. Но, според моите информации, за такво нешто не ни размислуваат, рече денеска директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Иван Живковски, одговорајќи на новинарски прашања по промоцијата на новиот портал „е-услуги“.

Живковски истакна дека Катастарот, сепак, не сака да се меша во политиката на Комората, туку сака единствено да обезбеди брзи, ефикасни и што поевтини услуги за сите корисници. 

-Согласно информациите со кои располагам, нема намалување на тарифиникот. Комората на геодети прво треба да предложи и ние да дадеме согласнот. Предлогот мора да да биде одобрен од нивна страна, но колку што имам информации, во моментов за такво нешто не ни размислуваат. Ние не би се мешале во таа политика, тоа е политика на Комората на геодети. Нашата визија и цел е да им пружиме на граѓаните и правните лица, на сите наши корисници, брза, ефикасна и што поевтина услуга, напомена директорот.

Скопје- Во Агенцијата за катастар на недвижности има наплив на предмети за коридорите 8 и 10, за експропријациите коишто се однесуваат на автопатите што ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“. Предметите, според директорот на Катастарот, Иван Живковски, веднаш се решаваат за да нема застој и проектите да течат согласно предвиденото од страна на државата.

- Според информациите што ги имам од директорот на Управата за имотно-правни односи, имаше измени на Законот за експропријација, за побрз проток на предметите. Ние, како Катастар и последна алка во целиот процес, сме комплетно организирани, максимално мобилизирани и подготвени, како доаѓаат предметите, веднаш ги решаваме за да нема никаков застој. Сепак, се работи за комплексни проекти, а знаете како тече процесот на експропријација. Од наша страна ќе биде се направено во најкус можен рок да се завршат сите предмети коишто доаѓаат до нас, потенцира Живковски.

Тој информира дека кога дошол на функцијата директор, во Катастарот наследил околу 5 600 заостанти предмети.

Скопје - Ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Билјана Ангеловска, денеска по повод Светскиот ден на науката за мир и развој – 10 Ноември, ги додели наградите за најдобри научници и уметник на годината во повеќе научно-истражувачки подрачја.

– Традиционално УКИМ доделува награди и признанија на своите најдобри научници. Денес ги одбележуваме исклучителните достигнувања, напредните истражувања и неуморната потрага по знаење на дел од нашите најдобри истражувачи. Наградата и плакетите кои УКИМ ги доделува за најдобар научник, се признанија резервирани за оние кои отидуваат над и подалеку во нивните придонеси за науката и за нашата универзитетска заедница, рече Ангеловска.

Штип - Познатиот германски бренд „Лидл“ во Штип е заинтересиран за отворање на маркети на две локации. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов денеска на новинарско прашање, каде ќе биде лоциран „Лидл“ во Штип, одговори дека оваа компанија е заинтересирана за две локации, едната е спроти поранешното нервно одделение, каде што во моментов и интензивно се доградува и булеварот „Партизанска“, а втората е кај автобуската станица во Штип.

- На потегот кај булеварот „Партизанска“ веќе се работи на земјените работи, а втората локација од она што го добивме како информација од страна на оваа компанија е дека преговараат со сопственикот на објектот на Автобуската станица. Информациите исто така говорат дека Автобуската станица делумно ќе остане овде, нема да се дислоцира. Така да на еден дел на оваа површина најверојатно ќе се постави соодветен објект, каде што ќе биде и вториот маркет на „Лидл“, вели Јорданов.

Анкара - Надеждата за прекин на конфликтот во Украина се зголеми по победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД, оцени турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан за весникот „Милиет“.

- По победата на Трамп на изборите во САД, надежите за прекин на руско-украинската војна се зголемија. Ја поддржуваме територијалната целовитост на Украина, што е јасно од нашиот став во однос на Крим, истакна Фидан.

- Сепак, забележуваме дека оваа војна не носи корист на ниту една од страните – само предизвикува повеќе човечки загуби, уништување и финансиски трошоци. Овој факт им го објаснуваме на нашите американски и западни партнери и ја истакнуваме потребата од преговори меѓу завојуваните страни, рече турскиот министер за надворешни работи.

Фидан потсети дека Турција од првиот ден на конфликтот инсистира на дипломатско решение, пренесува Анадолија.

Брисел - Европа е блиску до исполнување на ветувањето за испорака на милион артилериски гранати на Украина, изјави денеска министерот за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел.

„Речиси сме готови. Веќе испорачавме повеќе од 980 илјади гранати, а многу наскоро ќе испорачаме милион гранати“, изјави Борел.

Тој посочи дека ЕУ не успеала да ги испорача ветените милион ракети до пролетта оваа година, но дека во последните месеци успеала значително да го забрза производството.

Борел изрази надеж дека ЕУ ќе и достави исто толку муниција на Украина.

Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави денеска дека Русија сака само продолжување на војната, па затоа на Украина и треба оружје за заштита од рускиот терор и зајакнување на дипломатските позиции.

„Русија сака само да ја продолжи војната, а секој нејзин удар ги побива сите нивни изјави за дипломатијата. На Украина и треба оружје за заштита од рускиот терор и посилна поддршка од светот за дипломатијата да стане реална и силна. Без принципиелни одлуки и силна поддршка Русија нема да има мотив да бара мир во Украина, туку само ќе бара нови цели“, напиша Зеленски на каналот Телеграм, во врска со рускиот ракетен напад врз Криви Рог во Днепропетровскиот регион, во кој беа повредени осум лица, меѓу кои две деца и уништен беше влез на петкатница.

Зеленски истакна дека Руската Федерација „го врши истиот терор секој ден и ноќ. Освен што се поголем број цивилни објекти стануваат мети“.

Москва – Се уште не се добиени сигнали од германскиот канцелар Олаф Шолц за продолжување на дијалогот со рускиот претседател Владимир Путин, и покрај укажувањата на германската страна, изјави денеска во Москва портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

- Ако кажат дека доаѓаат сигнали, тогаш ќе треба да ги чекаме. До денес нема, рече Песков. Кремљ постојано ја потврдува својата подготвеност за дијалог меѓу двајцата лидери, пренесе ДПА.

Во гостување на АРД Шолц вчера рече дека сака да разговара со Путин во блиска иднина, но нема да го стори тоа сам.

- Претходно се потребни разговори со други лидери, рече Шолц.

Путин во четвртокот повтори дека е отворен за разговори со западните лидери, но дека не може прв да крене телефон, бидејќи тие го прекинале контактот.

Брисел - Нема одлука ЕУ да испрати војници во Украина со каква било задача, изјави денеска на прес-конференција портпаролот на Европската комисија како одговор на прашања поврзани со информациите во европските медиуми за можното испраќање европски мировници.

Портпаролот истакна дека ЕУ спроведува мировна мисија за обука на украински војници на европска територија, чиј мандат неодамна беше продолжен.

Според него, ЕУ го поддржува секој напор што би довел до праведен мир и кој го зема предвид фактот дека Украина е нападната земја. Меѓутоа, додаде портпаролот, таквиот договор треба да биде во согласност со меѓународното право.

Околу коментарот на новоизбраниот американски потпретседател, Џеј Ди Венс, во кој е направена врска помеѓу слободата на говорот и европските правила во оваа област, работата на онлајн платформите и активностите на НАТО, портпаролот посочи дека ЕУ е дом на слободата на говорот, како што покажуваат меѓународните студии.

Брисел – Вкупно 17,1 проценти од вработените во ЕУ на возраст од 20 до 64 години лани биле ангажирани со скратено работно време, што претставува мал пораст во однос на претходната година кога ваков статус имале 16,9 отсто од европските работници. 

Според податоците на Европската статистичка агенција – Евростат, во претходната деценија уделот на ангажираните лица со скратено работно време бележеше постојано намалување од 19,1 во 2014 и 2015 година до 16,9 проценти во 2022 година, за лани првпат да има пораст на оваа стапка. 

Гледано по полови, во 2023 година уделот на ангажираните со скратено работно време кај вработените мажите изнесувал осум отсто, а кај жените 27,9 проценти. Додека кај мажите во целиот период изминатава деценија таа стапка се движела околу осум отсто, кај жените бележи намалување од 31,8 во 2014 на 27,9 проценти лани. 

Тел Авив - Канцеларијата на израелскиот премиер денеска соопшти дека Бенјамин Нетанјаху ги одобрил нападите со пејџери, кои зададоа смртоносен удар врз поддржаната од Иран либанска шиитска групација „Хезболах“.

Израелската армија, која води трансгранични борби со „Хезболах“ од почетокот на војната во Појасот Газа во октомври 2023 година, првично одби да одговара на прашања за експлозиите.

На 17 септември илјадници пејџери се активираа истовремено во јужните предградија на Бејрут и други бастиони на „Хезболах“. Во повеќето случаи, уредите експлодирале по активирање на звучен сигнал за дојдовна порака. Претставник на либанската групација го нарече инцидентот „најголемото безбедносно нарушување“ за „Хезболах“ од почетокот на конфликтот со Израел.

Меѓу настраданите, кои брзо ги преполнија болниците, имаше многумина со повреди на очите, откинати прсти или големи рани во пределот на стомакот.

Остани поврзан